Во соопштение упатено до јавноста од Државниот завот за ревизија информираат дека е извшен ревизорска контрола на работењето на Јавното Претпријатие “Исар” Штип при што се утврдени повеќе проблеми со препораки за нивно надминување.
“Со ревизијата е утврдено дека ЈП „Исар“ – Штип се соочува со 60% загуба на произведената вода, недостиг од дозвола за депонирање и третман на отпадот, како и доцнење во плаќањето на 25,2 милиони денари по спогодба со Министерството за финансии, со што претпријатието е пред значајни предизвици кои може да имаат сериозни последици за неговото функционирање, и животната средина
Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Јавното претпријатие за комунално – производни и услужни работи „Исар“ Штип, за 2023 година.
Констатирани се состојби, неправилности и неусогласености во работењето на јавното претпријатие и поради нивното значење изразивме неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.
Од вкупните побарувања во износ од 196.447 илјади денари, искажани на 31.12.2023 година, 75% се по основ на продажба на вода, а останатите 25% се побарувања за јавна чистота, паркови и зелени површини, изградба и реконструкција на водоводни и канализациони линии и продажба на гробни места.
Старосната структура на побарувањата од кои 28,2% се со старост до и над 10 години и изнесуваат 55.443 илјади денари, укажува на нивна ненавремена наплата.

ФОТО: Графикон бр. 1 Старосна структура на побарувањата
Не е извршена оценка на наплатливост на побарувањата на крајот на секој извештаен период и соодветен акт за постапување, иако постои голем ризик тужените побарувањата кои се постари од 10 години, во износ од 24.624 илјади денари да не се наплатат.
Завршените градби од 2019 година, кои се однесуваат на изградба и реконструкција на примарна и секундарна водоводна и канализациона мрежа во вкупен износ од 20.279 илјади денари, за кои општината како инвеститор нема обезбедена целосна документација, сметководствено се водат како инвестиции во тек, иако истите се во употреба.
Од наплатениот надоместок од корисниците на услуги за одржување на јавна чистота во износ од 13.707 илјади денари, ЈП „Исар“ Штип уплатило 3.287 илјади денари, односно 24% на сметка на општината, со што остварени се помалку приходи во Буџетот на Општина Штип наменети за реализација на програмата за одржување на јавната чистота.
Ревизијата утврди неправилности во начинот на пресметка и исплата на платите, односно со Колективниот договор на ниво на работодавец, за секоја измината година работен стаж на работникот му се исплатува додаток на основната плата во висина од 1% но не повеќе од 20% за целокупниот работен стаж, наместо 0,5% за секоја навршена година работен стаж, а најмногу до 20%, како што е предвидено со законските одредби и Општиот колективен договор за јавниот сектор.
ЈП „Исар“ Штип не поседува дозвола за вршење на дејност депонирање и третман на отпадот издадена од МЖСПП, не врши мерење на изнесениот отпад, нема воспоставено евиденција и не доставува консолидиран извештај до стручниот орган.

ФОТО: Депонија „Трештена скала“
Депонијата не е оградена, нема струја, вода ниту физичко обезбедување, каде неконтролирано се изнесува отпад, поради што често истата е извор на запалување и пожари, односно загрозување на животната средина, животот и здравјето на луѓето.
Ревизијата утврди значителното отстапување на количината на приходуваната вода во однос на произведена, односно за 60% загуба на вода, што влијае на помалку остварени приходи на јавното претпријатие, помалку пресметан ДДВ и помалку пресметан надоместок за користење на вода, кои претставуваат приходи на државата.
Од вкупните загуби, дури 92,89% се технички загуби, предизвикани од застарена водоводна мрежа, дефекти и протекувања. Комерцијалните загуби, кои изнесуваат 1,82%, се резултат на нелегални приклучоци и грешки при обработка на податоците поради неисправни и неточни водомери. Дополнително, 5,29% од загубите се должат на нефактурирана комунална потрошувачка, чија реална состојба е доведена во прашање.
Јавното претпријатие „Исар“ – Штип полива зелени површини со произведена вода од фабриката за пречистување на вода, односно 204.400 м² јавни зелени површини на 16 локации со регистрирани 39 потрошувачки места, како и јавни тоалети, но без поставени протокомери. Понатаму, поради неисправни водомери и нивно отсуство во одредени населени места и јавни простори, дури 11% од правните лица и 5% од физичките лица плаќаат вода паушално, наместо според реалната потрошувачка.

ФОТО: Графикон бр. 2 Остварен физички обем на испорачана и фактурирана вода за период 2014-2023 година
ЈП „Исар“ Штип, доцни во исполнување на месечните обврски за износ од 25.227 илјади денари по спогодба со МФ и утврден динамичен план, за репрограмираниот долг по основ на искористен кредит во денарска противвредност од 2.6 милиони евра на МЕАП програмата за 2000 година.
Исто така, пртпријатието има искажано обврски во износ од 16.797 илјади денари по основ на примени средства во 2005 и 2006 година од Општина Штип од сметката на средства од месниот самопридонес, за изградбата на резервоари за водоснабдување на град Штип, кои се потрошени за тековно оперативни расходи, со што останува обврската истите да ги врати.
За надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица,”
-стои во соопштението упатено до јавноста од страна на Државен завод за ревизија.
Целиот извештај на Државниот завод за ревизија за работењето на ЈП “Исар” Штип за 2023 година е достапно на нивната веб страница на сл. линк тука.
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Приведено лице од Македонска Каменица затоа што управувало возило под дејство на алкохол и без возачка дозвола
Жителка од с. Лаки, виничко заработи кривична пријава за упатување на заканувачка содржина преку соц. мрежа
В. д. градоначалникот Крстевски на средба со директорот на „Амфенол“ Наков и со жители на Тркање