БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

БОЖИНОВСКА: ПОТРЕБНИ СЕ ЕДНАКВИ МОЖНОСТИ ЗА ЖЕНИТЕ ВО КАРИЕРНИОТ РАЗВОЈ И ЛИДЕРСТВОТО

Пренеси го гласот

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини и амбасадорка на регионалната мрежа Women on Boards Adria (WOBA), Сања Божиновска, денеска учествуваше на настанот „Жените во корпоративното лидерство: Од сознанија до акција“, организиран од WOBA во соработка со Европската инвестициска банка (ЕИБ), посветен на унапредувањето на учеството на жените во корпоративното управување и на раководните позиции.

Во своето обраќање, Божиновска ја истакна потребата од создавање услови во кои жените ќе можат да го реализираат својот професионален потенцијал, да напредуваат во кариерата и истовремено да имаат можност за исполнет семеен живот, без едното да биде пречка за другото.

„Жените не треба да бидат ставени пред изборот меѓу професионалниот успех и семејството. Нашата цел треба да биде општество и работна средина што ќе им овозможат да бидат успешни во двете улоги. За тоа се потребни разбирање, поддршка, еднакви можности и корпоративна култура што го вреднува знаењето, искуството и резултатите“, порача Божиновска.

Таа нагласи дека родовата еднаквост не е само прашање на правичност, туку и на економска логика, конкурентност и квалитетно корпоративно управување. Компаниите што обезбедуваат еднакви можности и активно го вклучуваат женскиот потенцијал во процесите на одлучување добиваат поширока перспектива, поквалитетни одлуки и поголема отпорност на економските предизвици.

Посебен акцент стави на потребата од транспарентни критериуми за вработување и унапредување, поголема застапеност на жените во управните и надзорните одбори, менторски програми, професионални обуки и подобри услови за усогласување на професионалните и приватните обврски.

Како прва министерка за енергетика, рударство и минерални суровини, Божиновска посочи дека особено внимание се посветува на охрабрувањето и професионалното зајакнување на младите жени, особено студентките од техничките факултети, со цел нивно поголемо вклучување во енергетиката и рударството – сектори во кои жените треба да имаат еднаква можност за развој и лидерство.

Во таа насока, таа ја истакна и соработката со WOBA, преку потпишаниот Меморандум за соработка и нејзиното прифаќање на улогата амбасадорка на мрежата за нашата земја, како можност за дополнително отворање простор за компетентни жени на највисоките позиции во корпоративниот сектор.

„Родовата еднаквост не е задача само на жените. Таа бара поддршка и од мажите, од раководителите, управните одбори, компаниите и институциите. Потребна ни е средина во која жените ќе бидат препознаени според своите способности и резултати, а нивниот професионален и личен развој ќе биде поддржан“, порача Божиновска.

Таа заклучи дека целта не е само поголема бројност на жените на раководни позиции, туку создавање систем во кој нивното знаење, искуство и лидерски потенцијал ќе бидат целосно препознаени и искористени.

Креирано од:


Пренеси го гласот