Денес во целиот православен свет се празнува празникот посветен на Св. Петка- Преподобна.
Во Пијанечкиот регион овој празник најмасовно се празнува во селото Селник-делчевско, кај црквата која датира од 14-тиот век.
Црквата Св.преподобна Параскева-Петка е најстарата црква во делчевско.
Претставува еднокорабна црква градена од кршен камен и вар. Иако податоците за неа се од 16-ти век, во црквата постојат три слоја на фрескоживопис од кои првиот е од 13-14 век. Според тоа се мисли дека црквата е од 14-ти век. Новиот иконостас со Светите Двери со благовештение потекнува од 1906 година. Црквата е целата во фрески, но поголемиот дел од нив се многу оштетени.
Оваа камена црква (изградена целосно со камени плочи и блокови) се наоѓа на само на 14 км одалеченост од Делчево , со прекрасен иконостас и камбанарија. Она што е особено впечатливо е богатството и колоритноста на прекрасниот природен амбиент во кој е сместена самата црква. До самата црква води добро уреден црн (земјен пат) погоден за секакви превозни сретства за патници.
Во 2001 година, од страна на Министерството за култура, црквата и дворното место околу неа се санирани, а изградени се и помошни објекти. Црквата е прогласена за заштитен споменик на културата под заштита од Mинистерство за култура на Република Македонија- Управа за заштита на културното наследство на Република Македонија.
Црквата надалеку е позната по убавините на самите фрески насликани во нејзината внатрешност.
Иконостас: Св. Двери со благовештение и дрвен крст на нив и завеса со икона Исус Христос Седржител. Во долниот ред десно од Дверите се Св. Сава, Св. Димитар и Св. Арх Стефан на кои стои 1921 година. Лево од дверите се Св. Никола и Св. Георги. На северната страна постои врата за влез во олтарот со икона на Св.Архангел Михаил. На вториот ред десно се иконите Исус Христос и Св. Јован Крстител, Цар Константин и Царица Елена. Лево од дверите се Св. Богородица и Св. Петка.
Во третиот ред од лево е Светото Евангелие по Марко, Св. великомаченик Георги, Св. Тодор, Св. Апостол Петар, Крштение на Господ Исус Христос, Св. Андреј Првозвани, Свето преображение од поново време без дата на изработка. Има и други икони но тие се навлажени со вода и се во распаѓање. На престолот има сребрен крст, оштетен, кандило и проверзиран жртвеник и ѓаконик, а целиот олтар е во фрески кои се доста оштетени а и еден поцинкоцан свеќник.
Книги: Евангелие на црковно –словенски јазик од Москва.
Постои камбанарија со едно ѕвоно од 95 кг. изградена во 1936 година која беше обновена 1999 година.
Секоја година на Православниот празник посветен на оваа светица кај истоимената црква во селото Сеник се организира голем народен собор во организација на црковниот одбор на селото.
Од сите краеви на светот каде што живеат Македонци по потекло од ова село се собираат во дворот на црквата на свечен Богоугоден празничен ручек. Секоја година жителите по потекло од селото даруваат курбан за празникот во слава на Св. Петка и за здравје на семејствата и најблиските.
И оваа година во дворот на црквата на отворено во уредениот природен амбиент ќе се сретнат поранешните “селничани” со нивните роднии, пријатели и познаници…
И оваа година ќе се чукнат шишињата со тазе варената ракија и оние со таа пожолтената во бурињата од минатата година. Ќе се расшират муабети на долго и широко, ќе се приспомнат луѓето на поранешните настани, згоди и незгоди и понекоја стара љубов.
За на крај се да заврши со татнежот на тапаните и цвилежот на ќеменето во најубавото пијанечко оро, со задолжителната Копачка.
Нека е за многу години празникот во ова од Бога обдарено место и традицијата на овој народ да живее засекогаш.
Генезата на празникот посветен на Св. Петка Параскева
Култот кон света Петка кај народот во Пијанец и пошироко во Брегалничкиот регион е многу раширен. Таа се смета за заштитничка од разни несреќи, но и од многу болести, поради што народот ја нарекува уште и мајка Параскева. Многу лековити извори се поврзани со нејзиното име и се наречени Петочни води. Петковден како домашен празник со служби посветени на св. Петка, со чекање гости и со други обичаи и свечености го празнуваат голем број македонски семејства.
Именден празнуваат: Петко, Петкана, Параскева, Пенка…
Светата православна црква празнува три личности со исто име Параскева-Петка поради што кај народот често се мешаат и се мисли дека се работи за иста личност. Најчесто трите се идентификуваат со св. Петка Епиватска позната и како Трновска, чиј спомен се одбележува на 27 /14 октомври. Името го добиле поради тоа што се родени во петок, а петокот како ден пред сабота, бил ден за подготовки за празникот. Во претхристијанскиот период кај Евреите саботата бил празник, а не неделата. Оттука, Параскева значи подготовка.
