По неколкуте јавни прозивки на Радмила Шеќеринска и Стево Пендаровски во врска со скандалот на неприфаќање од страна на органите на НАТО Алијансата на досега двајца испратени претставници на Македонија во седиштето на НАТО, кој што Драган Ковачки ги правеше преку медиумите и немањето на одговор од страна на повиканите, денеска на прес конференција од партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ Ковачки уште еднаш ги повика на одговорност овие функционери на власта.
“Македонија веќе 2 и пол години е без највисок воен претставник во седиштето на НАТО во Брисел.
Причината за тоа е што кандидатот што Шекеринска го предложи и Пендаровски го прифати, НАТО го одби.
Деновиве, поради безбедносни причини, НАТО ни вратил уште едно лице кое било испратено и работело веќе година дена во Брисел.
Шекеринска и Пендаровски испраќаат лица за претставници во НАТО, кои не ги поминуваат нивните филтри. Ова е меѓународен и дипломатски скандал и со него се нанесува штета на угледот на државата.”
-соопшти Драган Ковачки од партиската говорница на ВМРО-ДПМНЕ и упати повеќе прашања до надлежните:
“Јавно ги повикуваме министерот Шекеринска и претседателот Пендаровски да кажат дали се испочитувани процедурите за избор и упатување на лица на мисии во странство, и ако не се, зошто не се? Да се произнесат кој и зошто ги прекршил процедурите? НАТО почива на доверба помеѓу сојузниците. Кој ви даде за право да ја рушите со години градената доверба помеѓу Македонија и НАТО?
Ковачки нагласи дека Шекеринска и Пендаровски мора да понесат одговорност за овој огромен скандал што не компромитира како земја.
– Шекеринска, процесот на проверка на кандидатите пред нивно упатување е нормален и потребен. Но, неодговорно e да го извадите името на кандидатот во јавност пред да ги помине сите проверки. Исто така, неодговорно e да го носите тоа лице на средби со министер за одбрана на САД или со генералниот секретар на НАТО. Така правите штета и на лицето и на институциите каде сте го носеле, а пред се и за нас најважно – правите штета на Македонија. Втора работа, далеку понесериозно и неодговорно, е да испратите лице без соодветни проверки на работни задачи во Брисел и после година дена истото да Ви биде вратено поради безбедносни пречки. Трета работа, најзагрижувачка и крајно неодговорна, е што токму кандидатот за највисок воен претставник, внимавајте – бил и претседател на комисијата за избор на лица за упатување во мисии во странство (вклучително и за мисијата на Македонија во НАТО, односно одлучувал за испраќање и на второто лице кое НАТО го врати). Случајно ли е, намерно ли е или станува збор за аматеризам и неспособност? Господо од власта, можете да си одмолчите или да дефокусирате, но за оваа дискредитација на државата, Одговорност мора да има! Додека вие молчите, за целото времетраење на вашата апсолутна власт и уста полна со НАТО, државата нема свој највисок воен претставник во Алијансата,”
-соопшти членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки.