Денеска на пригоден настан во Владата на Република Македонија беше потпишан договорот за изградба на новиот автопат на релација Скопје-Блаце.
По повод овој настан свое соопштение во јавноста упати Претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски:
“Ми претставува голема чест и задоволство што денеска можеме да отпочнеме еден проект којшто со децении беше најавуван, потпишување на договор за изградба на автопат Скопје-Блаце. За мене како претседател на Владата претставува големо задоволство што наскоро на целата територија на државата ќе се развиваат 6 автопатски делници.
Покрај оваа делница, којашто треба да го поврзе главниот град со границата со Косово, односно Блаце, тука се и делницата којашто треба да ги поврзе и Тетово и Гостивар, Гостивар со местото Букојчани, го завршуваме делот од автопатот Кичево-Охрид, потоа Прилеп-Битола, и наскоро очекувам да биде завршена и процедурата којашто треба да го поврзе Букојчани со Кичево. Заедно со оваа автопатска делница, очекувам овие 6 автопатски делници во еден момент да се реализираат. Тоа ќе биде голема додадена вредност за македонската економија. Нешто коешто за мене претставува исклучително важно и е еден од врвните приоритети на оваа Влада, економскиот развој да продолжи онака како што го поставивме пред 2 години кога бевме избрани како влада.
Оваа Влада нема намера да биде запаметена по изговори. Сакаме да бидеме запаметени по проекти, по автопати, експресни патишта, железници, училишта, болници и инвестиции што ќе останат зад нас. Тоа е нашиот одговор на сите оние кои со години само ветуваа.
Продолжуваме со работа, продолжуваме со капитални инвестиции и продолжуваме да градиме држава која ќе се движи напред.”
-напиша на социјалните мрежи Премиерот Мицкоски

СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Новото раководство на Комората оствари средба со министерот за здравство
Одбележан патрониот празник на ООУ „Крсте Петков Мисирков“ во Оризари
Предложен притвор за вработен во ДЗС осомничен за поткуп