БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Интервју со Иван Гоцевски: Време е Делчево да добие нов практичен пристап за решавање на реалните проблеми на граѓаните

Пренеси го гласот

Се сеќавам како денес да беше на првиот состанок откако беше поставен за Претседател на Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Делчево, а јас бев поканет медиумски да го проследам настанот од неговата нова екипа, Иван Гоцевски направи еден гест кој што веднаш ми остави голем впечаток. Пред присутните извади знаме со златно жолтото шеснаесет-крако сонце го постави на постаментот под прозорецот на просторијата и рече:

“Ова знаме ќе стои во чест на еден неодамна починат пријател-соборец”.

Во пресрет на локалните избори, како главен и одговорен уредник на Брегалнички портал упатив повеќе прашања од јавен интерес до кандидатот за градоначалник на општина Делчево на претстојните локални избори во Делчево од редовите на ВМРО-ДПМНЕ кој без задршка ја прифати поканата и одговори на прашањата.

Иван Гоцевски во ова наше интервју зборува за својата визија и планови за развојот на Делчево во наредниот 4 годишен мандат. Преку тимска работа Гоцевски вели дека ќе работи со сите граѓани за да креира подобра иднина за нашето Делчево.

“Ќе го посветам целиот мој капацитет, знаење и искуство и заедно со мојот тим да ги вратиме насмевките повторно на лицата на сите мои сограѓани,”

-e основната визија кон која ќе се стреми овој млад човек со богато менаџерско искуство.

Со многу настојување, решителност и упорност Гоцевски вели дека ќе овозможи локалните институции во Делчево значително да го подобрат својот капацитет на јавни услуги кон граѓаните затоа што болката на овој напатен народ во подножјето на планината Голак е токму тоа:

– Однароденоста на институциите!

А развојот на Делчево во вистинска граѓанска локална заедница која ќе биде чекор со современите општествени трендови ќе дојде како вкупен резултат од реализацијата на зацртаните програмски определби.

Денес Ви го претставуваме интервјуто со Иван Гоцевски, кој е успешен менаџер на семејно земјоделско стопанство, докажан бизнис менаџер во успешна приватна компанија на полето на активната комерција не само во Делчево туку во државата и пошироко во меѓународни рамки повеќе од деценија и пол. Иако е релативно млад, за него токму искуството од приватниот сектор е неговата најголема предност и гаранција дека во општината ќе донесе многу нови иновативни практични решенија, целосно нова енергија и свежина во политичкиот живот во Делчево.

„Одговорноста кон градот каде што живеам и работам и позитивниот фидбек од граѓаните е мојата најголема мотивација за претстојните 4 години служба во интерес на сите граѓани на Делчево.“


1. Од бизнис во политика

Прашање бр. 1- Брегалнички Портал: Долги години сте дел од бизнис-секторот. Што Ве мотивираше да преминете од приватниот сектор во политиката и да се кандидирате за градоначалник?

Иван Гоцевски: -Моето секојдневие постојано е поврзано со работа со луѓе, со исполнување на строгите стандарди на пазарот на побарувачка за задоволување на потребите на сите граѓани и со барање практични решенија за соработка од обостран интерес. Истовремено гледав како Делчево стагнира, во одредени сегменти пропаѓа, како младите заминуваат, како повозрасните ги испраќаат со грутка горчина во грлото на руинираната автобуска станица во Делчево… како нашите локални ресурси не се користат доволно а ги имаме толку многу. Верувам дека со моето искуство, знаење и толерантност но и решителност можам да донесам еден поинаков, поефикасен пристап за одржлив развој на нашата локална заедница.

Прашање бр.2- Брегалнички Портал: Колку Вашата професија во бизнис секторот може да Ви помогне во водењето на општината?

Иван Гоцевски: Успешниот менаџер на приватен бизнис мора да слуша, да преговара и да најде решение што е добро за сите страни. Тоа е директно применливо и во управувањето со општинската самоуправа.

