По најавената реконструкција на Македонската влада, што вчера на прес конференција ја обзнани Премиерот Христијан Мицкоски, за нов Министер за локална самоуправа ќе биде предложен Иван Стоилковиќ.
Тој доаѓа на местот на Златко Перински кој што во досегашното нешто повеќе од 2 години на оваа позиција започна значајни и обемни процеси за реформа на работењето на самото министерство додека истовремено се работеше на обезбедување на финансии за реализација на проекти за локалните самоуправи во државата.
Иван Стоилковиќ по тој повод упати своја порака во јавноста:
“Искажувам благодарност до Претседателот на Владата за укажаната чест и за огромната доверба, искрено верувам заслужена и низ многу премрежија докажана, да застанам на чело на Министерството за локална самоуправа. Да се води ресор кој е директниот мост помеѓу централната власт и секој наш град, секоја наша општина и секое маало, е исклучителна, но пред сè, голема одговорност пред граѓаните. Мојот претходник и неговиот тим поставија цврсти и стабилни основи, врз кои ќе продолжиме да градиме со уште позабрзано темпо.
Нашата примарна, суштинска мисија е преку силни, економски стабилни и модернизирани општини да создадеме реална, опиплива перспектива за нашиот народ. Ова не е само политичка цел, ова е нашата најважна битка – битката за нашите граѓани, за нашите млади генерации.
Во остварувањето на оваа визија ниту една средина нема да остане заборавена. Свесен сум дека силни градови нема без развиени и живи рурални средини, затоа мој силен приоритет ќе биде вистински, праведен и рамномерен регионален развој. Помалите и руралните општини мора и ќе ја добијат потребната системска и финансиска поддршка од државата. За таа цел, посебен фокус ќе ставиме на максимално и посветено искористување на европските фондови и програмите за прекугранична соработка. Овие средства ќе ги насочиме директно таму каде што се најпотребни – за модерни патишта, чиста вода за пиење, нови градинки, современи училишта и еколошки проекти. Целта е едноставна: достоинствен живот за секој граѓанин, без разлика дали живее во центарот на главниот град или во најоддалеченото македонско село.
Оваа доверба од Претседателот и од народот ја прифаќам со максимална сериозност. Владата, градоначалниците, локалните лидери, но пред сè граѓаните, во мене ќе имаат искрен сојузник, отворен партнер и неуморен работник, кој нема да се штеди за остварување на овие стратешки цели. Вратите на ова министерство ќе бидат ширум отворени за секоја добра идеја и за секој што сака да придонесе за подобра иднина на локалните самоуправи и граѓаните.
ЗАБРЗУВАМЕ со напорна, чесна и отчетна работа, на терен – уште од првиот миг!”
-напиша на социјалните мрежи Иван Стоилковиќ

СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Николоски: Изградбата на автопатот Охрид-Кичево се одвива по план, она што беше невозможно станува реалност
Кривина пријава за 19 годишен кочанчанец за полово вознемирување
Сојузот на спортови на Скопје ги додели наградите „13 Ноември“, каратистот Матеј Белистојаноски одликуван за најдобар спортист