БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Втор дел на интервјуто со Драган Ковачки- кандидат за пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија

Пренеси го гласот

По објавувањето на првиот дел од интервјуто со Драган Ковачки- кандидат за пратеник од Коалицијата за Обнова на Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ за нашиот портал и големиот број на реакции кои што ги предизвика во јавноста, за што искрено им благодариме на нашите читатели, во продолжение го објавуваме вториот дел од интервјуто:


*Брегалнички.мк: – Вашиот животен повик е Армијата на Република Македонија. Што Ве натера да го следите тој животен пат? Тежок ли е патот да се стигне до чин полковник и какво е чувството да се биде Македонски волк- Дел од Баталјонот за специјални намени?

**Драган Ковачки:

– Би рекол дека нема почесен повик од војничкиот. и нема посвета должност од одбраната на татковината. Тоа е тоа што ме мотивираше да се приклучам на АРМ, најпрвин со воено образование а 99-та година станав припадник на Баталјонот за специјални намени – Волци.

-Патот да се стане полковник не е толку едноставен меѓутоа не е невозможен. со тек на време преку труд, залагања, резултати се си доаѓа. Ако чесно си ја вршите својата должност, државата знае како тоа да го награди. Баталјонот за специјални намени уште од самото свое формирање е граден на патриотски чувства исто како и останатиот дел на АРМ.

-Врвното патриотско чувство е тоа што ги води, ги мотивира ги обединува сите припадници. Таму се развива другарство, таму се развива пожртвуваност.

Многу од припадниците помеѓу себе веќе се изврзани и роднински- кумски врски итн. Тоа чувство би рекол дека е ретко во нашата држава и во нашето општество. Таму се создаваат тие врски кои остануваат и траат цел живот. И не за бадијала ние имаме едно мото кое што го носиме цел живот:

“Еднаш волк- засекогаш волк.”


*Брегалнички.мк: – Со сите позитивни и негативни карактеристики на организациската структура и услови за работа во АРМ, дали Македонската армија може да се справи со модерните предизвици во рамки на своите надлежности?

**Драган Ковачки: – Па јас би се потрудил ова прашање да го одговорам на начин поприфатлив за народот. Не би сакал да навлегувам во класифицирани информации, кои што можат да ме доведат во непријатна ситуација. Нема да ја коментирам борбената готовност на армијата, тоа најдобро го знаат генералите и командантите на единиците. Меѓутоа ќе ја критикувам политиката на сегашното раководство на Министерството за одбрана, затоа што ние само се фалиме, се гордееме со тоа што сме станале членки на НАТО, меѓутоа ништо не правиме за тоа, не правиме доволно. Во ребалансот на Буџетот 2020 година од 2.3 милијарди намален е за 1.3 милијарда денари, сега имаме само 1 милијарда буџет. Програмата за НАТО од 1.8 милијарди е намалена за цела милијарда, значи на 800 милиони за НАТО- интеграција, значи зборуваме за НАТО. Минатата 2019 година реализацијата на капиталните инвестиции беше 25%. Не е купено ни едно ново сретство, ништо не е воведено. Армијата користи артилериски орудија кои што се 60-70 години стари. Тоа е понижувачки за една современа НАТО армија. 2018 година реализацијата на Буџетот беше малку поголема, меѓутоа тоа се должи на набавката на службени моторни возила кои што си ги купија функционерите во министерството. Не купија никакви борбени системи за војниците, не го подобрија животот, напротив. Се гордееме со тоа што сме купиле униформа на војниците. По еден пар панталони и по една кошула. Па нели е тоа поразително. Тоа е како обичниот граѓанин сега да дојде и да ви се пофали дека ги платил сметките за струја и телефон. Стана пракса да се гордееме со нешто што е нормално.

-И таа политика на госпоѓата Шеќеринска што јас ја нарекувам од надвор азно- од внатре празно не е добра за армијата на Република Македонија генерално. Таа не е добра ни за државата затоа што лажно ја претставуваме сликата пред нашите партнери.


*Брегалнички.мк: – Според вас колкаво е моменталното влијание на политиката во АРМ и дали сметате дека е тоа лошо или корисно?

