Во текот на вчерашниот ден во попладневните часови во Кочани пристигнаа повеќе работници и градежна механизација на меѓународниот конзорциум Бехтел и Енка која што доаѓа на помош на локалните власти во битката со штетното влијание на градската депонија чии што повремени пожари го загрозуваат квалитетот на амбиенталниот воздух за жителите на општината.
Менаџментот на оваа општествено одговорна компанија се одзва на повикот на градоначалникот Папазов и локалните власти за помош во справувањето со проблемите предизвикани од депонијата за кои што самите локални власти немаат соодветен капацитет за справување.
“Неповолната состојба на Градската депонија во Кочани, којашто подолг период предизвикува загадување на воздухот, како и актуелните активности на теренот беа причина Општина Кочани да упати повик до институции од државата и општествено одговорни фирми за помош и поддршка во решавањето на горливиот проблем.
По многу одржани состаноци со претставници на Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Центарот за социјални работи – Кочани и со повеќе компании, на упатениот повик позитивно одговори компанијата „Бехтел и Енка“.
Механизацијата на оваа компанија е пристигната на Градската депонија во Кочани, активностите почнуваат од утре. Ќе се работи на порамнување, довршување на пристапниот пат за расчистување на целата депонија и обезбедување простор за новите количини отпад. Се очекува механизацијата да остане на терен додека целосно не се врати во нормала функционирањето на Градската депонија во Кочани.
Неконтролираното горење на ѓубриштето, за жителите на Кочани и на околината претставуваше закана од еколошка катастрофа”
-стои во соопштението за јавност упатено од страна на општина Кочани.
Во текот на денешниот ден се превземаат повеќе активности за ургентно санирање на кризната состојба, која што негативно влијае на квалитетот на живот на Кочанчани во изминатиот период.
Проблемот со градските депонии на сите општини во Брегалничкиот Регион е акутен повеќе децениски проблем чие што решени се наѕира во наредниот период преку реализацијата на проектот за изградба на меѓурегионална депонија за справување и преработка на отпадот во Источниот и Североисточниот плански регион. Имплементацијата на овој проект беше заглавена до пред неколку месеци, но со промената на централната власт започнаа видливи активности за интенззивирање на динамиката за изградбата на овој можеби еден од најзначајните инфраструктурни проекти за двата региони.
Имплементацијата на проектот за меѓурегионална депонија за преработка и справување со комунален отпад се имплементира во интерсекторска соработка преку Министерството за животна средина, Министерството за локална самоуправа како и центрите за развој на Североисточниот и Источниот плански регион.


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Со лажен сертификат по Англиски јазик сакал да биде директор на основно училиште во Берово
Во болницата во Кочани ќе се вршат мамографски прегледи за пациентките од Штип и регионот
Директор на јавното претпријатие во Македонска Каменица осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување