БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Д-р Виолета Ачкоска за Д-р Илија Чулев- дедото на новиот Министер во МВР Наќе Чулев

Пренеси го гласот

Малку современа македонска историја.

Д-р Илија Чулев (1908-1950), завршил медицински факултет во Загреб. За време на студиите во Загреб, во 1933 година се вклучил во активностите на ВМРО (Обединета) чија програмска платформа била: создавање на независна и обединета Македонија во нејзините етно-географски граници, самостојно или како посебна политичка единица во рамките на една поширока Балканска федерација. Истовремено, тој активно се вклучува во политичкиот и културниот живот меѓу двете светски војни во неговиот роден град Кавадарци. Во 1938 година бил избран за пратеник во собранието на Кралството Југославија од листата на Земјоделската партија за Кавадаречка околија. Во своите дискусии во Собранието се залагал за подобрување на положбата на македонските селани, за правилно ликвидирање на аграрната реформа, за намалување на експлоатацијата која се вршела преку обезвреднувањето на клучните македонски производи (тутун, афион, ориз, кожурци итн.), за културен развој на селото итн. За време на својот мандат во Белград, материјално ги помагал македонските студенти (Страхил Гигов, Кирил Миљовски, Ванчо Бурзевски и др.). Во 1941 година бил интерниран во затворот Ивањица како симпатизер на КП, а потоа бил ослободен и како лекар работел во Прешево. Кон крајот на 1944 година бил мобилизиран во македонските воени единици како санитарен лекар. Истовремено, во текот на 1945 година бил апсен на два наврати заради неговите демократски убедувања, а потоа суден како припадник на организацијата “Демократски фронт на Македонија – Илинден 1903“. Од неговите изјави пред истражните органи може да се види дека се залагал за еднакви политички права и слободи на сите граѓани, без оглед на нивната партиска определба, дека се борел за обединување на распарчена Македонија, дека бил противник на едноумието и на апсолутната власт и контролата на една партија, бил противник на идеолошките дисквалификации и политички етикетирања. На 20.10.1945 година властите ја откриле организацијата и ги затвориле раководните лица. Тие ги издражле сите измачувања без да издадат некоја дополнителна информација. На сослушувањето во ноември 1945 година, меѓу другото, д-р Чулев изјавил дека неговата политичка идеологија е демократска, за давање поголеми права на сите народни слоеви во изградувањето на власта и решавањето на економските проблеми; дека демократијата во Македонија треба да изгледа како еден збир на сите конструктивни сили во државата кои што сакаат да помогнат во изградувањето на државата, без разлика на нивната партиска определеност; дека треба да се обединат и да бидат заедно сите три дела на Македонија. Процесот против овие приврзеници на идеите на ВМРО започнал на 8.2.1946 година. Константин Хрисимов е осуден на дваесет години строг затвор, Стефан Кузманов на петнаесет години, д-р Димитар Златарев на четиринаесет години, д-р Илија Чулев на десет години, Константин Динев на шест години, Петар Петров на четири итн. Д-р Илија Чулев бил подложен на најсурови измачувања. Бил деноноќно претепуван и ставан во безвоздушен карцер. На 1 февруари 1950 година умрел во затворот „Идризово“, по неколкумесечен престој во самица.

Останува сомневањето и за ампутацијата на едната нога на првообвинетиот Константин Хрисимов – Смилец во затворот.

Креирано од:


Пренеси го гласот