Втората лонгплејка на бендот “21 Век” е онлајн за преслушување и веќе грижливо си ги бара своите слушатели со истенчен и високостилизиран вкус на естетика и вредности.
Новата 2020 година за бендот започна најубаво што можеше со издание во првиот ден од новата, кое на некој начин ја продолжува приказната од нивниот претходен деби албум (верувале или не) насловен како “1 LP”.
Новиот албум “2 LP” повторно како и неговиот претходник содржи девет песни кои го следат истиот лирски наратив, динамика, звук и аранжерски предиспозиции.
За мене како љубопитен следбеник на нивниот суптилен звук и естетика можам слободно да кажем дека овие две изданија се всушност едно издание поделени на две страни на магнетофонската лента: Страна А и Страна Б.
Да, можеби таквото издание ќе биде малку подолго ама ќе биде комплетно, содржејќи ја во себе истата мантра на скокотливи поединечни слики изградени од фрази и термини како на лирскиот така и на звучниот израз, кои се актуелни и препознатливи наоколу во нашето секојдневие.
Естетиката на звукот и продукцискиот капацитет содржан на оваа втора постава на нивното досегашно креативно дело повторно го носат тој непретенциозен и ненаметлив ритам со кој сме растеле како генерација во Македонската андерграунд сцена, но сега збогатен со една панорамска бас линија, која пак е комотна лулка на звукот на гитарата кој останува да гребе по потсвеста подолго време по завршувањето на било кој а од песните.
Така непретенциозната и навидум едноставна музичка хармонија на изданието останува да се памети долго после завршувањето на последната песна, што создава перцепција дека албумот е некако прекраток а увото очекува уште.
Покрај првата песна “Улица по улица” што беше своевиден сингл за овој албум, песната “Црвени штитови” за мене како слушател е она што е носечки столб на целиот албум поради тој бесконечен луп на хармонијата и музичките делници што создаваат навидум гравитациско поле околу кое гравитираат останатите песни.
Вредно парче музика на Македонската музичка сцена која ако не беа изданија како овој албум слободно можеме да кажеме дека е проголтана од помрачината на заборавот.
Преслушајте и најдете начин како да го поддржите овој бенд на тројца македонски мускетари (двајцата небркати а еден со брада): дали на концерт, дали со купување на нивната музика.

СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Врчак и Симона со „Сонце по дожд“ ја продолжуваат музичката приказна што започна пред години
ИСТОРИСКИ УСПЕХ ЗА МАКЕДОНСКИОТ ХИП-ХОП: НИНА ТАЛЕСКА Е СВЕТСКИ ВИЦЕШАМПИОН!
„ЈЕЕЈ!“ ПРОДОЛЖУВА ДА ГО ОТКРИВА СВЕТОТ НА МУЗИКАТА – Биби и Боби со нова епизода оваа сабота