БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Наше Интервју со “Банда Инструментале”: СУПЕРХИКС е бенд кој го одржува цврстата волја, желбата, другарството, упорноста, решителноста!

Пренеси го гласот

Тие се бенд на транзицијата- едни од најинаетливите (во убава смисла). Како и малкумина други трајно-вредносни групации опстојуваат на Македонската но и светската музичка сцена веќе 3 децении. Оваа година им е јубилејна за што подготвија свој нов музички албум насловен “Сила и нервоза” а најавуваат и многу други изненадувања за своите фанови и пошироката публика. Веруваме дека најубаво изненадување секако ќе биде нивниот јубилеен концерт “30 години суперхикс- Банда инструментале и пријателите” кој што ќе се одржи на 29 јуни во општината Кисела вода во Скопје затоа што нивните живи настапи пред публика се она вистинското што ги прави ретки уметници и мајстори на својот занает.

По тој повод но и поради редица други прашања кои што веруваме дека ќе ги интересираат нашите читатели решивме да направиме едно интервју со луѓето кои што СУПЕРХИКС им е нивното второ “јас”- нивен идентитет, белег за препознавање но и културолошки крик на цела една генерација урбани ликови кои што се борат со ова наше турбулентно секојдневие.

За авторот на прашањата на ова интервју СУПЕРХИКС се луѓето кои што му го направија животот поинтересен, динамичен, луѓе кои се своевиден пример за однесување и младешка екстраваганца. Суперхикс се луѓето на кои им одиш на концерт каде се осеќаш кул и забавно, но после концертот остануваш со многу неодговорени прашања од типот:

-Па зошто не може светот да биде едно разиграно катче во универзумот каде што секој на секој ќе биде “анти-суперхик”?

Можеби звучи збунувачки но СУПЕРХИКС се токму антипод на стриповскиот идентитет наречен СУПЕРХИК- своевидна метафора на се она што е несватливо и глупо во една општествена нормалност. Нивните текстови се навидум лесни- едноставни но во суштина содржат тешки и суштински прашања наметнати преку артистички сензибилитет и приемчивост на музиката.

Токму тој спој на урбана филозофија и општествена бунтовност соединети со магијата на нивниот автохтон ска призвук и музика, ги прави СУПЕРХИКС препознатлив феномен на нивното постоење во поширки општествени рамки.

И за крај на воведот во ова интервју како своевиден зоон-политикон ќе истакнеме дека примерот и делото на СУПЕРХИКС се силна основа за своевидна културолошка наобразба за младите генерации музичари, поети, писатели, фраери во маало, дечковци пред девојките, синови и ќерки пред родителите…. Примерот на СУПЕРХИКС не е само во музичките води, тој е далеку пораспространет, можеби до широчини за кои и тие самите не се свесни, за што искрено им благодарам за нивната трудољубивост и “инает”.

НАШЕ ИНТЕРВЈУ:

Брегалнички Портал: Годинава одбележувате 3 децении постоење на Македонската музичка сцена. Дали вредеше?

СУПЕРХИКС: Не знам дали вредело. Тоа веројатно публиката треба да каже. Нам ни е едно фино патешествие кое трае 3 децении и на кои доживеавме моменти за кои сонувавме како деца. Свиревме насекаде низ Европа, делевме сцена со големи имиња од светски ранг, патувавме насекаде, издававме албуми. Не знам што повеќе од ова? J

 Брегалнички Портал: Со ваши зборови што претставува Суперхикс за вас како поединци?

СУПЕРХИКС: Се! Целиот наш живот, посветеност, жртва, одвоено време, многу проби, многу денови на пат, креативно патување од 30 години… другарство. караници и прегратки. Насмевки и солзи…

 Брегалнички Портал: Дали сте задоволни од перцепцијата и респектот кои ги има музичката јавност во Македонија (не само во Скопје) за вас, или можеби можевте нешто на друг начин да го направите во минатото во рамки на вашата досегашна кариера?

СУПЕРХИКС: Веројатно се си има свој тренд и логични текови. За жал Македонија сега не ги живее најубавите мигови за домашната музика и продукција, ама било и подобро. Нема да кукаме дека немаме доволно респект по 30 години активност и се што сме постигнале. Ќе се бориме да биде подобро! Македонската музика заслужува многу повеќе!

