БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Чествување по повод роденденот на големата хуманистка Мајка Тереза во нејзиниот роден град

Пренеси го гласот

Денеска во присуство на високи државни претставници беше одбележан роденденот на големата хуманистка Мајка Тереза во нејзиниот роден град Скопје.

На одбележувањето присуствуваше Премиерот на Република Македонија Христијан Мицкоски заедно со Министерот за култура Зоран Љутков и голем број почитувачи на нејзиното дело.

Премиерот Мицкоски во врска со настанот на социјалните мрежи напиша:

“Мајка Тереза често велеше „Сепак, не јас, туку Христос живее во мене“. Таа претставува синоним за сето добро, благородно, чесно за тоа како од срце искрено се помага на оние на кои помошта им е најмногу потребна. Таа беше често именувана како светица на сиромаштијата и сиот свој живот им го посветила на невините жртви на насилството, на оние кои умираа низ улиците, на болните од лепра и од сида. Таа живееше едноставно, како за време на животот, така и по нејзината смрт – остана синоним за доброто во светот.

Денес Мајка Тереза му припаѓа на светот. Нејзиниот живот не познаваше граници, ниту разлики и таа обединуваше различни култури, различни луѓе и народи. Таа е и најдобриот мост на поврзување денес и во местото од каде потекнува Скопје. Таа е нишката која ги поврзува Македонците, Албанците и сите кои живееле на овие простори, но и пример кога срце полно со љубов е спремно за големи подвизи и победа над сите предрасуди и препреки.

Да извлечеме поуки од оваа голема Скопјанка и хуманистка, да се почитуваме едни со други, да споделуваме грижа, да ги помагаме обесправените, угнетените и сиромашните.

Да го следиме примерот на Гонџа која го менуваше светот. Само така ќе обезбедиме иднина за сите.

Нека е вечен споменот за Мајка Тереза.”

-напиша Премиерот на Република Македонија Христијан Мицкоски.

Со своја објава на социјалните мрежи се обрати и Министерот за култура Зоран Љутков:

“Со длабока почит и благодарност денеска се сеќаваме на Агнеса Гонџе Бојаџиу родена овде, во нејзиното и наше Скопје на 26 август 1910 година, жената која со својата мисија и посветеност на најранливите, стана бесмртна светлина која продолжува да го осветлува патот на хуманоста и добродетелството. Нејзиниот живот и дело сесведоштво за силата на човечката добрина и милост, кои продолжуваат да инспирираат и да се пренесуваат од генерација на генерација.

Манифестацијата „Светлината на Гонџе“ ни дава можност да ја доловиме светлината што Мајка Тереза ја донесе во животите на милиони луѓе во светот, да ја разгледаме и да ја оцениме длабочината на нејзиното влијание и да го продолжиме нејзиниот пример на хуманост. Денеска посакувам да го чуеме нејзиниот глас кој ќе ни биде водилка во нашата работа и во нашето живеење.

Со реализацијата на оваа традиционална манифестација, Институтот за духовно и културно наследство на Албанците веќе четврта година оддава почит на светицата Мајка Тереза.

Министерството за култура и туризам, низ годините поддржа реализација на многу проекти со кои се чува споменот на големата хуманистка, а Спомен-куќата на Мајка Тереза стана неизоставен дел од туристичката мапа во Македонија.”

-напиша тој на фејсбук.

Креирано од:


Пренеси го гласот