Митовски најави нови инфраструктурни проекти, адреналински парк, хотелски капацитети и подготовка за изградба на ски-центар
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, преку видео обраќање до јавноста ги презентираше досега реализираните проекти и идните инвестиции насочени кон развојот на туристичкиот локалитет Калин Камен, кој сè почесто се наметнува како еден од најзначајните туристички потенцијали во североисточниот регион на државата.
Во своето обраќање, Митовски истакна дека во изминатите неколку години Општината систематски работела на создавање услови за туристички развој преку значајни вложувања во патната, водоводната и туристичката инфраструктура, со цел Калин Камен да прерасне во современ планински и рекреативен центар.
Ново патно поврзување и реконструкција на постојниот пат
Еден од најзначајните проекти е изградбата на алтернативен патен правец што ќе ги поврзе Крива Паланка и Калин Камен преку селата Б’с и Кошари. За оваа намена се обезбедени над 35 милиони денари, со кои веќе се реализирани четири од вкупно шесте километри од трасата.
„Преостануваат уште два километри за кои во наредниот период ќе бараме дополнителни финансиски средства, со што конечно ќе се обезбеди алтернативно патно поврзување до Калин Камен“, истакна Митовски.
Паралелно со ова, во тек е и реконструкцијата на постојниот патен правец Крива Паланка – Калин Камен во должина од седум километри. Инвестицијата е вредна повеќе од еден милион евра, а градежните активности веќе се одвиваат на терен.
Прв адреналински парк во регионот
Посебен акцент во развојната стратегија е ставен на активниот и авантуристички туризам. Според најавите на градоначалникот, Калин Камен наскоро ќе го добие првиот адреналински парк во регионот.
Станува збор за инвестиција вредна над 250.000 евра, а изградбата е во завршна фаза. Очекувањата се дека новата содржина ќе биде ставена во функција во текот на наредните неколку недели и ќе претставува дополнителна туристичка атракција за посетителите.
Подобрување на водоснабдувањето и нови сместувачки капацитети
Во насока на создавање услови за одржлив туристички развој, Општината работи и на изградба на нова водоводна линија во должина од десет километри, која ќе ги поврзе Калин Камен, Варовиште и Кркља.
Истовремено, преку соработка со приватниот сектор се реализираат урбанистички постапки за изградба на хотелски комплекси. Според Митовски, два хотелски објекти веќе се наоѓаат во напредна фаза на подготовка, што претставува значаен чекор кон зголемување на туристичките капацитети во овој дел од државата.
Дополнително, во завршна фаза се наоѓа и постапката за првата типска викенд населба на Калин Камен, чија урбанистичко-планска документација е пред добивање на конечна согласност од надлежните институции.
Ски-центарот станува реалност
Најголемо внимание во јавноста предизвика најавата дека е во напредна фаза подготовката на урбанистичкиот план и основниот проект за изградба на долгоочекуваниот ски-центар на Калин Камен.
Проектот предвидува изградба на ски-патеки и ски-лифт, со што Калин Камен би добил можност да се развива како зимски туристички центар и да привлече посетители во текот на целата година.
„Она што со години беше само најавувано и изгледаше недостижно, денес полека станува реалност. Во наредниот период ќе остане да обезбедиме финансиски средства за оваа капитална инвестиција која може значително да придонесе за економскиот развој на Крива Паланка и целиот регион“, нагласи Митовски.
Пример за локален економски развој
Со реализацијата на овие проекти, Крива Паланка покажува дека и помалите општини можат успешно да ги искористат своите природни потенцијали и преку стратешко планирање да создаваат нови можности за локален економски развој, туризам и отворање работни места.
„Покажавме како знаеме да работиме со срце за градот и така ќе продолжиме и во иднина“, порача градоначалникот Сашко Митовски во своето обраќање до граѓаните и јавноста.