 Брегалнички Портал: Дали жалите за одредени пропуштени можности или креативни насоки во кои на времето сте можеле да тргнете а не сте ги завземале?

СУПЕРХИКС: За креативните ..можеби не! Креативниот тек кај еден бенд не зависи од берзата денес или од комисија за енергетика. Креатива е тоа. Моментум! Идеја, реализација, инспирација и тука нема формула. А дека жалиме поради можноста од маркетиншко-менаџерски и работни прилики да отидеме подалеку…богами жалиме! Можевме како бенд многу повеќе од ова ама….живот!

 Брегалнички Портал: Кој жив настап ви е најдраг во Македонија (пред домашна публика) а кој пред странска публика и зошто?

СУПЕРХИКС: Концертот во Скопје 2012-та година во Метрополис Арена (сега веќе локација на неколку новозиградени згради) на кој собравме околу 6000 души. А пред странската..хммм..тешко прашање..Ајде нека е тоа нашиот настап во Базел во клубот Зомерказино далечната 2005-та кога 400 Швајцарци се “мрднаа“ и не престанаа да танцуваат цели 2 часа!

 Брегалнички Портал: Во кариерата имате соработувано со многу домашни и странски уметници. Која/и соработки ви се најдраги и зошто?

СУПЕРХИКС: Веројатно оној концерт како единствена предгрупа на Ману Чао далечната 2002-ра. Ама тука се и гостувањата на концертите на Грин Деј, Феит Ноу Мор, Морчиба, Бед Релиџн, Инер Сиркл, Фан Лавин Криминалс, Молоко и многу други од извиканите светски ѕвезди.

 Брегалнички Портал: Кога ќе го тргнеме финансискиот аспект настрана кој амбиент на вас како бенд ви е подраг за музицирање: Дали помал клубски простор или голема сцена на отворено?

СУПЕРХИКС: Ако мене лично ме прашуваш, тоа е секогаш клупскиот простор, Клубовите како КСЕТ (Загреб), Зомерказино (Базел) , Флеш Д Ор (Париз), Громки и Орто (Љубљана), Дивадло (Чешка), Камгарн Културфабрик (Берлин) Тоа искрено го паметам. Ама имаше и добри моменти на големите сцени пред мноогу публика како: Зигет Фестивал (Унгарија), Биер Фест (Белград), Ходоквас (Словачка), Ин Мјузик (Загреб) Ексит (НС), Трутнов опен Еир (Чешка) итн

 Брегалнички Портал: Кои се предностите и недостатоците на ваквите два концепти за организирање на јавни концерти?

bregalnickimarketing

СУПЕРХИКС: Се си има свое кај овие две. Кај клубовите е топлината, блискоста со публиката и интимата. Ка ј големите  настапи е една поголема еуфорија и енергија. Дефинитивно е потешка мисијата на отворените големи сцени.

 Брегалнички Портал: Зошто Суперхикс до сега нема реализирано своја турнеја на настапи во помалите градови низ Македонија?

СУПЕРХИКС: Како тоа нема? Единствените градови каде Суперхикс во Македонија немаат отсвирено свои концерти се: Делчево, Македонски Брод, Пехчево, Виница. Тука овој список за жал завршува. Па јас лично сум редовен турист да речеме.. во Делчево хаха, и 2 години се обидувам да организираме каков-таков настан на кој Суперхикс би се појавиле, ама  морам да признаам  дека поради сета логистика и слични моменти, некако тешко оди. Можеби некои од газдите од “Пабо“, “Валиум“ “Панорама“ или слично., во соработка со Општината ќе се потрудат доволно и конечно тој настап во моето сакано Делчево каде имаме многу пријатели ќе се случи. Јас сум таму речиси секој втор месец. Ме знааат многу добро и делчевските меани и кафулиња, и Голак, и Разловци, и Куклите и Град и Брегалница и што се не во околината на прекрасното Делчево.

