БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Најстарата културна институција- Македонската филхармонија одбележува 80 години постоење

Пренеси го гласот

Денеска на 24 ноември се одбележуваат 80 години ид формирањето на Македонската Филхармонија.

На денешен ден, пред 80 години е формиран оркестарот на Македонската филхармонија, 11 дена по ослободувањето на Скопје, во домот на композиторот Тодор Скаловски 

Духот на слободата бил преточен во музика, во насушна потреба за креирање уметност, култура, идеали и вредности кои претставуваат столб на секоја држава.
Како најстара институција во земјата, Македонска филхармонија осум децении гради успешна музичка приказна – создава трајни уметнички вредности, едуцира, ја промовира класичната музика на највисоко ниво.

Музиката е нашиот ветер во едра, исконска сила која постојано не движи напред, кон нови звучни предизвици и концертни доживувања кои немаат реприза.

Осумдецениската музичка одисеја на нашиот оркестар продолжува и во новата јубилејна концертна сезона. Со нови солисти, диригенти и дела кои ќе ги стимулираат вашите сетила, ќе отворат нови звучни хоризонти, ќе испишат уште една значајна страница во историјата на нашата институција.

Почитувани,

Секоја музичка сезона на Македонската филхармонија во себе носи уникатен звучен пејзаж, нови солисти и диригенти, изведби на капитални симфониски дела што оставаат траен белег во богатата ризница на нашата институција.

Сезоната 2024/2025 има посебно место во таа ризница бидејќи во неа оркестарот на Македонската филхармонија ќе го прослави својот 80-ти роденден, како најстара културна институција во нашата земја. Формирана на 24 ноември 1944 година, само 11 дена по ослободувањето на Скопје, на иницијатива на македонскиот композитор Тодор Скаловски, Македонската филхармонија осум децении ја гради својата историја преку генерации музичари кои со својата работа несебично се вградија во создавањето на елементарниот звучен фундамент.

Новата сезона не случајно е насловена „Одисеја“. Симболиката проткаена во Хомеровиот еп и насловот на ова капитално книжевно дело се совршена илустрација за осумдеценискиот пат што го изоди нашата институција. Од оркестар што срамежливо и несигурно чекори по површината на партитурата, Македонската филхармонија прерасна во оркестар со компактна и детерминирана звучност.

Изминативе осумдесет години бевме сведоци на интересно патување исполнето со музички авантури и предизвици кои не нѐ оддалечија од суштината, напротив, уште повеќе нѐ доближија до есенцијата, до елементарната суштина на симфониското музицирање. Предизвиците нѐ направија посилни, поотпорни на ветриштата кои понекогаш се обидуваа да нѐ оддалечат од нашето музичко пристаниште.

Со љубов и гордост ви ја најавуваме новата роденденска сезона во која ќе чуете врвни странски и македонски солисти, ремек-дела на симфонизмот, концертно музицирање и премиерни изведби на дела од домашни музички творци.

Осумдесетте години љубов ги преточуваме во возбудлива музичка „Одисеја“ – патување што ќе донесе нови звучни авантури и предизвици.

Извор: filharmonija.mk

Креирано од:


Пренеси го гласот