„Во политиката ќе ја внесам практичноста од бизнисот – план, тим, рок и резултат.“


2. Приоритети и први чекори

Прашање бр.3- Брегалнички Портал: Што би направиле поинаку од досегашните градоначалници?

Иван Гоцевски: Во првите 100 дена ќе го исчистам Делчево. и не само тоа! Ќе воспоставам строги правила за одржливост на системот за одлагање, прибирање и депонирање на комуналниот отпад во општината за постојната грда слика на присутност на ѓубрето насекаде околу нас да стане минато. Конечно ќе воспоставиме контрола на градската депонија и ќе ги минимизираме емисиите на штетно загадување кон околната средина.

“Утрешнината куќа не крепи. Мора да делуваме денес!”
Стоп за празните ветувања, граѓанинот на прво место.

Прашање бр.4- Брегалнички Портал: Ако ја добиете довербата на граѓаните на Делчево, кои би биле Вашите три најважни правци на делување?

Иван Гоцевски: Прво, ревизија на општинскиот буџет преку длабоко скенирање на состојбата и транспарентно објавување на вистинските параметри во јавност. Суштинско партиципативно учество на граѓаните, граѓанските организации и бизнис секторот во креирањето на Буџетот на Општина Делчево.

Второ, преточување на мојата предизборна програма во ефективен четири годишен оперативен план со сите релевантни параметри за имплементација, следење на процесот и извештаи.

Трето, отворање на нов вистински граѓански сервисен центар за сите граѓани на општина Делчево каде што ќе овозможиме секојдневна соработка, следење на реалните потреби на делчевчани, нивно брзо и ефективно исполнување на јавен и транспарентен начин.

“Градоначалникот мора да биде застапник на интересите на граѓаните на општината пред локалните, регионалните, националните и интернационалните институции. Немаме комоција за повеќе да бидеме затворени зад ѕидови и врати. Ја враќаме општината на граѓаните!”


3. Визија за развој на Локалната економија

Прашање бр.5- Брегалнички Портал: Како ќе ја поттикнете локалната економија и ќе создадете нови можности за работа?

Иван Гоцевски: Детално следејќи ги состојбите во изминатите 4 години како координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Делчево, со мојот тим изградивме суштинска анализа за детекција на проблемите со кои се соочува општината на основно елементарно ниво на нејзините изворни функции.

Најпрво би кажал дека моментално општина Делчево го има најискрениот и најпосветен пријател кој што ја предводи Македонската влада а тоа е Премиерот Проф. Д-р Христијан Мицкоски кој што има светла визија за развојот на нашето Делчево и за целокупниот овој регион по течение на реката Брегалница.

Како општински советници во изминатиот период констатиравме дека трошењето на јавните буџетски средства од Буџетот на граѓаните без високо ниво на одговорност кон принципите за економска одржливост е коренот на ретроградниот тренд на општа стагнација и уназадувањето во поедини сфери на локалната заедница.

На тој начин е направен долг на општина Делчево кој што со децении е причина за сите проблеми околу развојот на нашата општина.

Откако ќе ја добијам довербата на граѓаните ќе иницирам институционални механизми за спроведување на силен и фокусиран проект менаџмент систем врз основа на пазарно ориентирани вредности каде што секој реализиран проект ќе прави реален поврат на финансиски средства за сите граѓани преку мерливи параметри и индикатори. Така ќе овозможиме основи за модернизација на инфраструктурата во сите населби во градот и во руралните места, каде што среќни и задоволни граѓани ќе живеат, работат и создаваат додадена вредност за себеси, за своите семејства и за заедницата во целост. Исто така ќе ја претвориме општинската администрација во посветен партнер на локалната бизнис заедница, образовните центри ќе бидат расадник на идни стручни и квалификувани кадри кои ќе имаат реална можност да се вклучат во локалниот пазар на трудот, спортските здруженија и поединци ќе работат под полна пареа за подигање на победничкиот дух на сите граѓани на Делчево, а богатиот културен идентитет ќе биде предводник на интензивниот туристички развој.

