По повод одбележувањето на 2 Август – Илинден, Денот на Републиката, претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, д-р Дарко Костадиновски, во свое лично име и во име на Судот, ја упатува следната честитка:
Почитувани граѓани,
Денес, кога одбележуваме 123 години од Илинденското востание и 82 години од Првото заседание на АСНОМ, со длабока почит се поклонуваме пред визионерството, храброста и жртвата на генерациите кои ги поставија темелите на македонската државност.
Идеалите на илинденците и на асномската генерација нè обврзуваат да создадеме просперитетна, современа и правна држава, во која институциите ќе постапуваат одговорно, а граѓаните ќе имаат доверба дека нивните права и слободи се сигурно заштитени.
Чин на највисок патриотизам денес претставува вистинската посветеност на владеењето на правото, почитувањето на Уставот и јакнењето на правната држава.
Силата на Уставот лежи целосно во посветеноста на секој граѓанин да го штити истиот.. Само доколку секој од нас ја чувствува таа должност, уставните права и слободи ќе бидат вистински заштитени, а правната држава ќе биде наша заедничка реалност.
Денес повеќе од кога било, потребно е повторно да учиме да бидеме обединети околу Уставот, владеењето на правото и заедничката одговорност кон Републиката.
Илинденската идеја не завршува со освојувањето на слободата. Таа продолжува со обврската да ја чуваме истата. Мирот и слободата се неразделни, а праведното општество може да постои само таму каде што владее правото и секој ја презема својата одговорност кон државата и кон Уставот.
Нека ни е честит и вековит Илинден – Денот на Републиката!

СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Поднесено обвинение за телесна повреда при семејно насилство во Битола
Предложен притвор за загрозување на сигурноста во Куманово
Потпишан петгодишен протокол за соработка со Универзитетот Тракија: обука за македонските здравствени работници во Едрене