БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Интервју: Борче и Симона (Природна Перспектива) зборуваат за нивниот начин на живот во Стар Истевник

За нив животот на село е исполнување на нивните мечти и нивната животна магија од најрана возраст. Борче и Симона Димитровски се млад брачен пар кои што заедно со нивната ќерка, создаваат услови за семеен живот во селото Стар Истевник во Делчево. Од пред 6-7 години се посветени на уредување на старата семејна куќа која Борче ја има наследено од својот татко, како и уредување на имотот според современи принципи на живот во содејство со природата и традицијата.
Пренеси го гласот

Многумина во денешно време се прашуваат како е да се започне со живот на село? Голем број луѓе заминуваат во странство, а некои се враќаат на татковите огништа поблиску до природата и традицијата. Ова е една таква приказна за Борче и Симона кои се вратиле да живеат во село Стар Истевник, Делчево. Загаденоста, бучавата, гужвата, жештината на градскиот асфалт… биле причини за да направат промена во начинот на живот и да се препуштат на раскошот на зеленилото во природата во автентичен рурален амбиент.

Нивното секојдневие е постојана потрага по иновации за облагородување на традиционалниот континуитет на нивните семејни стебла според нивна лична преференца и сензибилитет. Во нивната “Природна Перспектива” многу често се опкружени со волонтери, пријатели, соработници кои од различни мередијани гравитираат кон овој центар на нивниот свет наречен дом.

Симона Димитровска е преведувач од Руски на Македонски јазик и обратно но во моментот не се занимава со преведување, туку е инструктор по јога. Таа е дел од приказната наречена Природна Перспектива заедно со нејзиниот сопруг Борче и целовремено е мајка.

Борче Димитровски е еден од основачите на Природна Перспектива- визионер и сонувач како што самиот за себе ќе рече. Моментално работи како диспечер за американска компанија за камиони.

Двајцата брачни партнери се носечките столбови на Центарот за одржливи практики (ЦОП) “Природна Перспектива” од село Стар Истевник, делчевско на чија што фејсбук страница стои опис дека тоа е

“Место за практикување на пермакултура, развој на одржливи идеи и поврзување со природата”


Интервју со Борче и Симона од “Природна Перспектива” од Стар Истевник, Делчево

  • Ако може да ни се претставите, кажете ни нешто за вас самите.

Симона: Јас сум Симона. По професија сум преведувач од Руски на Македонски јазик и обратно. Во моментот не се занимавам со преводи, туку сум инструктор по јога. Давам часово по Хата Јога во Делчево и се занимавам со Природна Перспектива. Тука целовремено сум и мајка.

Борче: Здраво јас сум Борче Димитровски, еден од основачите на Природна Перспектива. Моментално сум вработен како диспечер за американска компанија за камиони. Инаку се занимавам со се што е потребно за Природна Перспектива, визионер и сонувач.

  • Според ваши зборови кои се почетоците на Природна Перспектива? Кои активности и настани претходеа на Природна Перспектива?

Борче: Како еден од сонувачите и визионерите на самата идеја, едни од почетоците датираат уште од самиот живот на село кој што го имав од раното детство- израснат сум во село Стар Истевник. Половина од времето како и многумина од мојата генерација од времето како млади го поминував на село. После даден период во 2009- 2010 година една наша познаничка се врати од Индија со идеите за еко село, живот на село, волонтери, луѓе од цел свет… тоа е една од основите за да се започне со целата таа идеја. И по некое време мечтаење со Симона и со многу пријатели решивме во 2016- 2017 година да се впуштиме во истраување на Македонските села, со идеи како да ги заживееме и еве до денес се уште истражуваме и пробуваме да ги заживееме.

  • Како дојдовте до идејата за започнување на живот во селото Стар Истевник?

Симона: Првично ние сме луѓе кои сакаат природа, кои сакаат да бидат помеѓу неа. Во тој момент кога се раѓаше желбата да дојдеме во Стар Истевник ние живеевме во Скопје, бевме студенти. Живеевме во Студентскиот дом Стив (Стив Наумов) и Борче, бидејки неговите баба и дедо се од Стар Истевник и го имаше овој имот тука, решивме да дојдеме токму тука. Првпат кога дојдов јас на ова место, ми се виде многу магично. Многу интересно е, куќата беше уште тогаш зачувана во стар стил, архитектурата ми се виде многу интересна и сакав нешто да правиме тука.