„Општината мора да стане сервис на бизнисот, а не кочница.“

Во соработка со Владата и локалната бизнис заедница ќе развиваме механизам за воспоставување на конкурентно локално стопанство кое е имуно на глобални финансиски потреси, со повисока додадена вредност на локалното производство која соодветно ќе биде распределена како за сопствениците на бизнисите, така и за нивните вработени. Преку инструментите на силна пазарна економија ќе оневозможиме создавање на локални олигарси на сметка на разочараните работници.

Само среќен и задоволен работник може да се бори за повисоки стандарди и резултати во својата работа.

4. Конкретна политичка Програма и реални проекти како основен фундамент за идниот децениски развој на општина Делчево

Прашање бр.6- Брегалнички Портал: Што се’ содржи Вашата предизборна Програма со која ја барате довербата на граѓаните на Делчево на претстојните локални избори?

Иван Гоцевски: Со мојот тим на експерти сме горди што можеме во име на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата “Твоја Македонија” пред граѓаните на Делчево да ја претставиме во наредниот период нашата Предизборна програма. Оваа Програма не е уште една брошура на нечии полици… таа е документ-манифест за нашата определба да бидеме Локална власт за сите граѓани на Делчево без разлика на незначителните меѓусебни разлики. Сите имаме право подеднакво и заедно да работиме за напредокот и успехот на нашето Делчево во годините што доаѓаат. Истовремено оваа Програма е програмa за поддршка на мали бизниси и локални претприемачи.

Основен столб на програмата се проектите за подигање на Локалниот економски развој на едно повисоко ниво. Редица на проекти ќе овозможат интензивен економски развој преку чија спирала на раст ќе обезбедиме заеднички развој на сите сектори. Туризмот, руралниот развој, земјоделието, услужните дејности како и логистиката се главни правци во кои ќе се движи имплементацијата на економските политики.

Подеднакво важен столб во програмата се безбедноста, заштитата на животната средина, уредувањето на хумани јавни простори преку развој на модерна урбанизација и уредување на градежно земјиште. Младинските политики во програмата се интегрален дел на секој проект чие што димензионирање е врз основа на потребите и очекувањата на младите. А имплементација на мерки и проекти за младите без современи дигитални алатки и протоколи не може да биде успешен пример за одговорни локални политики. Токму дигитализацијата ќе го овозможи неопходниот квалитативен исчекор напред за да младите се почувствуваат повикани силно да се вклучат во изградбата на новата успешна приказна за Делчево.

И за крај на ова ваше Прашање ќе ја истакнам намерата културниот идентитет на Делчево да биде своевиден барјак кој ќе го предводи идниот развој на туризмот во Делчево.


5. Преку современа инфраструктура до поконкурентна економија и подобар животен стандард

Прашање бр. 7- Брегалнички Портал: Јавната инфраструктурата секогаш е болна тема, особено за понеразвиени општини. На што прво ќе се фокусирате доколку ја добиете довербата на делчевчани?

Иван Гоцевски: Дојдено е конечно времето за сериозно да почнеме да се занимаваме со проектот за изградба на Експресниот пат Делчево-Кочани преку село Бигла. Овој проект е високо позициониран во агендата на Владата и Премиерот Мицкоски на кој што работат пратениците во Парламентот, ресорното Министерство за транспорт а после изборите и Општина Делчево под мое раководство. За важноста на овој проект нема да зборувам бидејки станува збор за вековен проект кој ќе ја позиционира општина Делчево како крстосница на балканскиот сообраќај и трговија. Сите останати проекти од патната инфраструктура кои се застапени во нашата предизборна програма се подредени на овој круцијален проект. Секако ќе работиме на зголемување на должината на сообраќајната инфраструктура во постојните но и новите населби кои ги предвидуваме за развој во Делчево. Процесот за реконструкција на постојната сообраќајна мрежа ќе добие силен фокус во рамки на идниот четиригодишен Буџет на општина Делчево..

