Иванден – еден од големите христијански празници од летниот циклус каде се слави раѓањето на Свети Јован Претеча и Крстител Господов. Во Македонската народна традиција овој празник е поврзан со летниот солстициј, односно со периодот на долгодневицата. Овој празник во годишниот круг празници е симетричен на Божиќ, денот поврзан со зимскиот солстициј, односно со периодот на краткодневицата. Овие два празници ги поврзуваат и повеќе обичаи и верувања поврзани пред се со сонцето. Во таа насока се и обичаите и верувањата поврзани со огновите. Ритуалите со билките, исто така претставуваат еден од најважните елементи поврзани со Иванден, а тие пак исто така се остаток од старите словенски верувања. Со Иванден се поврзани многу обичаи и верувања но најповеќе се однесуваат на билките и верувањето во нивната магиска моќ. Верувањето пак дека тој ден играло сонцето или дека се превртувало три пати е поврзано со тоа што Иванден се паѓа во најтоплиот период од годината.
Најпознат обичај на Прославата на Иванден е Тајане. Тоа претставува македонски календарски обичај поврзан со празникот Раѓањето на Свети Јован Крстител – Иванден (7 јули /24 јуни). Најдолго се задржал во Прилепско, Битолско и Крушевско. Од обичаите што се изведуваат на овој ден повпечатливи се оние поврзани со растението папрат. Имено вечерта спроти празникот се бере папрат, а тоа пак е поврзано со верувањето во неговата апотропејска моќ. Папратот се става на постелата и на него се спие за здравје, а рано наутро на самиот ден Иванден се плетат венци што се ставаат во бавчите за да ги чуваат од разни болести, временски непогоди како и други несреќи.
Во времето кога според предвидувањето на старите пророци требало да се роди спасителот, Евреите биле под ропство на Римјаните. Во тоа време живеел еден чесен и побожен човек Захарија со својата жена Елисавета, веќе остареле, а немале деца, што во тоа време се сметало за божја казна и голема несреќа. И двајцата постојано го молеле Бога да им даде рожба и Бог ја слушнал нивната молитва. Еднаш кога Захарија во црквата се молел на Бога го слушнал гласот на ангелот Гаврил кој му рекол дека ќе добие син што ќе се вика Јован. Кога се родил синот според обичајот требало да го носи името на таткото, но кога Захарие го запрашале за името, тој рекол да се вика Јован и раскажал дека детето ќе биде пророк, што ќе оди пред спасителот и ќе му го подготвува патот.
Во младоста Јован живеел во пустината во близина на долниот тек на реката Јордан. Кога наполнил 30 години по божја воља ја напуштил пустината и се вратил меѓу еврејскиот народ, каде што ги учел луѓето да се покајат и да се подготвуваат за доаѓањето на Спасителот. Во тоа време Исус се подготвувал за учител. Но според тогашните закони учител можело да биде лице со наполнети 30 години. Затоа и Исус кога наполнил 30 години дошол на реката Јордан за да биде крстен. Јован кој дотогаш не го има видено, веднаш се сетил дека тој е Спасителот. Во почетокот Јован го одвраќа велејќи му: „Јас треба од тебе да бидам крстен, а ти при мене ли доаѓаш?“ Но кога Исус му рекол: „Остави го сега тоа зошто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда“, Јован го крстил, во водата.
Јован постојано ги проповедал позитивните животни принципи, и жестоко ги критикувал неморалот, лагите, развратот кои во тоа време во Римската империја го достигнале својот врв. Поради тоа бил омразен меѓу римјаните и бил убиен кога Саломија, ќерката на Ирод ја побарала неговата глава на послужавник.
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Сонував дека сум цар. Се разбудив и се уште бев цар- на денешен ден замина последниот Македонски цар
На денешен ден во центарот на Штип револуционери на ВМРО го убиваат генералот Михајло Ковачевиќ
На денешен ден пред 1010 години починал Македонскиот Цар Самуил