По подолго време на застој повторно продолжува изградбата на регулацијата на коритото на реката Брегалница низ центарот на Делчево.
Со финансиски средства обезбедени од Владата на Република Македонија предводена од Премиерот Христијан Мицкоски и владејачката ВМРО-ДПМНЕ во рамки на вториот повик на Владата за финансирање на проекти за единиците на локалната самоуправа, општина Делчево аплицираше со повеќе проекти меѓу кои е и проектот за Регулациіа на корито на река Брегалница во централно градско подрачје на град Делчево, возводно регулирано корито (дел во должина од 320 метри).
Вкупниот износ на чинење на градежните работи во проектот кои се побаруваат од Владата изнесува 43.533.767,00 денари што само за себе претставува значајна финансиска поддршка за локалниот развој на Делчево. Во рамки на двата досегашни повици за финансирање на проекти од локално значење за општина Делчево Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во Општина Делчево инвестира над 140 милиони денари за реализација на вкупно 12 проекти според апликација на Општинската администрација за период помалку од една година.

Реализацијата на проектот за изградба на нова Регулациіа на корито на река Брегалница во централно градско подрачје на град Делчево, возводно регулирано корито (дел во должина од 320 метри) е значајна од повеќе аспекти од кои што најзначајни се заштитата и превенцијата од поплави, микроклиматски позитивни влијанија врз животната средина и значително подобрување на урбаниот изглед на град Делчево.
Кратка сублимирана историја на изградбата на регулација на коритото на река Брегалница во Делчево
Првпат регулацијата на река Брегалница во центарот на Делчево е градена во 70-тите години од минатиот век од страна на ГП Гранит со финансиски средства од месен самодопринос на жителите на општината. Изградбата се реализирала под надзор на Иван Иванов (rip) кој што бил главниот и одговорен инжинер кој што работел на овој дел од регулацијата кој што се протега во должина од 405 метри и тоа на делница низводно од над армирано-бетонскиот мост во центарот на Делчево па се до гумената преграда наспроти Летната сцена во центарот на Делчево.

Тогаш од страна на изведувачот за првпат била воспоставена нова технологија на лизгачки оплати за изведба на косините на мини коритото со што самиот процес добил полуавтоматизиран карактер а со тоа и бил поевтин во споредба на претходните практики на рачно ѕидање и бетонирање на каменот во косините на мини коритото на река Брегалница. Како дел од овој проект за регулација на оваа делница на река Брегалница во централното градско подрачје во должина од 405 метри била изградена и преградна гумена брана со пумпа за нејзино пумпање и каналски систем од префабрикувани армирано-бетонски каналетки преку кои се наводнувало полето од месноста “Долни Бавчи”.
Во 2015 година од страна на општина Делчево беше завршена реконструкцијата на гумената преграда која што претходните години беше уништена од несовесни граѓани и беше целосно нефункционална. Овој проект чинеше 3.341.791,00 (сума без ДДВ) денари пари обезбедени (2.500.000,000 мкд) од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) и SECO а остатокот од Општинскиот Буџет на Општина Делчево.
На овој проект во 2015 година се надоврза и проектот за Доизградба на коритото на река Брегалница во централно градско подрачје во должина од 102 м на делница од гумената преграда до локацијата на Пешачкиот мост на река Брегалница. Вкупниот износ на чинење на проектот според Договорот со изведувачот чинеше 14.748.499,00 денари а истиот се реализираше со сретства обезбедени од ИПА Програмата за Прекугранична соработка на ЕУ од каде се обезбедија 239.813,00 евра а остатокот од општина Делчево како кофинансирање на проектот.
Подоцна во 2016 година на горната висинска кота на мини коритото од страната на Старо Делчево беше изградена пешачка патека од камен, мини трибини и беа поставени монтажно-демонтажни клупи.

Во 2021 година општина Делчево со средства обезбедени од од Министерството за животна средина и просторно планирање преку Програма за управување со водите за 2021 година , во износ од 800.000,00 денари, додека останатиот дел од паричните средства се обезбедени од Буџетот на Општина Делчево за 2021 година, реализираше изградба на стабилизаторни преградни прагови од камени габиони за стабилизирање на дното на река Брегалница против ерозија

Вкупната вредност на градежните работи беше во износ од 1.073.800,00 денари- цена со пресметан ДДВ.
Перспективи за реализација и продолжување на доизградбата во наредниот период
Уредувањето на речното корито на река Брегалница по целата должина на реката во Урбаниот дел на Делчево е неопходно да биде комплетирано во целост поради неколку причини:
- Подобрување на микроклиматските карактеристики на градот Делчево а со тоа и подобрување на стандардот за живеење, рекреација и разонода на сите граѓани на градот.
- Одржување на нивото на подземни води.
- Подобрување на биодиверзитетот во и околу речното корито и одржување на континуитет на локалната флора и фауна во тек на цела календарска година на подолг временски интервал;
- Развој на рекреативен риболов. Во Делчево е од памтивек позната традиција на рекреативен риболов на река Брегалница, така што овој сегмент е особено значаен за зачувување на оваа значајна традиција за делчевчани, но и нивни пријатели и гости кои го посетуваат Делчево токму поради оваа дејност;
- Подобрување на урбаниот лик на градот Делчево, збогатување на репрезентативноста на градот во функција на локалниот економски развој и туризмот,
- Заштита од ерозија и поплави на околните јавни и приватни површини. Во изминатите децении јавноста беше сведок на голем поплавен бран на надојдување на река Брегалница кој што соодветно беше примен од регулираното корито, но на одредени делници каде што регулацијата не е изградена овој поплавен бран претставуваше закана за безбедноста на животите на граѓаните и нивните имоти.
Поради сите овие причини изградбата на регулација на река Брегалница во урбаниот дел од градот е потребно да биде комплетирана на целиот потег од над градскиот базен па се до месноста Долни Бавчи каде што во перспектива ќе мора да се гради Пречистителната станица за отпадни води на колекторскиот систем на град Делчево.
За реализација на вака декларираната цел потребен е постојан континуитет на изработка на проекти и обезбедување на финансии од сите можни извори за финансирање на овој тип на проекти во наредните години што доаѓаат.


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Отстранет отпадот во близина на Фабриката за вода во Кочани
Градоначалникот Владко Грозданов се сретна со жители од улицата „Константин Апостолов“
Кривична пријава против поранешна директорка на Јавната Здравствена Установа “Гоце Делчев” Делчево