Исто така е дојдено времето за конечно секое домаќинство во општина Делчево да добие квалитетна вода за пиење, за што имаме предвидено серија на проекти од изградба на главни доводни цевководи до изградба на примарна и секундарна водоводна мрежа во населените места каде што има недостаток или проблеми со водоснабдување.

“Нехумано е денеска во 2025 година се уште да има домаќинства кои молат, и протестираат за вода!”

Трет главен проект во поглед на инфраструктурата е почнувањето на проектот за изградба на Пречистителна станица за отпадни води на град Делчево. Како сериозни политичари сме обврзани на идните генерации да им оставиме здрава и безбедна животна средина, како што сме ја наследиле од нашите предци, а справувањето со отпадните води е еден од најприоритетните проблеми. Во тој контекст ќе работиме на изградба на нова фекална канализациона мрежа која ќе ја проектираме за приклучување на главниот колекторски систем на река Брегалница.

Секако ќе работиме на изградба на нова каналска и канализациона мрежа за прифаќање и безбедно одведување на атмосферски води, поради потенцијалните опасности од поплави на кои што бевме сведоци во измнатите години.

Развојот на инфраструктурата е основен двигател на севкупниот развој на било која општина. Од таа причина сериозно ќе го зголемиме износот на финансии инвестирани во развој на инфраструктурни проекти.

Прашање бр.8- Брегалнички Портал: Доаѓаме до најемотивната тема- проблемот со иселувањето на младите. На кој начин ќе се справувате со ова прашање?

Иван Гоцевски: Со многу комуникација, со работа и создавање на можности.

Досега локалните институции и функционери само декларативно ја користеа силата и енергијата на младите за постигање на сопствени цели кои во најголем број на случаи немаа реална допирна точка со потребите на младите делчевчани. Состојбата во која локалниот институционален механизам создава млади луѓе кои заминуваат да работат во странски економии мора да престане. Затоа ќе создадеме нови програми, нови политики и конкретни проекти и активности со кои ќе им подадеме рака за враќање назад на сите ученици и студенти кои ќе излезат надвор од делчево да се образуваат и да го прошетаат светот. Младите луѓе мора да почувствуваат дека се добредојдени во своите родни огништа, а не како досега да ги третираме како непријатели на институциите.

За таа цел предвидуваме имплементација на 4 годишен проект “ДЕЛЧЕВО-ГРАД НА МЛАДИТЕ” преку кој:

  • Ќе определиме минимум годишен загарантиран буџет од 0,1% од Буџетот на Општина Дeлчево за имплементација на проекти на Локалниот Младински совет на Делчево и локални младински граѓански организации;
  • Ќе имплементираме целосно нова програма со воспоставување на младински информациски ресурсен центар за поддршка и помош при вработување на млади лица;
  • Имплементација на нова програма “ВРАТИ СЕ ДОМА” за соработка со актуелни студенти и ученици и соработка со дипломирани студенти и ученици во првите години по нивното дипломирање. Преку имплементација на мерки за Стажирање и Практикантство за млади ученици и студенти кај Локални институции и Приватни субјекти ќе овозможиме вклучување на млади во локалните институции и основа за нивен иден кариерен развој во рамки на локалното стопанство и јавен сектор.
  • Ќе обезбедиме градежни локации за млади брачни парови по субвенционирани услови;
  • Во соработка со бизнис секторот ќе го зголемиме фондот на стипендии на успешни ученици и студенти;
  • Ќе воведеме нови стипендии за ученици од руралните населени места;
  • Зголемување на бројот и квалитетот на јавни настани за подобрување на општествено-културниот и забавен живот за младите;
  • Поддршка на младински иновации и технолошки развој итн

Ова е амбициозна агенда која со високо-мотивиран и фокусиран тим ќе се бориме постојано да ја спроведеме во наредниот период.


