Живеам и работам во образование. Кочани е мало место, имаме четири основни училишта, колегите меѓусебно се познаваме, соработуваме и професионално и приватно.
Се случи мојот син да добие двојка по природни науки, и тоа во период кога сите други оценки му се солидни.
Она што ми беше особено интересно е реакцијата на колегите. Како да чувствуваа потреба да ми се јават, да објаснат, да се двоумат дали да ја внесат оценката, веројатно затоа што станува збор за дете на колешка.
Мојот одговор беше краток и отсечен: НЕ! Двојката е двојка и нека биде внесена. Ако заслужил двојка, ќе добие двојка. Кога ќе научи за повеќе, ќе добие повеќе.
Не сакам моето дете да има привилегии затоа што неговата мајка работи во образование. Не сакам ниту да расте со убедувањето дека познанствата, презимето или општествената позиција можат да го заменат знаењето.
Затоа што штетата од неоправдано високите оценки не ја трпи само ученикот. Ја трпи целото општество.
Кога на незнаењето ќе му дадеме петка, не сме му помогнале на детето. Само сме го одложиле соочувањето со реалноста. Создаваме привид на знаење, додека празнините остануваат и се пренесуваат од едно образовно ниво на друго.
А што кога еден ден тоа дете ќе стане лекар, инженер, наставник, електричар или водоводџија? Што ако пропуштеното знаење и неоправданата оценка утре станат туѓа штета, па дури и човечки живот?
Не е помалку важно дали некој ќе биде хирург или водоводџија. Важно е да ја знае својата работа, да биде стручен, совесен и одговорен. Секоја професија бара знаење. Секоја професија носи одговорност.
Токму од малите компромиси, од оценките подарени заради родителите, познанствата, мирот или личните интереси, се создаваат големите општествени проблеми со кои се соочуваме денес.
И не, двојката не е трагедија. Трагедија е кога ќе престанеме да ја препознаваме разликата меѓу знаењето и оценката.
Јас сакам моето дете да научи дека грешките се поправаат со труд, дека незнаењето не е срам, но одбивањето да се научи е проблем. Дека не мора секогаш да биде најдобро, но мора да биде одговорно кон себе и кон она што еден ден ќе го работи.
Не барам петки за моето дете. Барам да знае за петка. А ако знае за двојка, нека ја добие двојката.
Зашто оценката не е подарок, знаењето не е привилегија, а образованието не е услуга што си ја правиме едни на други.
Тоа е одговорност кон иднината
Пишува: Ана Симонова

СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Ијан Мекјуан и кожата на маса
Прогласи на ѕидот
СВИЖДАНЕ