„Пиреј е троскотна трева, а некои ја викаат коштева. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни, ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да допре до земјата и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева.“
Насловот на првиот роман на Андреевски е дефиниција за неуништливоста на македонскиот народ кој постоел и ќе постои и покрај сите обиди за негово истребување.
„Пиреј“ е книга посветена на периодот од балканските војни и Првата светска војна, како и пост-воениот период, совршено и професионално опишувајќи ги како времиња на пустош, глад, безнадежност, болести, колежи и палежи. Оваа приказна е многу реална и многу сурова вистина за македонскиот народ, каде основната идеја на овој роман, е неуништлив како пирејот. Преку ликот на Велика е отсликан ликот на секоја македонска жена од тоа време која на свој грб ги чувствува болките и страдањата што ги носи војната. Нејзините деца умираат, а таа е брутално малтретирана од својот сопруг кој ја окривувал за смртта на децата. „Мамо, вели, дали и јас ќе умрам, мамо? Не, сине Ѕвездане, не ѕвездо моја, му велам, кој ти рече дека ќе умреш? Капинка, вели, каде е сега Капинка? Надвор е, велам, Калинка в градина е, велам. Ќе се врати, прашува Ѕвездан. Ќе се врати, велам, отиде да ја навади градината. А оти не ме викна и мене, прашува. Ќе те викне, велам, и се штипнувам одзади, си го прегризувам јазикот. Господ да не чуе. Не давај ме, да умрам мајко, ми вели Ѕвездан, не давај ме мајчеле, однеси ме некаде, вели, скријај ме мајчеле, вели, се моли.“ „Врвам така низ буките засмрдени од барут и од раскопана земја. На едно лединче гледам жена. Млада жена а гола. Излегла да бере трески утрината кога беше мирно. Го погодила времето за трески! Ја нашла некоја извидница и ја силувале. Подзапирам крај неа и ја загледувам. Жената и мртва е убава за гледање. А мене ми е прво видување на гола жена. Батти среќата на такво гледање. Главата ѝ е потпрена на нарамникот трески што го носела и едната рака ѝ е поткрената кон челото. Како да се срами, како уште да го затскрива лицето од војниците. А лицето ѝ е бело, небаре варосано ѕидче. Мислиш спие жената.“
„Пиреј“ ги има сите елементи кои му се потребни на едно совршено ремек-дело. Читателите можат да се внесат во едно раскажување кое потресува, трогнува, ве тера да се соживеете, ве помрднува од место… зборови кои предизвикуваат бура од емоции. Андреевски совршено го отсликува тогашниот живот на луѓето, нивната борба и нивното страдање, суеверието на неуките селани кои слепо ги слушаат нејзините совети за избегнување болести и клетви.
Овој роман е обележје на македонштината, но и на модернизмот, и може да им конкурира на светските имиња и наслови. Како дел од модернизмот ги соочува читателите со темни и безнадежни слики од човештвото, војните и последиците од војните, особено фокусирајќи се на уништената човечка психа по Првата Светска војна, најголемата катастрофа за човештвото. Андреевски e незаменлив и единствен.
Патриотизмот и големата љубов кон својата земја како и историјата на својот народ го прават симбол и дефиниција на книжевноста на една земја, тој едноставно пишува за народот.
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Роден на денешен ден: Историски документи од кои се гледа од каков ков бил Тодор Александров
Наместен од УДБА на денешен ден на лов на дивеч загинал Васко Карангелевски
Бугарски аналитичари: Мицкоски е прв кој како премиер го подигна Македонското прашање на меѓународно ниво