Јас би пошол на еден Последен протест кој всушност ќе биде Последен крик на Македонскиот народ како стои исправен пред судот на историјата, каде му судат за тоа што постои како вистина.
Да го слушнам Игор Дурловски-мојот личен херој како за последен пат ја пее химната на Република Македонија,
Да го прегранам Владо Јовановски во Македонска топла прегратка за да превземам на себе дел од студенилото кое го собра во Македонските зандани,
Да зборнам со Богдан Илиевски за неговите погледи за слободарскиот ноќен живот на младите во државата,
За да слушнам некоја анегдота од Борис Дамовски која ќе ја раскажувам на внуците,
Да запалам свеќа за помен на распарчената душа на упокоените генерации Македонци кои немо бдеат над нашата несреќа што не снајде како народ…
Да оставам искра надеж за неродените генерации Македонци кои ќе им го одземат правото да постојат…
Јас би пошол на уште еден Последен Македонски молк исправен пред гилотината на светската инквизиција која сече глава на цел еден народ само зарати тоа што не знае што да прави со неговата слободољубивост.
Јас би пошол на бранот на уште една река која ќе ги заплисне за последен пат овие родни полиња кои со векови назад раѓале житно семе од кое се хранеле цивилизациите…
Јас би пошол на погребот на Мојата мила татковина затоа што тоа е она што Македонците го чинат кога им почине најближниот….
Јас би ја прегризал за последен пат и засекогаш подзасушената усна која нема да извика: Проклети… Проклети да сте…
Јас би отишол на уште еден последен марш за да бидам заедно со честитите и срдечните маченици кои не смогнаа сили да сакаат повеќе од целата омраза на светот кон нив самите.
Јас би отишол и би се дофатил за раката на тој до мене, затоа што знам дека тоа е раката на ближниот-истиот како мене….
Јас би отишол и би го понел најсветлото небо во светот-тоа над мојот роден град, над моето родно огниште и би им го подарил на ненаситните на човечки страдања…
Јас би отишол на последниот протест затоа што сум Македонец кој има свое човечко право да се нарекува така како што сите други можат да се нарекуваат себеси пред светската вистина.
Јас би отишол и би заплакал за тој плач да го слушне вечноста, за еден ден да се смилува и да ја исправи оваа историска неправда која натегнеала над мојот народ…
И не, нема да посакам зло никому, не затоа што тие тоа го очекуваат од мене…
Туку затоа што јас СУМ Македонец!
Пишува: Кирчо Анастасов
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Шарената револуција никогаш не згасна: Истите шарени револуционери денес се обидуваат да ја украдат тагата на цела една нација
Не треба да дозволиме црнината на нашите души да не вовлече во уште поголема темнина, од која овојпат нема да има враќање
Силен финансиски импут за локалните самоуправи како никогаш до сега! Дали ЕЛС имаат капацитет со овие пари да обезбедат соодветен одржлив развој на локалните заедници?