Малкумина знаат дека тој е спој на источна и западна Македонија во едно. Роден и горд Штипјанец но по татко од Пехчево а по мајка од Струга, тој е е еден од најпрепознатливите пратеници во изминатите 10 години во парламентарните клупи. Со макотрпната работа и посветеност на негување и ширење на парламентарната демократија онаму каде што најмногу е потребно – во Македонскиот Парламент, Никола Мицевски во јавноста изгради углед на пратеник кој што до најситен детал ги запазува парламентарните процедури и постапки и реагира жестоко доколку истите се нарушени. Впрочем како човек поборник за спроведување на Деловникот за работа на Собранието, тој на најубав можен начин покажа во изминатите години како се бори за правдата во Македонија која толку многу недостигаше во владеењето на СДСМ и ДУИ.
За овие Парламентарни избори Никола Мицевски се наоѓа на кандидатската листа за пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата “Твоја Македонија” во Третата Изборна Единица веднаш зад носителот Драган Ковачки. Никола Мицевски има свои лични фаворит- проекти во програмата со која ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата го бара гласот на граѓаните на овие избори, но смета дека реализацијата на оваа програма по победата на 8 мај ќе обезбеди значително подобрување на живеачката на граѓаните како во Источна Македонија така и во секое населено место низ цела држава.
За повеќе актуелни прашања кои веруваме дека би биле од интерес на јавноста зборуваме во ова Наше Интервју со Пратеникот и член на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски од Штип.

НАШЕ ИНТЕРВЈУ:
- Брегалнички Портал: Важите за еден од пратениците со најдолговечен стаж во парламентот. Колку искуството е важно при делувањето на еден координатор на пратеничка група во рамки на гломазните процедури во самиот парламент?
Никола Мицевски: Да, точно така. Во Собранието на Република Македонија, како пратеник избран од граѓаните во Изборната единица 3 сум точно 10 години односно од парламентарните избори кои се одржаа во месец април, 2014 година.
Околу искуството и улогата на координатор на пратеничката група би сакал да истакнам дека токму искуството и праксата се од исклучителна важност за професионално делување и функционирање на секојдневна основа во Собранието, но тука нема да ги занемарам и истрајноста и желбата за работа и секојдневно учење.
Впрочем, во Собранието започнав како пратеник и во текот на наредните 5-6 години, од таа позиција, директно вклучен во работата, го градев своето искуство и практична примена на како што рековте вие, гломазните собраниски процедури. За потоа, во октомври 2018 година да станам координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Парламентот, со што моите обврски, одговорност и обем на работа драстично се променија и зголемија.
Затоа би ја потврдил вашата теза и прашање дека искуството во најголем дел е клучно за успешно справување со секојдневните работни обврски, но и со предизвиците кои што сепак се составен дел од Собранието како специфична и единствена институција во Македонија во која што секојдневно се вкрстуваат и судираат различни концепти, политики и начини на делување.