Борче: Сето тоа дојде од некоја младинска желба за блискост кон природата и авантуристички начин на живот. Без да знаеме со кои се предизвици ќе се соочиме без да имаме некое подлабоко истражување. Тоа е некој наш карактеристичен стил за многу работи кои ги правиме во животот. Затоа дојдовме до моментот да самото здружение и идеја ги именуваме како “Центар за одржливи практики”, бидејки многу повеќе сакаме практично да ги согледуваме работите на терен, отколку цело време само да мечтаеме и седиме од страна и си мислиме како тоа- како она… Кој резултат може да се постигне доколку се почне од некаде? И тоа е некој почеток. Секако првиот пат имавме една екипа од Скопје која што беше исто со нас. Ајде- нема проблем, ќе одиме сите заедно ќе правиме ова- ќе правиме она, јас ќе ги пазам козите…. се додека не дојде првата пролет кога не можевме да најдеме никој околу нас и останавме сами на себе. Но, тука пак судбината или универзумот си имаат свои правци… тогаш научивме повеќе за програмата Еразмус+ уште првото лето, се запознавме со многу луѓе кои што веќе живеат на село, работат и сега можеме да кажеме дека имаме една солидна меѓународна мрежа со луѓе кои што доста се подготвени да ни помогнат со идеи, да дојдат на лице место. Така што животот секогаш има добар план.

  • Кои предуслови требаше да бидат задоволени за да започнете да живеете овде во овој прекрасен рурален амбиент?

Борче: Природата и до некаде слободата, но да не се ставаме во заблуда кога го спомнеме зборот слобода, туку за нас тоа е повеќе самото нешто да носиш одговорност за се околу тебе. Факт е дека селата кај нас се запуштени од многу страни: водоснабдување, недостаток од лекарска служба, училиште, инфраструктурно доста назад. Но тука доаѓаме до тоа дека ја имаш слободата да превземеш одговорност за работите околу тебе. Ти си сопствен лекар, ќе го научиш биодиверзитетот околу тебе, треба да си призведеш своја храна, имаш чиста вода што е еден од главните предуслови за здрав начин на живот, имаш чист воздух што исто така е еден од главните услови… така што тука селот повеќе “не’ ќефи” повеќе од гледна точка дека треба да превземеме одговорност.

Е сега одкако дојдовме првиот пат првото лето се соочивме со условите кои што се присутни на лице место: Вода од еден час до час и половина само на утро од 7 до 8.30 часот. Веќе поставивме сопствена градина што требаше да ја наводнуваме, немавме ограда па многу пати знаеа и животните од соседите да дојдат да нападнат тоа што веќе го имаме засадено. Значи за многу работи за почеток на живот на село си треба исто инвестиција и е потребно да се постават некои основни услови, бидејки луѓето веќе се имаат навикнато на еден помодерен начин на живот. Но според нас, тоа е и идејата: да направиме комбинација помеѓу добрите карактеристики од природата и од традицијата во спој со тие некои добри карактеристики кои ги носи модерниот начин на живот.

Симона: Една од причините за кои сакавме да дојдеме тука е тоа што ова е отворено поле за да можже да практикуваме Пермакултура. Ние Пермакултурата ја истражувавме и претходно и ни се гледаше како интересен начин за поставување на цел еден имот, на куќата, на градините, да се направи еден затворен систем во кој сите сегменти се поврзани и си помагаат еден со друг. И тука имам многу помалку работа за одржување.

  • Вие сте релативно млад брачен пар кој може да има живот било каде на друго место. Зошто избравте да живеете баш тука? Што е тоа што беше пресудно за да се одлучите да започнете со вашата Природна Перспектива?

Борче: Основата е тоа што веќе имавме сопствен имот. По разговор со нашите најблиски, се согласија да ни го отстапат местото за ние тука да експериментираме и да го креираме. Почнавме со идејата дека ќе живееме на село заедно со проектот кој што сакаме да го реализираме и со волонтери и со се друго, но дојдовме до судир на интереси и расчистување. Ние се уште сме по пат на големо учење. Не живееме целосно на село, живееме во блискиот град Делчево, но би рекле дека како во детските години животот го поминуваме 50:50. Значи на селото проектот го одржуваме и пробуваме да стигнеме до ниво кога ќе можеме да се преселиме да се впуштиме во целата таа авантура. Засега немаме некои услови за солидни економски бенефити, со нашите професии што ги имаме и со нашите карактеристики. Така за сега ова ние како еден експериментален проект за тоа како можеме да направиме услови или да поставиме еден позитивен пример за во иднина како би можжело да се живее на село, што е комбинација на нешто од минатото со тоа што го нуди иднината. Сакаме да направиме една еволуција за начинот на живот на село. Бидејки ако се вратиме како до сега нашите предци штоо имаат живеано, тој живот не е за нас. Идејата е да го набљудуваме од страна (тој начин на живот) и како набљудувачи да изнајдеме некое решение кое ќе биде прилагодливо да се имплементира кај нас ама да може да се имплементира и на други места.