Градоначалникот Митовски во своето обраќање ги потенцираше големите капитални инвестиции кои што општината ги има направено во патната, водоводната, туристичката инфраструктура за развојот на Калин Камен но и околните населени места во близина на локалитетот.
Со реализацијата на овие проекти Градоначалникот Митовски покажува на кој начин може една мала општина од периферијата на државата да се развива согласно своите стратешки цели за Локален економски развој.
Во продолжение во целост го пренесуваме транскриптот од обраќањето на Градоначалникот Митовски до своите сограѓани но и до целокупната јавност:
“Денеска се наоѓаме на Калин камен- туристичкиот потенцијал и туристичкиот бисер за Крива Паланка каде што со години се најавуваа сите можни инвестиции тука и каде што многу време наназад говориме за можностите што ги нуди Калин камен. Но денеска еве со гордост можам да споделам конкретни чекори во само неколку години кој што значат развој и за Крива Паланка но и за Калин Камен.
Во изминатиот период тука работевме на обезбедување на проектна документација за изградба на алтернативно патно поврзување на Крива Паланка со Калин камен во должина од 6 километри преку селото Б’с и село Кошари каде што успеавме да обезбедиме повеќе од 35 милиони денари и да изградиме 4 километри од вкупната предвидена должина од 6 километри, преостануваат уште 2 км коишто во следниот период ќе бараме финансиски средства за истото за да еве Крива Паланка со Камен камен добие алтернативно патно поврзување.
Обезбедивме и проектна документација за реконструкција на постоечкиот патен правец Крива Паланка – Калин камен во должина од 7 километри и инвестиција некаде повеќе од еден милион евра за што се обезбедени финансиски средства и веќе економскиот оператор активно работи на терен за реконструкција на постоечкиот а патен правец. Исто така во изминатиот период обезбедивме проектна документација за изградба на првиот адреналински парк во регионот- инвестиција вредна некаде околу 250 евра и еве денеска со гордост можам да кажам и да споделам дека за некаде од дваесетина дена ќе имаме и ќе го имаме и првиот адреналински парк во регионот на Калин камен каде што вложуваме некаде повеќе од 250000 евра.
Обезбедивме и работевме на проектна документација за нова водоводна линија во должина 10 километри кои што ги поврзува Калин камен село Варовишта и село Кркља преку приватни лица водевме постапка за урбанистички план со намена за хотелско сместување и градбите веќе, односно двете хотелски сместувања се во некоја си напредна фаза што значи дека токму овој регион ќе добие и свое хотелско сместување.
Со гордост исто така споделувам дека во завршна фаза е и првата типска викенд населба тука на локација на Калин камен каде што урбанистичко-планската документација е пред самата согласост во Министерството за транспорт и врски.
А она што денеска со голема гордост сакам да го најавам и да го споделам со сите кривопаланчани е дека веќе во многу сериозно и напредна фаза е изработката на урбанистичкиот план и основниот проект за долго најавуваната тука инвестиција а тоа изградба на ски стазите ски-лифтот токму на Калин камен.
Она што беше многу години најавувано, она што беше говорено многу години наназад и кое што изгледаше недостижно денеска полека ја добива својата извесност, ја добива својата завршница и во следниот период онака како што работевме и како што знаеме единствено да работиме, е ќе остане, ќе преостане да обезбедиме финасиски средства за оваа капитална инвестиција за оваа можност која што ја нуди оваа убавина на Крива Паланка Калин камен и регионот, за да Крива паланка во следниот период се развива уште повеќе од она што е денеска.
Покажавме како знаеме да работиме со срце за градот така и ќе продолжиме и во следниот период.”
-рече во своето обраќање Сашко Митовски Градоначалник на Крива Паланка

СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Новото раководство на Комората оствари средба со министерот за здравство
Одбележан патрониот празник на ООУ „Крсте Петков Мисирков“ во Оризари
Предложен притвор за вработен во ДЗС осомничен за поткуп