- Никола Мицевски: Доаѓате од Штип, но Вашето потекло е некаде од Пехчевско. Кажете ни нешто повеќе за себеси, со оглед на тоа што јавноста многу малку знае детали од вашиот приватен живот. Ваше хоби, интереси надвор од работата и сл.
Лично сметам дека приватниот живот на јавните личности, барем од политиката, во најголема мера треба да биде тргнат понастрана и подалеку од очите на јавноста. Кога мислам на приватен живот, најмногу мислам на членовите на потесното семејство кои немаат никаква допирна точка со она што една јавна личност го прави и работи.
Што се однесува до другиот дел од прашањето, да, јас сум роден, израснат и се’уште живеам во Штип. Целото мое детство, целиот мој живот до ден денес е поврзан со Штип. Инаку, по татко сум од пехчевско, а по мајка од струшко. Интересна комбинација и спој од тотално различни краеви на Македонија. Но најважното е тоа што јас лично, како човек роден во Штип, со едниот родител од Источна, а другиот од Западна Македонија, сум горд на моето потекло, на мојата Македонија. На крајот од денот, секој регион си има своја посебност и убавина, кој што не’ поврзува сите нас, а тоа е дека сите сме Македонци.
Во однос на моите интереси надвор од политиката и моето хоби, би можел да кажам дека колку што ми дозволува времето поради секојдневните работни ангажмани и обврски, најмногу уживам во миговите минати со моето семејство, но и со моите долгогодишни другари. А мое хоби и пасија отсекогаш била и ќе остане одбојката. Со овој спорт професионално се занимавам уште од моето рано детство, прво како професионален одбојкар, а потоа како успешен македонски и меѓународен одбојкарски судија со многу натпревари на домашна и европска сцена.
- Брегалнички Портал: Во изминатиот пратенички мандат имавте жестоки дискусии со Претседателот на парламентот Талат Џафери. Како го цените неговиот претседателски ангажман? Дали ги оствари очекувањата на гласачите за неговата коалиција која го изгласа за претседател на парламентот? Дали со неговото работење Талат Џафери ја направи Македонија поубаво место за живеење минатите годинни?
Никола Мицевски: -Видете, во Собранието на Република Македонија, во нашата 33 годишна плурална демократија имало и секогаш ќе има таканаречени жестоки дебати. Како што реков претходно, Собранието е специфична институција во која што на дневна база имаме дебати, дискусии, разговори, преговори, вкрстувања на аргументи, со луѓе кои што доаѓаат од различни политички табори, со различни концепти и идеологии, со различни начини и методи на размислување и делување. И тоа е така насекаде, не само во Македонија.
И затоа велам, повеќе жестоки или помалку жестоки, дебати секогаш ќе има, бидејќи тоа е здраво за едно демократско општество, но тие треба да бидат аргументирани дискусии базирани исклучиво на факти, со задржување на нивото на професионалноста и учтивоста.
За вториот дел од прашањето, навистина не сум јас тој кој што треба да оценува нечија работа и методи бидејќи не е толку важно што мисли Никола Мицевски, туку најважно е што мислат граѓаните, тие се најголемиот и најдобриот оценувач во Македонија. Впрочем, токму затоа во Македонија се организираат избори каде што граѓаните ја даваат вистинската оценка за сработеното, за очекувањата, но и за грешките.
- Брегалнички Портал: Вашиот динамичен ангажман значеше поголемо присуство во парламентот, што ве оттргна од вашата природна средина помеѓу граѓаните каде бевте постојано присутен пред неколку години, многу повеќе. Каде Никола Мицевски се чувствува дека повеќе припаѓа, дали помеѓу граѓаните на терен или во својот кабинет во парламентот? Кои се позитивните а кои се негативните страни од работата на овие два дијаметрално различни фронтови?
Никола Мицевски: -Вистина е дека поради зголемените работни обврски моето присуство помеѓу граѓаните во изминатиов период е малку намалено, но сепак како што реков претходно, јас иако работам во Скопје, сепак живеам и се движам во Штип. Инаку, кој ме познава сигурно ќе потврди дека мојот пристап секогаш е позитивен и гледајќи низ таа призма и сега, можам да кажам дека кога се сака, се’ се може. Едноставно кажано, балансот помеѓу едното и другото ме одржува, ми дава позитивна енергија и целосно ме исполнува, без разлика дали сум помеѓу граѓаните или пак во Парламентот. Најдобро се чувствувам кога денот ми е исполнет, и лично и професионално. За мене лично, тоа ми е најважно бидејќи верувам дека тоа е формулата за успех на професионален план и за успех на приватен план.
- Брегалнички Портал: Дали програмата “Платформа 1198” има поголеми предиспозиции да ја победи т.н. Европска платформа на СДСМ? Во што се состои разликата според вас меѓу овие две политички понуди за овие избори? Кои се проектите што се ваши лични фаворити во “Платформа 1198” кои суштински ќе го подобрат животот на граѓаните во Брегалничкиот регион?
Никола Мицевски: -Ќе почнам со неизбежното.
На 24 април Македонија многу јасно кажа што мисли за понудата и програмата на ВМРО-ДПМНЕ и што мисли за програмата на СДСМ. Мислам дека одговорот на ова прашање е резултатот од првиот круг на претседателските избори.
Мој личен фаворит и приоритет од програмата ,,Платформа 1198” ми е изградбата на Клиничката болница во Штип. Тоа е мојот сон, Штип и Истокот да добијат вистинска клиничка болница опремена со модерни апарати и стручен персонал. Дополнително, но сепак исто така важни се и проектите за Штип, како што се проектите за реставрација на Исарот, за изградба на обиколница околу Штип, како и за поврзување на Штип со Струмица.
Сепак генерално гледано, мои фаворити се проектите од нашата програма со кои граѓаните ќе добијат повисоки пензии и плати, безбедни патишта, правда и правдина, модерно здравство и уште многу проекти кои ќе донесат подобар живот и за овој регион, но и за цела Македонија.


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Николоски: Имаме големи планови за изградба на нови експресни патишта, меѓу кои и нов експресен пат од Кочани до граница со Бугарија
Драган Ковачки: Вечна му слава на Претседателот Борис Трајковски
Објава за изгубен Родовник