БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Индиции за милионски криминал во МЗШВ, Цветан Трипуновски го повика ОЈО да реагира

Пренеси го гласот

Министерот за земјоделие, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, денеска на прес конференција од просториитe на министерството во јавноста изнесе серија на документи кои што покажуваат индиции за сторен милионски криминал од страна на претходните власти на СДСМ и ДУИ во министерството и претходниот министер Љупчо Николовски во интерес на два правни субјекти.

Министерот Трипуновски ги изнесе имињата на приватните правни субјекти како и аргументите и индициите зошто смета дека е направен милионски криминал на оштета на државниот буџет под капата на поранешниот министер Љупчо Николовски:

“Првиот случај кој што сакам да го објавам е за правното лице АРЕКСПОРТ ДООЕЛ Увоз – Извоз од Струмица.

За нештата да бидат појасни во целост ќе ви ги објаснам постапките како преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се дозволило ова правно лице да земе противправно дури околу 30 милиони денари за субвенции.

Имено, Министерството за периодот од 2019-та година до 2022 година со фирмата од Струмица има склучено вкупно 19 договори за вкупна површина од 1.416 хектари.

По извршениот увид од страна на Државниот инспекторат за земјоделство е констатирано дека за 11 договори со површина од 941 хектар не се почитуваат одредбите од Договорот од страна на закупецот и требало да бидат раскинати.

При тоа врз основа на овие договори закупецот од Агенцијата за финансиска поддршка за земјоделството и руралниот развој остварил приход по основ на субвенции од 485.000 евра.

Дополнително, закупецот требало преку бизнис план кој што го понудил до Министерството да инвестира над 2 милиони 450 илјади инвестиција на предметното земјиште, а во моментот на контрола од Државниот инспекторат за земјоделство е констатирано дека има инвестиција околу 300.000 евра.

Исто така инспекторите констатирале дека закупецот нема платено закупнина за 2022 и 2023-та година, со што дополнително е направена штета на Буџетот во износ од 60.000 евра.

Постапено е спротивно на член 8 и 8-а од Законот за земјоделско земјиште и воопшто не е евидентирано земјоделското земјиште кое не е обработувано по основ на склучените Договори и не се преземени никакви мерки за опомена, укажување или раскинување на Договорите.”

-рече на прес конверенцијата министерот Трипуновски во врска со првиот случај на постоење на основано сомневање за сторен криминал во МЗШВ по што ги изнесе аргументите и името на вториот правен субјект кој што според министерот незаконски се стекнал со материјална корист на штета на буџетот на државата.

“-Вториот случај кој што сакам да го споделам со јавноста преку Вас медиумите се однесува за правниот субјект ДЗС Илинден.

Министерството на 05.10.2000 година има склучено Договор за закуп во времетрање од 30 години за површина од 1.604 хектари со наведениот закупец, додека на 03.07.2005 е потпишан Анекс со кој што површината се намалува на 1.067 хектари, за подоцна односно во 2010 година повторно да се склучува Анекс каде што му се намалува површината на 945 хектари државно земјоделско земјиште.

bregalnickimarketing

Во 2019 година е поведен судски спор за неплатен закуп за 2017, 2018 и 2019 година, а месец септември 2021 година, по извршениот увид во списокот на должници од страна на Државниот инспекторат за земјоделство констатирано е дека закупецот не ги испочитувал обврските кои произлегуваат од Договорот за плаќање на закупнина и користење на државно земјоделско земјиштето, поради што се носи Изјава за еднострано раскинување на Договорот за закуп на земјоделското земјиште, која што е потврдена и со правосилна пресуда од Апелациониот суд – Скопје.

Иако Изјавата за еднострано раскинување на Договорот за закуп била издадена на 28.09.2021 година, Министерството не го испочитувало членот 41-а став 5 од Законот за земјоделско земјиште и не доставило примерок од Изјавата за раскинување на Договорот за закуп, по електронски пат до Агенцијата за катастар на недвижности за бришење на прибележувањето на Договорот за закуп кој што го имал правниот субјект.

Поради неизвршување на законските надлежности и обврски од страна на Министерството и да спроведе постапка најнапред за бришење од Единствениот регистер на земјоделски стопанства, и некоординација со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, се овозможило на закупецот и по раскинувањето на Договорот за закуп закупецот да може да продолжи да аплицира за субвенции. Односно Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството за период од 2021 до 2023, вкупно три години на закупецот му исплатила над 19 милиони денари по основ на субвенции.

И по раскинување на Договорот се исплаќале субвенции на овој правен субјект.

Со ова се отвора дилемата дали овие пропусти од страна на институциите се шема за испумпување на повеќе пари од државниот буџет?”

-рече во врска со вториот случај Министерот Трипуновски.

Целата прес конференција на Министерот може да ја погледнете во видеото во продолжение:

Креирано од:


Пренеси го гласот