Интегрален текст на Претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Лозово:
“Без навреда, но главната причина зошто го пишувам овој пост е реалната потреба од промена на менталниот склоп на нас граѓаните.
Денеска заедно со Трајко Димков, Орце Цветковски и претставници од Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Лозово, посетивме повеќе населени места и имавме блиски средби со жителите.
Во убава и позитивна атмосфера преку директен контакт разменивме размислувања, предлози, критики и идеи за проблемите со кои секојдневно се соочуваме.
И потоа следеше тоа што ме поттикна да пишувам..
Среде средба ни посочија на сограѓани, семејство позитивно на Ковид-19, но тоа ни беше посочено со таков страв и тон во гласот што искрено не стаписа.
Ние секако дека ги посетивме, согласно протоколите за заштита. Во разговорот од дистанца тие ни посочија дека се чувствуваат како жигосани и наместо да им се понуди помош или една психолошка поткрепа дека не се сами во борбата против овој невидлив непријател, луѓето дури избегнуваат и да разговараат со нив.
Знаеме дека сензационализмот од типот ,,мистериозен, смртоносен вирус”, гарниран со нашиот познат менталитет, се најдобра подлога за појава и развој на ,,корона-психозата”, каде што стравот од катаклизма ги тера луѓето да се однесуваат ирационално, па дури и панично, што е најголемата штета по општеството не само кај нас, туку и во светот.
Кризите се време кога човечноста е ставена на тест. Ниту заболените од коронавирусот ниту нашите сограѓани сместени во карантин не треба да бидат стигматизирани. Не смееме тоа да го дозволиме. Ова е можност да се развиеме како општество, да ги надминеме стигмата и поделбите, да се обединиме во хуманоста и да покажеме дека сите сме дел од борбата против овој невидлив непријател…
На секој еден од нас може да му се случи да заболи, затоа апелирам до сите граѓани да бидеме сплотени и да го победиме она зло заедно…
И секако, да работиме за надминување на ваквата стигматизација, денес и во иднина.
Со Почит,
Бошко Цветковски”