На 16 јуни 1943 година, бугарските окупаторски војници стрелаа 12 младинци од селото Ваташа: Васил Хаџи Јорданов, Ферчо Поп-Ѓорѓиев, Диме Чекоров, Блаже Ицев, Ванчо Гурев, Пане Џунов, Данко Дафков, Илчо Димов, Герасим Матаков, Пане Мешков, Ристо Ѓондев и Перо Видев.

„Смртта стана немоќна пред нашата младост исправена, пред очите наши загледани, уште тоа утро во иднината“
-стои испишано на меморијалниот споменик подигнат во знак на сеќавање на ѕверската смрт над овие македонски младицнци под налетот на забревтаноста на фашистичката окупаторска власт во Македонија.
Спомен костурницата на 12 стрелани ваташки младинци била откриена на 11 октомври 1961 година а коските на стреланите во неа биле положени во 1963 година.
Вечна им памјат на бесмртните маченици.
Големиот Македонски поет и писател Славко Јаневски ова злодело против човештвото го има опеано во својата бесмртна песна “Цветови”
За ѕверскиот настан
Во пролетта 1943 година, по повеќе акции на партизанските одреди на Третата оперативна зона, три полка бугарска војска и одреди полиција, под команда на полковникот Апостолов, од 7 до 16 јуни 1943 година, презема офанзива за уништување на партизаните и се нафрла и на мирното население. Кулминација на погромите над цивилното население е масовното стрелање во Ваташа, на 16 јуни 1943 година, кога на роденденот на бугарскиот престолонаследник Симеон ІІ се убиени 12 младинци. Уште вечерта на 15 јуни низ Ваташа се разнесла веста дека утредента никој не треба да оди на работа, зашто е роденден на престолонаследникот и во Кавадарци ќе се одржува парада. Кога се разденило на 16 јуни, селото било блокирано од војска и полиција. Никој не можел да излезе, а оние што тргнувале на работа ги враќале назад.
Во раните утрински часови во селската кафеана во Ваташа биле приведени и сослушани неколкумина младинци и девојки. Тие биле скоевци, кои кришум им помагале на партизаните, но биле накодошени. Според Стева Илиева од Кавадарци: „Кметот нè собираше од куќите со готов список, сите нè имаше по име и презиме.“ Во кафеана тие се испрашувани и тепани, а потоа се терани да признаат дека биле сите заедно со партизаните на 1 мај во месноста Моклиште и дека биле нивни помошници. На крајот на полицискиот распит се ослободени еден младинец и една девојка. Останатите 12 младинци и 4 девојки остануваат со обвинение за врска со партизаните и претстојно бегство во планината. Откако тие ги поднеле сите тортури и измачувања, полиција и војска ги одвеле пешки во колона кон Моклиште.
Додека ги воделе младинците, на неколку места ги запирале. Веројатно се премислувале каде да ги стрелаат, додека ним им велеле дека ги носат за да ги фотографираат. Најстариот од сите, Васо Хаџиjорданов насетил дека нешто лошо се подготвува, па кај месноста „Чаир“ каде биле запрени, почнал да бега, а по него побегнале и други. Тогаш била издадена наредбата ‘оган’. Дванаесетте младинци биле застрелани, иако сите војници не сакале да пукаат. Четирите девојки што исто така биле уапсени — Мара Хаџи Јорданова, Стева Ампова, Павлина Касапинова и Ката Ицева — ги тргнале настрана. Полицискиот началник Петко Опреков се спротивставил на поручникот Костов кога сакал да ги убие и девојките, а капетан Борис Жеглов го поддржувал Опреков па така тие биле спасени. Војниците ги вратиле девојките назад во селото и издале наредба убиените младинци да не се носат назад, туку да се закопаат на лице место.
Денес на тоа место постои мал споменик. По војната, тие се откопани и преместени на друго место, а по третпат, таму каде што денеска има голем споменик, се закопани во 1963 година.
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Наместен од УДБА на денешен ден на лов на дивеч загинал Васко Карангелевски
Бугарски аналитичари: Мицкоски е прв кој како премиер го подигна Македонското прашање на меѓународно ниво
Историска генеза на одбележувањето на денот на кревањето на Разловечкото востание