Горенаведените редови се од новелата „Реквием за калуѓерка“ од американскиот писател Вилијам Фокнер (1897-1962), и се веројатно меѓу неговите најпознати цитати. Додека славиме 34 години независност на Македонија, како независна национална држава, ми се допаѓа да се потсетам на овие редови бидејќи тие се чини дека значат, барем за мене, дека минатото е секогаш со нас и се уште не обликува денес во сегашноста, влијае и ја обликува нашата иднина. И кога го пишувам зборот „минато“, не мислам само на изминатите 34 години независност на Македонија како современа национална држава. Мислам на целата историја на Македонија што се протега низ маглите на времето.
Друг цитат што ми се допаѓа, поради неговата торжественост, е следниот: „Традицијата е демократија на мртвите. Таа значи да им дадеме право на глас на најзапоставената од сите класи: на нашите предци“. Овој цитат е од англискиот писател, поет и христијански бранител Џи Кеј Честертон (1874-1936); од една од неговите најпознати книги „Ортодоксност“ – најтешката книга што некогаш сум ја прочитал, но која длабоко ја ценам.
Цитатот на Честертон не само што навестува туку и гласно извикува дека минатото е од витално значење за сегашноста и за „иднината“. Според размислувањето на Честертон, само затоа што нашите предци се мртви и закопани не значи дека тие немаат право на глас во сегашноста или иднината. Напротив: затоа што ние не би биле тука без нив, им должиме не само долг на благодарност, туку да им дадеме и право на глас во сегашноста и „иднината“. Минатото не умира, ниту е минато.
Додека славиме 34 години независност на Македонија, Македонците мора да ги земат предвид оние што дошле пред нив, враќајќи се назад во маглата на времето. Она за што се бореле, она за што се жртвувале, за што крвареле и умреле е она што го имате денес: независна Македонија.
Што правите со она што ви го дале? Дали надградувате врз нивната работа, нивната жртва? Дали работите да ја направите Македонија подобра, колку и да е тоа тешко, за вашите деца и внуци? Дали правите жртви, имајќи предвид дека нивните жртви честопати биле во крв и по цена на нивните животи, додека она што се бара од вас денес е многу поевтино? Или живеете од нивната работа, од нивната жртва? Дали постојано мрморите, се жалите, ги кревате рацете во вис и си велите „ништо не можам да направам, а освен тоа, секој ќе краде од мене, вклучително и владата“. Ако го правите првото, тогаш браво за вас: им оддавате почит и им давате право на глас на вашите предци. Ако го правите второто, тогаш срам да ви е, се однесувате кукавички. Ова не мора да биде така. Имате избор како ќе се однесувате.
Бидејќи иднината на Македонија зависи од вас, треба – и покрај сегашните околности и тоа како гледате на нив – да бидете надежни.
А надежта бара акција. Пишував за ова и претходно, но вреди да се повтори: научникот и автор Јувал Левин пишува „Затоа, секогаш инсистирам на оваа разлика помеѓу надежта и оптимизмот, до која доаѓам преку рабинот Џонатан Сакс, иако мислам дека е постара и подлабока од тоа. Надежта е да се верува во можноста за позитивна промена. Надежта е доблест што бара многу. Тешко е, потребна е малку храброст, потребна е енергија, потребна е многу акција. Да се биде оптимист е да се мисли дека работите сами од себе ќе одат на подобро. Мислам дека тоа е глупаво.“
Заедно со Левин, писателот и предавачот Артур Брукс пишува дека „Постои збор за верувањето дека можеш да ги подобриш работите без да ја искривиш реалноста: не оптимизам, туку надеж. Со други зборови, оптимизмот е верување дека работите ќе се одвиваат добро; надежта не го претпоставува тоа, туку е убедување дека некој може да дејствува за да ги подобри работите на некој начин“. Брукс продолжува да пишува дека „Надежта вклучува лична акција“ и дека „повеќето филозофски и религиозни традиции ја сметаат за активен избор, па дури и за заповед. Всушност, тоа е теолошка доблест во христијанството: Имплицира доброволно дејствување, а не само очекување на среќата“.
Накратко, надежта бара да направите нешто.
Враќајќи се на Честертон, тој пишува „Начинот да се сака нешто е да се сфати дека може да се изгуби“.
Дали ја сакате Македонија? Дали сфаќате дека, во одреден момент во иднина, може да се изгуби? Немојте да ми бидете песимистични и да велите дека : „Веќе е изгубена“. Тоа е врв на дефетистичките ставови и мене, лично, не ми се допаѓа. Секогаш постои надеж, а повторно, надежта бара да направите нешто.
Уште малку Честертон: „Мртво нешто може да тече низ потокот, но само живо нешто може да се движи спроти него“. Во денешниот жаргон се вели, „движи се со потокот“. Со други зборови, не работи, не прави ништо, само лебди. Но, ако го правиш тоа, според Честертон, веќе си мртов, барем ментално, духовно, интелектуално.
Мојата молитва за Македонија и моите македонски пријатели и семејство на Денот на независноста на Македонија е да се надевате; и надевајќи се, да преземете акција за да им дадете глас на своите предци и да направите се што можете за Македонија да биде побезбедна, попросперитетна, повеликодушна, попријатна и попрекрасна и пољубезна. Во овие речиси 30 години со Македонија, ве видов како го правиште тоа. И знам дека можете да го направите.
Среќен Ден на независноста, Македонијо!
Извор: Подкаст Macedonian Content Farmers


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Про-бугаринот Венко Филипче нека покаже како треба и нека ги стави бугарите во статутот на СДСМ, Македонскиот устав не му е дедовина да го решета како ќе му текне
Зошто НАТО не го активира членот 5 во војната меѓу САД и Иран?
Синдикалниот комунизам е мртов. Македонија како земја на услуги треба да развива трудов раст а не секојдневие на социјална пропаст