**Драган Ковачки: – Има влијание политиката и за жал политичкото влијание е навлезено длабоко во армијата. Политичкото влијание воармијата е многу штетно за армијата, не е корисно. Армијата мора да биде изземена надвор од сите политички збиднувања. Војниците не смеат да бидат оптеретувани и да бидат притискани на овој или на оној начин за одредени политички работи. Ние имаме ситуации кога во мировни мисии се испраќаат луѓе кои што мора да поминат низ партиските структури, за жал. Значи не ги поминуваат процесите низ Министерството за одбрана кои што се пропишани, туку тие ги кршиме и испраќаме луѓе припадници кои што можеби во моментот не се најсоодветни за извршување на тие должности. А луѓе кои што исто така кандидирале по редовен пат, не заминуваат на тие мисии.

На тоа може најдобро да се види дали има влијание или нема влијание политиката. Политиката исто така има влијание и на унапредувањата во армината. Значи не се водиме од еден меритократен систем со кој што секој ќе си го добие заслуженото. Партиски структури одлучуваат дали одредени воени лица ќе бидат унапредени во одреден чин. И тоа е се поизразено. Тоа го дури гледаме во оваа кампања. До мене стигнаа неколку информации дека се нудат многу поволни услови за унапредување на поединци кои што не би биле унапредени доколку не би извршиле одредена политичка задача на нашиот политички противник. Јас само би им порачал:

-Останете имуни на овие притисоци, останете имуни на овие подлажувања, Гледајте си ја професијата.


*Брегалнички.мк: – Како реализиран професионалец сега сте исправени пред уште еден нов предизвик. Влегувате во политиката како надпартиски кандидат на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за пратеник во Македонскиот парламент. Кој беше вашиот личен мотив да влезете во овој предизвик и што е она што вас ве прави поразличен од вашите политички конкуренти?

**Драган Ковачки: – Македонија тоне по сите параметри: Сакате општествени, сакате социјални, сакате економски. Вие не можете ни една работа да ја завршите доколку не потплатите некого, доколку немате некој познаник некаде во државните институции. Република Македонија се соочува со еден масовен наплив на корупција од размери кои што чинам досега не се видени на нашево тло. За било што да направите во вашиот живот вие треба да имате визија, треба да имате одлучност и треба да имате посветеност кога ја работите таа работа. Јас мислам дека такви работи поседувам.

Во текот на мојата кариера сум се соочувал со одговорни задачи. Со предизвици кои што сум наоѓал начини да ги пребродам.

Ценам дека целото искуство кое што е позади мене може да посведочи и ќе ми помогне во оваа битка. Пред се станува збор за битка за народот, за граѓаните, за подобриот живот. Ние не зборуваме за теми кои што нема да го допрат обичниот граѓанин. Ние зборуваме за теми кои што ќе вклучат над илјада проекти.

Ние ќе понудиме проекти кои што ќе го подобрат животот на нашиот граѓанин, ќе го вратат згазеното достоинство.

bregalnickimarketing

*Брегалнички.мк: – Каква предизборна кампања можеме да очекуваме од Драган Ковачки и неговиот тим за претстојните избори и која е вашата визија за работењето на идниот собраниски состав, кој ќе биде вашиот личен удел во таа насока?

**Драган Ковачки: – Јас и Коалицијата за Обнова на Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе водиме фер и коректна кампања. Кампања која што е насочена кон граѓаните. Ние нема да се криеме позади екраните и ќе викаме дека се грижиме за здравјето на граѓаните а притоа ќе ги кршиме мерките како што тоа го прави нашиот политички противник. Нема да вршиме поткуп. Вие сте свесни во изминатиот период излегоа многу работи кои што укажуваат дека се случува масовен поткуп на нашите граѓани, се случуваат закани и уцени. Со такви работи ние нема да се служиме. За мене тие работи се недозволени. Доколку некој сака глас, тој глас треба да го заслужи а не да го купи. Затоа што достоинството на човекот е на прво место. Во изминатиот период гледавме не само пари, гледавме и шеќери, гледавме и зејтин, не знам со какви се не уцени и закани се служеа нашите политички противници.

-Во новиот собраниски состав гледате дека влегуваме едно комплетна нова генерација на политичари. Од стариот состав три или четири кандидати се само на листите на ВМРО-ДПМНЕ.

