БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Излезе новата “лонгплејка” на легендарниот панк-рок состав “Флукс”

Пренеси го гласот

Изминатиот викенд љубителите на вистинскиот андерграунд звук во државава можеа да присуствуваат на настанот за промоција на новото LP издание на легендарнито скопски панк-рок состав Флукс.

Нивниот суров, бескомпромисен и жесток звук момците од бендот веднаш го објавија и на јутјуб како и на каналите на нивниот издавачки бренд Балкан Велики на на Бајндкамп платформата.

Станува збор за 9 панк-рок песни кои се вистинско освежување на речиси умртвената панк-рок сцена во Македонија. Брзиот и динамичен ритам е присутен во целото издание, мелодичноста на вокалните делници се оние препознатливите за бендот а лириката во текстовите е своевидно пишано послание за младиот човек кој не се пронаоѓа во хипокризијата и бруталноста на актуелното секојдневие во Скопје.

Токму тој народен неисполиран и неискомерцијализиран набој на ова музичко дело е неговата вистинска предност над се она што се нарекува лигав и платен меинстрим кој функционира сам за себе, наспроти реалноста содржана во песните на она што момците од флукс го нарекле “Се околу нас”.

Мелодичноста во песните на моменти се искршува на парчиња дефинирани од дисторзираниот звук на гитарата која ги руши сите стереотипи на линеарност на звукот и придодава вистинска иновативност и убавина базирана на стабилни основи на ритам секцијата.

Ова издание е едно од најочекуваните мои изданија откако за првпат во 1000 година имав прилика да го погледнам и слушам бендот Флукс во живо на Јангстерс рок фестивалот кој се одржа на Градскиот базен во Делчево.

Од тогаш се променети многу работи како во Делчево и воопшто во државата, но Флукс се оние истите бескомпромисни борци за свој автентичен и препознатлив дух пренесен низ нивната музика и воопшто нивната појава. Тогаш беа големи и до ден денес по она што може да се слушне на овој албум тие се уште големи.

Особено е за почит што нивните песни уште тогаш-на крајот од 90-тите години од минатиот век беа пеени на Македонски јазик што во тогашни услови беше реткост, но и предност затоа што вистинскиот автентичен Македонски панк-рок не може да биде пеен на било кој друг странски јазик, што му дава уникатност и посебна убавина на било кој македонски бенд.

Дефинитивно музичките издавачи во Македонија и на Балканот треба да го земат во предвид ова издание за свој понатамошен можен таргет-договор за нови изданија на бендот. Секако од менаџментот на бендот се бара и нивна про-активна улога во организацијата на концерти и тоа не само во Скопје туку и во градовите во периферијата на државата, со што гласот на една заглавена (помеѓу шизофренијата на политиката) генерација на луѓе ќе биде пренесен со надеж да се променат нештата на подобро.

До тогаш топло го препорачуваме ова издание нека свири на што е можно повеќе децибели, за да свати комшијата конечно што пропушта во животот.

Креирано од:


Пренеси го гласот