Симона: Мудроста од минатото и предностите на сегашноста со сите олеснителни околности да ги споиме за да ги имплементираме на село.

Борче: Многу пати самата идеја што ја имаме јас ја гледам како неендемичен вид на растение кое што треба да го засадиме во некоја животна средина. Значи му треба неколку години да проболедува, да се прилагоди за да може да расте во таа животна средина. До некаде и нашата идеја за тој тип на живот на село ја гледам слична бидејки не е нешто- можеби во минатото имаат живеано луѓе, но некако ако било се добро немало да го напуштат селото. Сигурно има нешто што недостига.

  • Дали постојната состојба во селото Стар Истевник овозможува современи услови за живот за млад брачен пар како вас? Што е она што ви недостасува за да имате подобар квалитет на живот овде во Стар Истевник?

Борче: Пред се ни недостасуваат други млади брачни истомисленици со кои што би можеле да ко- креираме и да развиваме идеи од областите на Пермакултура, соживот во една еколошка заедница или еко-село што е веќе помодерно во цел свет,
Ако почнеме од инфраструктурни работи многу се: канализација, постојан доток на вода, електричната енергија исто така знаеме да имаме проблеми- некогаш и со денови, транспорт, неорганизацијата помеѓу заедницата во самото село, запуштените имоти кои што постојат поради нерегулирани нешта од страна на државата… се појавува феномен каде што имот останува на неколку наследници и поради нерешителност се запушта а веќе околу нас станува како мини џунгла што донекаде е ОК, ама на друг начин луѓето на село или каде и да се сакаат да имаат поструктурирана животна средина. Бидејки џунглата со неа си носи и недостатоци: диви животни, опасности итн.

Симона: Една од работите кои недостига тука е многу малата населеност. Во селото реално живеат само 12 можеби лица и сите се стари.

Борче: Да, тоа е една од причините поради која сме се вратиле во ова село. Потенцијалот на природата и сето тоа кое го има околу нас е голем. Има можности, самото село пред 100 години имало 800 и нешто жители за да стигне сега до некоја бројка од 20-30, но, повеќе јас мислам дека има потенцијал, има и луѓе што имаат желба да се вратат, н треба да се средат некои инфраструктурни проблеми. Со некои минимални зафати би се отворила можност за луѓето да видат пак просперитет во ова село.   

  • Што е она што би им го препорачале да го видат или доживеат на потенцијалните посетители кои што ќе дојдат да го посетат Стар Истевник?

Борче: Се наоѓаме на едно многу интересно место. Околу нас на 1 ден планинарење може да се стигне до вр Кадиица кој што е на 1932 мНв, што е едно прекрасно место за посета. Околу нас имаме еден феномен кој што го нарекуваме “Кукуље” на 5 км пешачење, кој што е доста интересен за посета. Во Балабанско маало во село Нов Истевник имаме една реткост тоа е фарма за магариња- производство на магарешко млеко кое е многу лековито. Понадолу имаме една од најубавите риби за мене лично и за многу од волонтерите што имаат дојдено и имаат пробано- една од најглавитетните риби што може да се проба во Рибник Желевица. Ако тргнеме накај Пехчево ги имаме во село Црник ерозивните формации кои што се доста интересен феномен… Центарот за исучување на природата во село Негрево кој што е феноменален за посета… село Град исто така со пештери со луѓе кои што се занимаваат со доста интересни работи што може да се видат..,

Самиот регион изобилува со понуди кој е како еден неизбрусен дијамант кој што треба малку да се доразвие за да може сето тоа да се стави во функција и да имаме една регионална туристичка  понуда. Самата наша идеја за развој на Природна Перспектива се насочува кон тоа да бидеме едукативен центар. За да дојде некој кај нас, ние сме свесни дека ќе мораме да најдеме начин како ќе го пополниме неговото време за тој да има еден добар пакет. Идејата е за некоја година да постигнеме некое ниво на агротуризам кај што луѓето би можеле да дојдат и со нас да изучуваа, органски начин за производство на храна, самите тие да видат храната што ја јадат од каде иде, да осетат како е чувството да имаш своја градина. Скоро бевме на една работилница за Пермакултура и таму жената го даде најдобриот совет дека ништо не може да ја купи храната што сам ќе ја произведеш.

