Министерот за култура и туризам Зоран Љутков заедно со Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски се во работна посета на Токио, Јапонија.
Во рамки на посетата двајцата македонски министри воспоставија комуникација и темели за идна богата соработка со високи владини претставници од Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA) и Јапонската надворешно-трговска организација (JETRO) преку чии што програми ќе се реализира оваа соработка.
“Денес во Токио, Јапонија заедно со делегацијата во состав Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија и Игор Јанушев, генерален секретар на Влада, остваривме значајни средби со претставници на Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA) и Јапонската надворешно-трговска организација (JETRO).
Во текот на овие разговори, се фокусиравме на унапредување на соработката во повеќе клучни области од заеднички интерес, со особено внимание на можностите за поддршка и заеднички активности во развојот на приватниот сектор, туризмот и јавниот превоз.
Нашата заложба за продлабочување на поддршката, насочена кон техничка помош и зајакнување на институционалните капацитети, претставува основа за долгорочна соработка.
На официјалната средба со JETRO, разговаравме за проширување на економската соработка и потенцијалните инвестиции во Македонија. Притоа, фокусот беше ставен на можностите за инвестирање во стратешки сектори како што се инфраструктурата, енергетиката и туризмот. Владата активно работи на создавање на силна и правична деловна средина за сите инвеститори.
Овие средби ја отворија вратата за нови можности и со сигурност ќе бидат основа за идни активности помеѓу Македонија и Јапонија.”
-напиша на социјалните мрежи Министерот Љутков во врска со оваа соработка.
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Николоски: За автопатот Кичево-Букојчани ќе избереме Изведувач овој месец, изградбата започнува веднаш согласно временските услови
Алиу во „Само Интервју“: Дефинираме десетгодишна национална стратегија за човечки капацитети, во здравството е потребно долгорочно планирање
Божиновска: Вратите на Министерството се отворени за студентите – потпишан Меморандум со Машинскиот факултет