Опозициската ВМРО-ДПМНЕ од Општинскиот комитет од Штип на прес конференција денеска ја прозва локалната самоуправа предводена од СДСМ за неостварените ветувања од областа на енергетската ефикасност од нивната предизборна програма.
На прес конференцијата Христина Серафимовска која што е член на Советот на Општина Штип од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ја обвини владеачката СДСМ дека во поднесената Предлог програма за енергетска ефикасност за 2021 година никаде немало ни трага од најавената гасификација на општина Штип со која што граѓаните ќе добијат евтин енергенс какко за домаќинствата така и за стопанството.
Целата прес конференција на Христина Серафимовска од ВМРО-ДПМНЕ ја пренесуваме во продолжение:
“Помпезните ветувања на СДСМ за создавање на енергетски ефикасна Општина паднаа во вода откако на денешната седница на Советот беше поднесена Предлог програмата за енергетска ефикасност за 2021 г., последна до истекување на мандатот на претстојните локални избори.
Од Програмата може да се види дека долгонајавуваната гасификација била планирана и реализирана, но само на ниво на планска документација. Во Програмата за ефикасност за оваа година каде треба да биде застапен делот за реализација на ветеното, гасификација воопшто нема!
Од приложеното исто може да се заклучи дека воопшто не се размислува ниту за реализација на енергетски ефикасните фасади за станбените згради на најголемите населби во Штип, кои беа ветени во кампањата 2017. За потсетувања, тогашните ветувања беа поткрепени и со присуство на претставници од централната власт, како би биле поуверливи.
Ветувањата требаше да обезбедат идеална, модерна и енергетски ефикасна Општина по примерот на западните земји, која ќе генерира заштеди на електрична енергија и ќе го зголеми квалитетот на живот на граѓаните и низа подобности на бизнис секторот.
Она што оваа власт го нуди како замена за ветеното се интервенции во кровот на некои од училиштата и енергетски ефикасно осветлување, кои впрочем беше дел од активностите уште на претходната власт на ВМРО ДПМНЕ.
И покрај предупредувањата, потреби беа цели 4 години за вистината да излезе на виделина. Токму навреме за граѓаните да ја казнат оваа ненародна власт за изневерената доверба на претстојните локални избори.”