БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Градоначалникот на Велес со демант и барање за извинување: Фокус лаже!

HTML Image as link Имате потреба од нов веб сајт?
An image from Squarespace
Пренеси го гласот

Градоначалникот на општина Велес Марко Колев по објава на печатениот весник- неделникот Фокус и нивното електронско издание www.fokus.mk „Сомнителни набавки за роднини и другари во општина Велес: Тракторчето од 44.000 евра во рацете на приватна фирма“, напишан од новинарот Орце Костов излезе во јавноста со свој демант во кој ги разобличува лагите на посочениот медиум и бара извинување за обидот за нарушување на честа и угледот на градоначалникот и општината во јавност.

“ДЕМАНТ И БАРАЊЕ ЗА ИЗВИНУВАЊЕ ЗА ИЗНЕСЕНИ НЕВИСТИНИТИ ТВРДЕЊА ОД СТРАНА НА РЕДАКЦИЈА ФОКУС И НОВИНАРОТ ОРЦЕ КОСТОВ СО ЦЕЛ КЛЕВЕТА И НАРУШУВАЊЕ НА УГЛЕДОТ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ И ОПШТИНАТА

Продолжуваат неоснованите напади и тенденциозни невистинити тврдења со цел дискредитирање на вршењето на градоначалничката функција и Општината, за што до редакцијата на Фокус е доставен Демант и барање за извинување. Демантот ви го пренесуваме во целост:

HTML Image as link НЕТКРИЕНО БОГАТСТВО ОД ТРАДИЦИЈА, ПРИРОДА, ИСТОРИЈА...
An image from Squarespace

Во врска со написот со наслов „Сомнителни набавки за роднини и другари во општина Велес: Тракторчето од 44.000 евра во рацете на приватна фирма“, напишан од новинарот Орце Костов и објавен на 6 март 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.535, како и објавен на 1 април 2025 година на веб страната focus.mk, Општина Велес го доставува овој демант за кој бараме да биде објавен на ист начин на кој беше изнесена невистинитата содржина, како и извинување од страна на потпишаниот новинар за изнесените невистинити тврдења, во спротивно ќе бидеме приморани да покренеме соодветна судска постапка.

Д Е М А Н Т

1. Во врска со споменатата набавка на машина за хоризонтално бележење, како и извршената ревизија од страна на Државниот завод за ревизија, не е вистина дека ДЗР констатирала проблематична набавка, односно, во Дел 4. Заклучок од извештајот стои наведено следново: „Со опфатот и доказите кои се обезбедени по пат на спроведување ревизорски техники и методологија, добивме разумно уверување да го изразиме следниот заклучок: Ние не изразуваме заклучок за начинот и постапката за доделување на договор за јавна набавка на машина за бележење хоризонтална сигнализација и негова реализација кај Општина Велес. Ние не бевме во можност да обезбедиме доволни и соодветни ревизорски докази за да обезбедиме основа за формирање заклучок.“.

Во продолжение на истиот извештај се наведени препораки за мерки и активности кои треба да бидат преземени од страна на градоначалникот и Општината, каде што воопшто не се покренува прашањето за потреба од понатамошно постапување на Антикорупциска комисија како што тврдите во вашиот напис. Извештајот е јавно достапен на веб страната на ДЗР поради што сте знаеле или сте можеле да знаете за горенаведеното, но наместо тоа во вашиот напис сте се служеле со тенденциозно вадење на делови од контекст.

Во однос на наводите за повисока цена во споредба со други општини, како што стои наведено во Извештајот, но и како што претходно беше соопштено од страна на Градоначалникот Марко Колев на прес конференција одржана на 26 јануари 2024 година, разликата во цената се должи на разликата на карактеристиките и перформансите кои ги поседува машината, согласно потребите на конкретната Општина.