Ние ќе понудиме свежина, ќе понудиме визија и ќе ја понудиме нашата одлучност за Обнова на Македонија. Ќе понудиме правда. Нешто што недостига во изминатиот период. Правдата е основата на постоењето на државата- владеењето на правото. Без тоа ние не можеме да сметаме на постоење на нормална држава. Новиот собраниски состав мора да биде коректор на власта, на извршната власт на Владата, а не обратно како досега. Нека ми простат сите што ќе ме гледаат и слушаат, меѓутоа парламентот не смее да биде гласачка машина на владата. Парламентот е коректор на владата. Преку тие анкетни комисии или други тела кои што постојат во собранието ќе се контролира владата, ќе се контролираат постапките на владата. Затоа што во изминатиот период видовме дека тој начин како што беше досега не функционира, односно не носи добро на државата.

*Брегалнички.мк: – Дали би прифатиле министерско место во новата Македонска влада?

**Драган Ковачки: – Јас сум кандидат за пратеник од изборната единица број 3. Ги покривам регионите Делчево, Берово, Пехчево и Македонска Каменица. И во овој момент сум фокусиран само на тоа. Да ја донесеме победата на ВМРО-ДПМНЕ.

Да ставиме крај на тонењето на Република Македонија како што реков и конечно: Да го поразиме врвот на СДС.

И кога зборувам за Социјал- Демократскиот Сојуз, внимавајте не зборувам за целиот СДСМ затоа што таму има чесни луѓе. Социјалдемократијата за мене не е страна тема, можеби и убава тема, меѓутоа раководството на таа партија е тоа што треба да одговара и треба да биде поразено.


*Брегалнички.мк: – Во Делчево Ваш политички конкурент за пратеник од владеачката партија е лекарка и која што не е истакнат партиски активист на СДСМ во делчевската јавност во минатото. Имате ли некаква порака која што би сакале да ја упатите на Вашиот политички противник во пресрет на изборната кампања?

**Драган Ковачки: – Јас немам познавања за мојот политички противник. Би и’ посакал среќа на претстојните парламентарни избори, би побарал фер и коректна кампања од нејзина страна, иако видовме дека во изминатиот период како што споменав предмалку дека се вршат доста закани и уцени кон граѓаните. Ние тие работи ги знаеме, знаеме до детали кој е уценуван и со што е уценуван. Како и да е… јас би ги охрабрил граѓаните да не се плашат. Се што ќе им се понуди, се да си земат затоа што тоа е купено со нивните пари. Тоа не се пари од партијата СДСМ. Тоа се пари од Буџетот на Република Македонија или проневерени пари од европските фондови. Значи се што ќе им понудат да си земат. А ги повикувам исто така и институциите посериозно да си ја сватат задачата и да ги гонат сторителите на ваквите недела.


*Брегалнички.мк: – За крај што би им порачале на нашите читатели делчевчани, малешевци, сите жители на Брегалничкиот регион и сите Македонци насекаде низ светот?

**Драган Ковачки: – Пред почетокот на кампањата на сите граѓани почнувајки од Малешевијата, Пијанецот, граѓаните под Осоговските планини, овчеполието, штипскиот Исар, значи цела изборна единица 3 па и Република Македонија, би им порачал дека треба да знаат дека правото на глас е суверено право. Секој ќе си заокружи тоа што си мисли, тоа си е негово право. Никој не може да му ја наметне неговата волја затоа што ние се трудиме да бидеме демократи. Останете си достојни на тоа што сте, Ние сме Македонци, ние мора да се обединиме да си ја одбраниме татковината. Исто така ги повикувам и Македонците по род од дијаспората да се вратат во Република Македонија, да го дадат својот глас за Обновата за Македонија и за ВМРО-ДПМНЕ. Само сплотени и обединети можеме да го победиме ова зло.


*Брегалнички.мк: – Сигурни сме дека јавноста сега ја има комплетната слика за тоа каков е Драган Ковачки не само во професионалниот живот туки и во приватниот живот , Ви посакуваме многу успеси на полето политика. Се надевам дека и младите добија одличен пример дека упорноста и трудот секогаш се исплаќаат особено кога оставаме да не водат амбициите.

**Драган Ковачки: – Ви благодарам на поканата, се надевам дека успеавме да доловиме дел од мојот приватен живот


Креирано од:


Пренеси го гласот