Најпозната е Параскева-Петка позната како Св. Петка Епиватска или Трновска. Нејзиното житие вели дека е родена во Епиват, во Тракија, меѓу Силиврија и Цариград, на брегот на Средоземното Море, кон крајот на Х век. Родителите ѝ биле побожни, а така ги воспитувале и своите деца. Имала брат по име Ефтимие кој подоцна станал епископ Мадитски. И Параскева уште од млади години покажувала интерес за монашкиот живот.
Кога ѝ умреле родителите Параскева заминала во Јорданската пустина каде што долго живеела во молитви, пост и плач. Се хранела со пустинска растителна храна, само еднаш во денот, и тоа навечер. Долго време ѓаволот се обидувал да ја одврати од приврзаноста кон Бога. Се преправал во разни форми па и како ѕвер ја напаѓал, но таа не се поколебала.
Кога остарела ангелот Божји ѝ соопштил дека треба да се врати во родното место зашто е дојден часот кога треба душата да му ја предаде на Бога. „Остави ја пустината и врати се во својата татковина, бидејќи таму треба да го оставиш телото на земјата, а со душата да преминеш кај Господа“. Параскева набргу се вратила во родното место и никому не кажувала која е. Набргу умрела, а бидејќи жителите на нејзиното родно место не ја познавале, ја погребале не на селските гробишта, туку одделно како странец. Била погребана близу до морскиот брег, а во близината имало еден столб и на него седел некој столпник. По извесно време морските бранови исфрлиле тело на некој патник кој умрел на брод, а морнарите го фрлиле во морето. Тоа тело набргу почнало да се распаѓа од што засмрдела целата околина, така што тука не се минувало. Тогаш столпникот слегол од столбот и замолил некои луѓе да го закопаат мртвото тело за да не смрди. Тие почнале да копаат во близината на брегот и за нивно изненадување нашле тело на жена, но не му посветиле поголемо внимание, зашто како што си мислеле, ако било на некоја светица Господ порано со некои чуда ќе укажел на него. Телото на жената света Петка го закопале, а врз него и телото на патникот, што го исфрлило морето.
Ноќта на еден од тие луѓе по име Ѓорѓија, му се сонила царица на светол престол со многу светли војници. Ѓорѓија тогаш паднал, а еден од војниците му пришол, го подигнал и го прекорил што телото на света Петка го погребале заедно со смрденото тело на патникот. „Георгие, зошто го презревте телото на преподобната Праскева и заедно со неа го сохранивте смрдливото тело? Веднаш земете го телото на преподобната и положете го на достојно место, зашто Бог сакаше да ја прослави на земјата рабата своја“. Тогаш и светицата му рекла: „Побрзај да ги земеш моите мошти и да ги положиш на достојно место, бидејќи не можам повеќе да ја трпам смрдеата од тој труп. Оти и јас сум жена и мојата родбина е Епиват, каде сега и вие живеете“. Таа ноќ истото ѝ се сонило и на некоја жена. Утрото и двајцата ги раскажале соновите по што со голема свеченост телото на света Петка било откопано и погребано во црквата на Светите апостоли Петар и Павле во Епиват.
Подоцна телото на преподобна Параскева било повеќепати пренесувано од едно место на друго. Најпрвин бугарскиот цар Јован Асен во 1238 година измолил телото на Преподобна Параскева Петка да биде пренесено во Трново. Тука телото останало подолго време поради што таа се вика и Трновска. Но кога Турците го зазеле Трново моштите на света Петка биле пренесени во Влашко, а кога и Влашко паднало под турска власт, во 1396 година кнегињата Милица го измолила султанот да ѝ дозволи да ги пренесе во Србија. Тогаш биле погребани во Белград. Но кога и Белград го освоиле Турците во 1521 година светите мошти биле однесени во Цариград, каде што се прославиле не само меѓу христијаните туку и меѓу муслиманите. Но и тука во патријаршиската црква каде што биле погребани не останале засекогаш. Во 1641 година молдавскиот војвода Василија Лупул го измолил цариградскиот патријарх Партениј да му ги даде моштите на света Петка и ги пренесол во црквата „Три светци“ во светиот град Јаш каде што почиваат и денес.
Во спомен на Преподобната Параскева Петка Трновска, Светата православна црква го востановила празникот што се празнува секоја година на 27 /14 октомври и што во народот е познат како Петковден. Во народот Петковден се смета за почеток на зимските празници што следуваат и што се проследени со домашни служби како што се Митровден, Св. Ѓорѓија, Аранѓел, Св. Никола и др.
БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ © Сите права се запазени
– Контакт оддел за соработка – Маркетинг – Прати вест –
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Министерството за транспорт инвестира над 1,2 милиони евра за изградба и реконструкција на водоводна и канализациона мрежа за граѓаните на Штип
Со пари од амбасадорскиот фонд на САД заврши конзервацијата и реставрацијата на Споменикот на слободата во Кочани
Академијата за роботика и иновации обезбеди донации за три кочански училишта