Хавариите во електроенергетскиот систем стануваат секојдневие. Па дури се нарекуваат “вообичаени“, а скоро половина Македонија остана без напојување со електрична енергија. Веднаш се појавија експерти во одбрана на Власта и МЕПСО дека настанот не е по вина на човечки фактор, одржувањето било на ниво и ова се “вообичаени“ дефекти и слично. И никому ништо.
МЕПСО формира комисија на ниво на работна група за да даде информација за настанатата хаварија. Интересно е да се види што ќе каже ваквата комисија. Дали оваа комисија ќе успее да даде одговори на најсуштинските прашања:
Бидејќи опремата во оваа трафостаница е нова, со нов систем на управување и релејна заштита, зошто прекинувачот на оштетениот 110 кВ далновод Скопје4 – Бунарџик не исклучил туку исклучил прекинувач на трансформаторот, со што целата трафостаница останува без напон, а со тоа половина Македонија остана во темница?
Како е подесена и како делувала релејната заштита? Дали е во ред подесувањето и селективноста на заштитата или е неисправен прекинувачот или има друга техничка причина? Нели ова е нова опрема поставена пред една година!.
Според изјавите на МЕСПО на оштетениот 110 кВ далновод има пробивање на изолаторски ланци. При тоа настанува пожар кој според информациите е последица на запалена сува трева околу столбот на далноводот. Изолаторските ланци се на челично решеткасти столбови и на висина на столбот од околу 10 метри. Таму не расте трева. Тревата е запалена на земја.
Како се запалила тревата?
Дали се скинало далноводното јаже и паднало на земја?
Дали електричниот лак бил со должина од 10 метри и повеќе, па ја запалил тревата и како технички да се објасни ваква должина на електричен лак за 110 кВ напонска мрежа?
Но, каде е тука релејната заштита, зошто во ред на величина на милисекунди не го исклучила далноводот од двете страни?
Во секој случај стручната екипа составена во МЕПСО ќе даде свој извештај кој нема да биде независен ако не даде одговори на поставените прашање. Добро би било во таа комисија да се вклучат и независни лиценцирани експерти кои ќе дадат свое независно експертско мислење за причините на дефектот.
Не треба да се заборави фактот дека сме во многу тешка енергетска состојба без доволно домашно производство на електрична енергија. Трошоците за набавка на електрична енергија од берзите се мерат во стотици милиони евра.
Секако дека ваков дефект само потврдува дека системот на раководење и управување со електроенергетскиот сиситем не трпи политички нестручни кадри да раководат со вака важни објекти каде не се дозволени импровизации. Потребни се стручност, искуство и знаење кое очигледно СДСМ и ДУИ го немаат.
Оваа неспособна власт од СДСМ и ДУИ мора да си замине што поскоро и да дојде нова, одговорна и стручна влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
-Интегрален текст на соопштението на Комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ упатено до јавноста


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
dm и „Матрона“ со нова бесплатна онлајн обука на тема „Ран моторен развој кај децата: практични совети од ортопед“
Чешиново-Облешево доби нов, модерен простор за рекреација на најмладите
Македонскиот Премиер упати пораки за улогата на новите инвестиции за потребите на Македонска пошта