Дополнително, ниту една објава не е избришана од официјалните профили на Општината и градоначалникот Марко Колев по објавувањето на извештајот, што повторно укажува на лажно тврдење од ваша страна:

https://www.facebook.com/share/p/14aScFaEGe

https://www.facebook.com/share/p/1FRqYaxtmJ

https://www.facebook.com/share/p/1FV5i8ajoF

https://www.facebook.com/share/p/1BY2wLFG1M

2. Уште една лага во низата изнесени во спорниот напис е дека машината е дадена на приватна компанија регистрирана за таква дејност, со која за услугата има склучено едногодишен договор во вредност од 300.000 денари. Целосно го демантираме ова тврдење како невистинито, односно машината со одлука на Советот на Општина Велес е предадена на трајно користење на ЈКП Дервен и истата не може да се оттуѓува или предава на друг субјект без друга соодветна одлука. Во врска со конкретното користење на машината за хоризонтално бележење, покрај службите од ЈКП Дервен, поради брзо и ефикасно завршување на работите Општината со договор на дело дополнително ангажира надворешни лица со соодветно искуство, вработени во гореспоменатата фирма.

Склучениот договор со фирмата „АТС инеженеринг ДООЕЛ“ од Велес на кој се повикувате воопшто не се однесува на хоризонтално бележење што повторно сте можеле да го знаете пред објавување на написот бидејќи информацијата е јавно достапна и видлива во техничката спецификација која е објавена на страната на ЕСЈН како прилог кон самиот договор.

3. Во врска со наводите за станбена зграда наместо хотел, каде се тврди дека Општината го прекршила законот за градежно земјиште односно ја отуѓила парцелата со непосредна спогодба за оформување градежна парцела, авторот на текстот веројатно воден од лични причини за дискредитација на работата на градоначалникот повторно се служи со невистинити тврдења, бидејќи носењето на ваква одлука е надлежност на Владата на Република Македонија, а не на Општината, и спогодбата е потпишана од Владата во претходен состав, а не од градоначалникот Колев.

Понатаму, невистинити се тврдењата дека е дадено одобрение за апартмани за продажба, бидејќи како што и самиот автор наведува, Општината има издадено одобрение за градење на Б5 хотелски објект – апартмани, што е во согласност со предвиденото во конкретниот ДУП – хотелски комплекс. Дополнително, Општината во повеќе наврати ја провери исправноста на одлуката за издавање на Одобрение, при што се утврди и воспоставена пракса во повеќе општини во Македонија за ваков вид на хотелски комплекси.

4. Во делот од објавениот напис насловен како „ОПШТИНСКИ ПАРИ ЗА РОДНИНИ И ПРИЈАТЕЛИ“, конкретно за проектот „Кондензиран воздив по тебе“ како дел од прославата на јубилејот 80 години слободен Велес, каде се потенцира дека авторот Темелко Андреев е ангажиран поради поврзаноста со Александра Иванова, раководител на одделението за поддршка на градоначалникот Марко Колев, уште еднаш ќе го потенцираме она што беше истакнато повеќе пати досега. Во реализацијата на овој проект беа избрани артисти исклучиво од Велес со цел давање на дополнителна вредност и автентичност на делото, професионалци во својата област независно од роднинска, партиска, етничка или било каква друга припадност. Покрај Андреев кој како долгогодишен продуцент е истакнат со својата работа и конкретно за ваков вид на аранжмани и современи преработки на традиционални песни е единствен во Велес, учестуваат уште 7 (седум) врвни музичари и 5 (пет) солисти. Налогот за исплата на хонорар се однесува за сите вклучени во подготовката на песните и за изведбата во живо на концертот кој беше дел од свечената академија, а не само за авторот. Со овој проект покрај поддршката на локалните артисти, Општината доби уметничко дело со трајна вредност, за кое реалната пазарна вредност е повеќекратно поголема од исплатената.