 Брегалнички Портал: Според вашето искуство, а за “просветлување” на младите бендови кои што се на почеток на нивната музичка кариера која е тајната на успехот за еден рок бенд за да се афирмира и опстои подолго време на музичката сцена во Македонија?

СУПЕРХИКС: Нема тајна формула. Работа, работа, работа и можеби малку среќа. Ама нека не се откажуваат од својот звук и креатива! Нема поголема душевна сатисфакција за музичар кој може да си дозволи да свири во бенд!

 Брегалнички Портал: Дали работата на Супехикс во изминатиот период беше самоодржлива во финансиска смисла или моравте да “дотурате” финансии од други места за да го одржите бендот во живот и да го постигнете ова завидно ниво на портфолио кое го имате денес?

СУПЕРХИКС: И сме живеееле на периоди од ова. И сме дотурале. И сме туркале!  И сме се самофинансирале. Оваа работа не е лесна! Посебно не тука, каде ова не се сфаќа од никого како “Шоубизнис“. Но,  бендот сепак на крајот на денот не го одржувааат парите. Го одржува цврстата волја, желбата, другарството, упорноста, решителноста! И секако…идејата и можноста креативно да се изразиш и тоа стане достапно за масите!

 Брегалнички Портал: Во оптек е вашиот нов музички албум “Сила и нервоза”. Кажете ни нешто повеќе за албумот: период на реализација, музичка инспирација, лирика, поддршка, достапност и воопшто порака која истиот ја носи во себе…

СУПЕРХИКС: Па..ова не е нешто баш со кое можеме да се пофалиме бидејќи излегува дури 6-7 години по нашиот последен албум. Но, сепак…многу труд, размислувања, аранжмани, работа и еве го! Конечно е во “оптек“J Лириката е стандардно инспирирана (за жал) од секојдневието и сите будалаштини кои ги доживуваме околу нас во оваа наша вечна транзиција. Пораката е јасан со самиот наслов на ал бумот – “Се се постигнува со сила и нервоза“ Мислам дека повеќе не треба да коментираме за ова. Албумот е достапен на сите платформи а наскоро следува и винил, Па, нека се преслуша добро и секој нека го оцени како мисли и процени онака како што самиот заслужил.

 Брегалнички Портал: Најавувате голем концерт за одбележување на вашиот 30 годишен јубилеј постоење. Кажете нешто повеќе за изборот на учесници на овој концерт, организацијата и техничките промо детали за истиот.

СУПЕРХИКС: Уф ..Тешка мисија и многу работа од која ме фаќа малку и позитивна паника по долго време околу ова. Многу гости… Фолтин. 21 Век, Гоце САФ, Камерен Оркестар  Битола, Дани Димитровска. Поранешни Суперхиковци. Ја зека и Дека од Србија, Ред 18 од Скопје као сапорт бендови. Ќе биде тешко ама мислам дека на крајот на ноќта, таа сабота  на 29.06 во Скопје пред салата Расадник, Кисела Вода, сите ќе бидеме исполнети и ќе направиме нешто што не само на Скопје,туку и  на Македонија не и се случило одамна! Благодарност до Општина Кисела Вода,  која, ете е една од ретките кои го покажаа тој РЕСПЕКТ кон нас и се нафатија на организација и логистика за овој концерт, кој богами, ќе биде фестивал на крај како тргнало!

 Брегалнички Портал: Ваша порака за читателите на нашиот интернет портал?

СУПЕРХИКС: Чувајте ми го Делчево и  се гледаме за скоро во Трла! А се надевам искрено дека Делчево ќе го види за првпат и Суперхикс во живо некаде на лето! Мнооогу би сакал јас лично тоа да се случи! Им, да! Делчево има одлична сливовица!

П.С. посебен поздрав до мојот драг Делчевец Даре Шошарата, до моите пријатели и познаници Типе (Верка, легенди!) фамилија Манови, Коруп, Арамии Делчево и нека простат ако сум заборавил некого.

П.П.С Ова лето помалку турбофолк низ Делчево инаку ќе се караме .)

Делчево 20.05.2024 г

Петар Младеновски Капиштец, Скопје 21.05.2024 г.

Брегалнички Портал Главен и одговорен уредник Кирчо Анастасов

Креирано од:


Пренеси го гласот