6. Непресушен извор на инспирација длабоко вкоренет во културниот идентитет на нашиот народ

Прашање бр.9- Брегалнички Портал: Која е Вашата визија за развојот на културата во Делчево за наредниот период?

Иван Гоцевски: Исклучително големо внимание ќе посветиме на развојот на културата со сите нејзини дејности на локално ниво. Предвидуваме значајна финансиска поддршка за граѓанските организации кои работат на полето на културата како и подигање на соработката на повисоко ниво со Националната установа Центар за култура “Никола Јонков Вапцаров” Делчево.

  • Ќе ја поддржиме културната уметничка сцена, фестивалите и манифестациите.
  • Во соработка со месните и урбаните заедници ќе работиме на озобновување и унапредување на сите јавни народни собори за кои постои традиција за нивно одржување
  • Врз основа на стручни и научни методи ќе воспоставиме на Археолошка мапа на општина Делчево и ќе работиме на нејзина афирмација во јавност.
  • Ќе ја возобновиме меѓународната научно-културна манифестација “Гоцеви Денови”.
  • Ќе воспоставиме интегрирана манифестација “Делчевско Културно лето” со завршен централен настан по кој што ќе биде препознаена општина Делчево пошироко во државата.
  • Ќе спроведеме постапка за воспоставување на Културен информатор за афирмација на културните вредности и унапредување на туризмот во општина Делчево, во соработка со институции, организации, поединци кои работат на поле на културата.
  • Ќе поддржиме формирање на младински аматерски театар на град Делчево, формирање на ликовно атеље “Белогаски” со учество на ученици од основно и средно образование и уметници аматери и организација на тематски ликовни колонии, ќе поддржиме формирање на дебатно-ораторски аматерски клуб “Вапцаров” Делчево и така натаму.

Имаме убави планови а веќе имаме воспоставено сериозен тим за развој на културата во Делчево во наредните 4 години.


7. Политички односи и иднина: Упорноста и работата секогаш носат резултати

Прашање бр.10- Брегалнички портал: Дали очекувате поддршка и соработка со централната власт?

Иван Гоцевски: Сите поголеми проекти од најголемо значење за граѓаните на Делчево е потребно да се реализираат со поддршка и во соработка со нашата Влада. Од таа страна можам да истакнам дека во ликот на Премиерот Мицкоски Делчево има искрен и посветен пријател кој како никој друг премиер посветува исклучително големо внимание за реализација на капитални проекти потребни за развој на Делчево. Јас како предводник на локалната власт во наредните 4 години во Делчево сигурен сум дека ќе имам постојана отворена врата за секое барање во Владата и ресорните министри, а тој момент ќе го искористам за постигање на нашата цел воспоставување на здрави основи за развој на Делчево во иднина. Јас доаѓам од бизнисот, таму нема протекционизам, нема привилегираност – има многу работа, упорност, има резултат. Секој проект корисен за Делчево убеден сум дека ќе биде поддржан од страна на централната власт.

Прашање бр.11- Брегалнички Портал: И за крај, што е она по кое што сакате граѓаните на Делчево да Ве запаметат по завршување на вашиот мандат како Градоначалник на Делчево?
Иван Гоцевски: Сакам Делчево да стане град на можности, а не на иселување. Ако со нашата работа која ни претстои успеам да убедам еден млад човек повеќе да остане и да работи и создава во нашето Делчево тоа ќе биде мојот најголем успех. Тоа е основата на која можеме сите да ја градиме нашата заедничка иднина во Делчево.

„Ако младите луѓе решат да работат и да создаваат тука во Делчево, тоа ќе биде мојата најголема победа.“

Креирано од:


Пренеси го гласот