“Пискотници се слушаат
од Галичник во Река.
Што тешка несреќа ги збра,
и мажите и жените
та гласи тажна ека и
навева сал коб и зла?”
-извадок од Сердарот на Македонскиот поет и преродбеник Григор Прличев
Македонија и Македонските граѓани ги живеат најлошите времиња од осамостојувањето на независна и суверена Република Македонија. Во духот на стиховите на Григор Прличев би рекол дека нема Македонско лице на кое барем на моменти може да се забележи среќа, дури и за највообичаени работи на кои што како луѓе сме навикнати од минатото. Болести, сиромаштија, нервоза, распад на семејства, исселување, неправди, газење по националното достоинство, грабежи, измами, морална декаденција, уништување на животната средина, политички и идеолошки репресалии, тортура на институциите на државата врз поединци…
Сите овие злостори против граѓаните се подигнати на ниво на перфекција до таа мера што обичниот граѓанин секојдневно ги гледа и не смее, не може или нема можност и интерес да се бори против нив.
Овие времиња кои денес ги живееме се полоши од моментите на распад на СФРЈ кога се ослободувавме од подреденоста на поранешниот комунистичко-социјалистички режим. Со таа разлика што додека во 1990-1991 година Македонија и Македонските граѓани се ослободуваа од туѓите странски интереси денес во полн интензитет се одвива обратниот процес на поробување на волјата на Македонските граѓани и зависноста на граѓаните и државата подредени на странски интереси и интереси на домашни поединци како никогаш досега.
Полошо од ова што моментално се случува во државата сепак е можно, доколку граѓаните во мнозинство не го запрат ваквиот самоуништувачки процес преку директни парламентарни избори што е можно побргу.
Моќта на вистинскиот избор е влезната порта низ која граѓаните мора кога-тогаш да поминат.
Не е вест ако кажам дека за ваквата состојба најодговорна е сегашната односно претходната влада и инсталациите на СДСМ и ДУИ и нивните коалициони партнери на сите нивоа во институциите на државата.
Лошата кризна состојба во повеќе сфери во државата како и на локално ниво е пред се последица на два аспекти во практикувањето на власта од страна на СДСМ и нивната коалицијата и ДУИ.
1. Некадарност и лошиот квалитет на спроведени политики и
2. Недостатокот на демократско владеење како генерална перцепција.
Некадарноста и штетноста на владините политики како и политиките на власта во изминатите 4 години на локално ниво може да биде дискутирана до бескрај, што верувам во иднина ќе биде апсолвирано прашање од страна на јавноста во Македонија. Недостатокот на демократија во државата е подеднакво а можеби и повеќе штетна појава поради која сме во ова дереџе. Демократијата и подобриот стандард на живеење се две меѓусебно поврзани алки кои што не можат една без друга. Нагризувањето на демократијата со сигурност води кон распад на животниот стандард и обратно.
И двата аспекти се карактеризираат со партизација на институциите и создавање на длабоки поделби помеѓу граѓаните во Македонија.
Притоа сеприсутниот општи револт кај граѓаните во државата може да се категоризира во два дела:
1. Граѓани кои што се во директна зависна положба од инструментите на власт и влијание на власта кои што како група е најдоминантна со оглед на
-гломазниот административен апарат,
-бројноста на пензионери во државата,
-бројноста на граѓани кои што се приматели на социјална помош,
-Приватно стопанство кое што добива финансиска помош од државата и економски оператори кои што секојдневно се изложени на разно
-разни контроли и репресивни мерки од страна на државата.
2. Граѓани кои што не се во директна зависност од власта и нејзините инструменти на влијание.
Овие вторите се далеку помалку на број, што е една од аномалиите на нашиот хибриден режим и режим со ограничена демократија во изминатите децении. Оваа аномалија државата мора да најде свои механизми да ја надмине во иднина иако решавањето на оваа аномалија не им оди во прилог на политичките партии кои атакуваат на власта.
Токму затоа првиот столб на политичка артикулација на било која наредна влада мора да биде департизација на институциите на државата. Тоа е во денешни услови речиси невозможен процес кој што ако почне да се спроведува ќе биде многу болен, но е задолжително неопходен. Актуелната власт тоа не може да го направи од причини што предлабоко е влезена во должничко-доверителските односи со поединци, организации, интересни групи и центри на влијание. Новата власт што треба да се воспостави на Илинденска бб после наредните парламентарни избори ослободена од било какви хипотеки, тоа може да го направи, со вистинска политичка волја, фокус и знаење.
Од тука да почнеме со демократизација на нашата мала но преубава земја, чекор по чекор за да стигнеме до подобар животен стандард и среќни поединци и семејства.
Пишува: Анастасов Кирчо
08/03/2022
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Штетничката влада на СДСМ и ДУИ донела противуставен закон кој во критичен момент ја поништува октроираното судство за да се продлабочи кризата во предизборна година
Како СДСМ повторно сака протестите на граѓаните да ги искористи за сопствени политички цели?
За живот после смртта