Општина Велес во своите програми има предвидено средства за поддршка на здруженија на граѓани и реализација на настани и активности. Покрај платформата „Отворени финансии“ на која се повикувате, со оглед на фактот дека програмите се јавно достапни редакцијата на Фокус имала можност да направи увид и да утврди дека освен споменатото здружение „Премиера“ поддржани се и многу други здруженија од различни области, повторно независно од нивната пријателска, роднинска, партиска или било каква друга припадност. Споменатата Анита Станинова Мирчева е само една од многуте професионалци со кои Општината соработува при реализација на предвидените програми, а конкретно за реализација на „Детски Рацинови средби“ уредно доставува наративен и финансиски извештај кој е усвоен од Советот на Општина Велес без никакви забелешки.

5. Во делот од написот „ВЕЛЕШКОТО ЕЗЕРО БЕЗБЕДНО САМО ЗА КОЛЕВ“ продолжуваат невистинитите тврдења на авторот на текстот. Општината секогаш постапувала согласно своите надлежности и законски можности имајќи во предвид дека ингеренциите за управување и одржување на акумулацијата Младост како и браната Отовица припаѓаат на ЈПВ „Лисиче“, согласно одлука на Влада на РМ со број 51-3700/1 од 26.07.2011 година. За ова, како и за преземените активности јавноста на 6 август 2024 година беше известена преку официјалните профили на Општината и градоначалникот, каде што спротивно на тврдењата во написот стои наведено следното: „Институтот за јавно здравје на РСМ врз основа на нивните согледувања, согласно добиеното стручно мислење од 05.08.2024 година апелира до граѓаните, до следното известување, да ги почитуваат следните препораки: водата од акумулација Младост да не се користи за спорт и рекреација, за риболов, наводнување на земјоделски култури и напојување на животни, особено домашни миленици.“

(линк до објавата: https://www.facebook.com/share/p/15nrdEmqbM/ )

6. Последниот дел од написот се однесува на исплатените средства за концерт, наместо за донација. Како што и самиот автор ја цитира изјавата на градоначалникот, идејата е овој хуманитарен концерт да стане традиција каде со време ќе се подигне свеста на граѓаните и ќе може да биде ставена поголема цена на чинење на билетите, наместо овогодинешната симболична цена од 400 денари со вклучено гратис ЦД од албумот на Сара Мејс. Со ова ќе се постигне посакуваниот ефект за бенефит на сите, односно реализација на убав музички настан за уживање на посетителите од една страна и хуманитарната компонента од друга страна. Но, како и за се друго, така и за ова потребно е време за создавање на таква култура на делување. Напоменуваме дека во платениот износ за реализација на концертот учестуваа околу 30тина музичари и изведувачи.

Во написот уште се споменува и лицето Стево Крстевски, целосно непотребно, само поради кумската врска со градоначалникот, која за волја на вистината е од пред назначувањето на функција, како резултат на долгогодишно пријателство кое започнало уште во основно образование. Дополнително, иако е вистина дека беа побарани одговори, написот беше објавен без да се почекаат истите иако беше најавено дека ќе се достават подоцна, поради што уште еднаш се гледа тенденциозноста во постапувањето. Очигледна е намерата за дискредитација со цел фрлање сомнеж на работењето на општината и градоначалникот, но она што изостанува во целиот напис е новинарската непристрасност, објективност, етика, како и целовитост и доследност во пишувањето. Од тие причини бараме овој демант да биде објавен на ист начин на кој беше изнесена невистинитата содржина, како и извинување од страна на потпишаниот новинар за изнесените невистинити тврдења, во спротивно ќе бидеме приморани да покренеме соодветна судска постапка.

НАПОМЕНА: Забрането е секакво изменување, парафразирање или вадење на делови од контекст. Демантот да се објави во целост изворно како што е напишан и доставен.”

-стои во демантот на градоначалникот на општина Велес Марко Колев.

Креирано од:


Пренеси го гласот
HTML Image as link Интернет портал за афирмација на земјоделието
An image from Squarespace