  • Дали соработувате со вашите соседи во рамки на вашето секојдневие? Како останатите жители од селото Стар Истевник ве примија како свои соседи?

Симона: Иако има многу малку луѓе останато тука сепак и со нив може да се оствари некоја соработка. Како пример ќе го дадам претходниот наш настан кој го имавме за градење на геодезични куполи, Со една жена од селото побарав да направи баница, бидејки има вештини за да го направи тоа и од другата соседна фарма земавме млеко, од рибникот земавме риба и така направивме една убава трпеза со помош на овие ресурси кои ги имаме тука и со таа соработка со луѓето.

  • Дали соработувате со поединци и други организации пошироко од Македонија или пак од странство?

Борче: Тоа ни е најсилната алатка.

Симона: Реално имаме подобра соработка со организации надвор од државата отколку тука, не дека нема од тука, но, имаме многу добра соработка со организации од Бугарија каде самите ние бевме волонтери и тие имаат доаѓано тука неколку пати со Еразмус+ волонтери. Многу пати ни ја имаат враќано мотивацијата кога ние се соочиме со некој поголем проблем, некој зафат, не знаеме или немаме помош како да го изведеме и тие се тука. Исто соработуваме и на разни други проекти дали ќе се случуваат во Бугарија или кај нас. Имаме соработка со здруженија од Косово, од Хрватска…

  • Според вас што мислите зошто младите од Делчево па и поширокиот регион  бираат да заминат во странство, наместо да останат во своите родни огништа?

Борче: Со мои зборови бидејки во поголем дел ја следат програмата на општеството која што е —-тука нема ништо и ај да се исселуваме…. сметам дека многу пати не се размислува со сопствена глава и да проба некој многу често ќе наиде на осуда од околината и тука доаѓа до демотивирање и разочараност и погледот секогаш е да се оди некаде каде што се има попозитивен став за работите. Според мене тука некако самата околина има многу негативен став за многу, многу нешта и та ги тера младите да си бараат место каде што ќе можат да си бидат свои, да се искажат на свој начин, да си најдат свое место под небото и така.

Симона: Мислам дека пре се е менталитетот а потоа и реалната потреба за егзистенција. Делчево ако го земеме како пример веќе е град кој што реално замира, кој имаше порано текстилна индустрија сега и таа замре… потребата нешто да се случува   кај нас многу малку има културни настани… од таа страна сме многу запуштени и имаме сиромашна програма- културна прграма.

  • Каде се гледате себеси за 5 или 10 години од денес? Кои се ваши идни планови за развој на Природна Перспектива?

Борче: За мене лично Природна Перспектива во следниот период 5 до 10 години треба да прерасне во сам Центар да може да ги зголеми капацитетите да примаме гупи од по 20-30 луѓе кај што ќе може да се организираат работилници во сферата на одржливоста за која што самата идеја постои подолго време. Да успееме да ја направиме 4 сезонски капацитет. Да можеме тука во 4 сезони да се одржува живот за да го немаме чувството дека секоја година почнуваме пак од почеток.

  • Ваша порака за сите оние кои што размислуваат да започнат живот на село?

Борче: Не размислувајте многу! Почнувајте! Предизвиците од дома и на терен секогаш се различни. Почетната инвестиција за живот на село е многу голема: треба да се откажеме од старите навики, треба да се откажеме од стариот начин на размислување, треба да инвестираме во самите себе многу, за да може да го оживееме тоа во нас. Не е само материјалното околу себе, туку многу работи внатрешно треба да се променат за да се успее да се издржи таа промена како и се друго. Исто е и како и кога луѓе заминуваат да живеат во странство, само што кај нас селата се позапуштени па тука треба уште повеќе и надворешно од себе да се работи за да се успее.

Симона: Живот и работа на село значи и работа на самиот себе. Ако сакате да работите на самите себе, на себеизградување и на раст, секако не треба да се откажето при првата пречка. Работите ќе се подредат како што треба.

Борче: А кој сака да проба како е на два-три месеци нека не контактира ние сме тука за тие луѓе што сакаат да пробаат.

Село Стар Истевник, Делчево,
30.06.2024 година.

Интервјуто е водено во
Центар за одржливи практики
“Природна Перспектива” с. Стар Истевник

Автор на интервјуто:
Кирчо Анастасов

Креирано од:


Пренеси го гласот