БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Во с. Грдовци формирана паралелка со еден ученик. Белата чума во истокот го зема својот данок

Пренеси го гласот

Бројот на ученици во Брегалничкиот (Источен плански) регион е во постојан пад.

Уште еден поразителен факт во однос оваа лоша состојба е најновиот податок за бројот на ученици во селото Грдовци во општина Кочани.

На седница на Советот на општина Кочани Мнозинство на советници дадоа согласност т.е. изгласаа формирање на паралелки во Подрачното училиште на училиштето ООУ„Никола Карев“ во с. Грдовци, со намален број на ученици како што следува:

  • Во прво одделение формирање на паралелка со 1 ученик;
  • Во второ одделение формирање паралелка со 5 ученици;
  • Во трето одделение нема ученици;
  • Во четврто одделение формирање паралелка со 5 ученици и
  • Во петто одделение формирање на паралелка за 9 ученици.

Со тоа вкупниот број на ученици во ова подрачно училиште изнесува дваесет ученици.

Селото Грдовци според податоци од општина Кочани има вкупно 1 288 жители и е второ населено место по број на жители.

Од општина Кочани сметаат дека намалениот број ученици е привремен, ако се земе предвид соодносот на бројот на жители со бројот на ученици. Актуелното раководство на општината предводена од Градоначалникот Николчо Илијев во контекст на ваквата состојба сметаат дека

Секое дете има право да се образува во квалитетни услови и во најблиското училиште. Наставниците од одделенска настава во Подрачното училиште „Никола Карев“ село Грдовци се вработени на неопределено време. За да не се прогласува технолошки вишок се очекува со најавените пензионирања постепено да се намалуваат и паралелките.

Од опозиционата ВМРО-ДПМНЕ остро се спротивставуваат на формирањето на паралелки со еден или пет ученици како штетна појава која служи на власта за вработување на партиски кадри на СДСМ со што вештачки и неосновано се алоцираат финансиски трошоци во образованието од јавниот буџет на граѓаните.

Аргументацијата на советниците од ВМРО-ДПМНЕ е дополнително поткрепена со фактот дека подрачното училиште во Грдовци е оддалечено од ООУ “Никола Карев” во Кочани само 3.5 километри. Со оглед на малата оддалеченост и на малиот број на ученици советниците на ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека не би требало да биде поголем финансиски товар транспортот на учениците во Кочани, споредено со финансиските импликации за плати за наставниците и за одржување на наставата во подрачната зграда во село Грдовци кои што советниците на мнозинството од СДСМ ги изгласале.

Советниците на ВМРО-ДПМНЕ реагираат на евидентниот одлив на семејства и деца од општината во странство како интензивен тренд во последните години што директно се одразува на бројката на ученици. И ги прозиваат локалните и централната власт дека не прават ништо за ваквиот тренд да се намали, и наместо суштински решенија на проблемот, преку вештачки партиски вработувања креираат моментална сигурност на партиски активисти на СДСМ на штета на останатите граѓани партиципиенти во јавниот буџет.

Белата чума за граѓаните на Кочани е присутна и зема се поголем замав со актуелната власт на СДСМ во Кочани а мнозинството размислува само за партиски вработувања.

-е ставот на ВМРО-ДПМНЕ.

Од општинската администрација во контекст на овој присутен проблем понатаму информираат дека

Досегашната долгогодишна пракса покажува дека без разлика која политичка партија е на власт, а која во опозиција, советниците од власта гласаат за формирање паралелки со помал број ученици, а опозицијата не гласа,

при што за давањето согласност за формирање на паралелки со посочениот број на ученици во село Грдовци погоре, информираат дека

Министерството за образование сè уште се нема изјаснето за формирање на паралелки со помал број ученици. Барањето од Општина Кочани е поднесено на 5.7.2019 година со бр.08-1458/1. По добивање на одговорот, градоначалникот на Општина Кочани целосно ќе ги почитува одлуките на повисоките инстанци – Министерството за образование и наука и Советот на Општина Кочани

Дополнително од општината соопштуваат дека немаат информации за партиски вработувања од СДСМ во редот на наставниците во подрачното училиште во село Грдовци.

Креирано од:


Пренеси го гласот