Со многу народ, во хармонија со Бог, во раскошниот есенски амбиент во дворот на црквата Св. Ѓорѓи во делчевското село Град вчера на достоинствен и Богоугоден начин беше чествуван празникот посветен на Св. Димитрија- помеѓу народот попознат како Митровден.
Со црковна литургија во црквата во служба на парохискиот свештеник а потоа и со световен ручек во трпезаријата во дворот на црквата, за здравје, духовен мир и заедништво беше одблежан овој православен христијански празник кој што од памтивек игра важна улога во животот на народот од Пијанец.

Со овој празник помеѓу народот се смета дека започнуваат подготовките за зимата и се завршени сите полски работи.
На вчерашното чествување на празникот се делеше курбан на граѓаните кои беа дојдени да се помолат на Бога за свое и здравје на најблиските во претстојните месеци.

Како и секоја година овој верски празник беше организиран и спроведен од страна на Црковниот Одбор при црквата Св. Ѓорѓи кои што настојуваат секоја година традицијата да продолжи да се реализира со сите потребни адети.
И овој пат верниците кои беа дел од световниот ручек, даруваа свои дарови и финансиски сретства за потребите на селската црква, за уредување на просторот, потребни поправки на објектите и воведување на нови содржини.
На настанот своја чест укажа и градоначалникот на Делчево Иван Гоцевски кој што се придружи на граѓаните на црковната трпеза.



СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Традицијата на боречкиот спорт во Карбинци има убава перспектива
Физички напад во угостителски објект во Штип
Расчистен запуштениот простор околу поранешниот хотел „Турист“