Таа е една од најавтентичните пратеници во Македонското Собрание. Со својот силно изразен карактер и харизма, претставува модел на политичар кон чии што дострели и пример ќе се стремат многу идни десничарски политичари.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата “Твоја Македонија” која доаѓа од Шестата изборна единица Дафина Стојаноска е глас на Македонската емоција, силно искажан збор на неизмерна љубов кон Македонија. Нејзиното место е секогаш помеѓу Македонскиот народ и од име на тој народ, нејзиното дело зборува многу за нејзината посветеност за човечки правдини.
-Веројатно ќе зборува и многу години после нашево современие.
Во овие зборовни целини подолу со пратеничката Стојаноска зборуваме за дел од нејзините карактерни особености, нејзиниот професионален порив и мотиви за политичка инволвираност. Зборуваме за улогата и големината на женското содејство и активизам во едно современо Македонско семејство и воопшто во Македонското општество.
Дали емоцијата го преднабрегнува разумот или сепак логиката на интелектот е тој што кај пратеничката овозможува носење на одлуки?
Како една од најмоќните говорнички, глас на Македонскиот конзервативизам и десничарска идеологија во Македонскиот Парламент, Дафина Стојаноска е цел на напад на најистурените левичарски декадентни структури во Македонскиот политички плурализам, со која што улога таа многу суштински и неприкосновено успешно се справува. Како да сакаат преку уривање на нејзината висока моралност и чистота на Македонската интелектуална борба проткаена со многу љубов и емоции кон Македонштината, да го погазат достоинството на Македонското постоење пред лицето на историјата.
Но зборот на вистината кој што од памтивек е најсилен аргумент на Македонскиот идентитет токму преку Дафина Стојаноста ги остава разоружани сите дежурни пакосници надвиснати како постојана бура над ова наше Македонското постоење.
Како автор на прашањата кој подолги години се подготвува за ова интервју, можам да кажам дека денеска конечно едно вредно четиво си најде свое место во јавето во вид на овој електронски запис кој верувам дека ќе остави впечатлив прилог на нашето време, за што искрено сум благодарен на соговорничката.

Наше интервју
со
Дафина Стојаноска – Пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата “Твоја Македонија” во Собранието
Прашања:
1. Брегалнички Портал: Македонската јавност има можност да Ве следи на говорницата во Собранието со Вашите жестоки политички дебати, аргументации и заложби. Од каде таа енергија и мотивација за таков жесток неконвенционален настап во јавноста? Дали пратеникот има право да манифестира емоции во јавност?
–Дафина Стојаноска: Откако станав пратеничка, се’ до денес, се трудам да бидам своја, а секогаш во корелација со ставовите на мојата пратеничка група, но и барањата и потребите на моите гласачи и сите граѓани кои ми се обратиле. Искрено се борев, како пратеничка во опозиција, и драго ми е што Вие тоа сте го препознале. Неконвенционалноста, на некој начин, за мене е и комплимент, бидејќи е добро да се менуваат стереотипите и да се биде, како пратеник, препознатлив и свој во настапите. Емоциите се човечки и тие некогаш е добро да се контролираат, но некогаш е добро и да се покажат, затоа што тоа е доказ дека верувам во она што го зборувам и во она, за што се залагам. Сепак, иако емотивно се обраќам, мој животен принцип е никогаш да не носам одлуки под дејство на емоции, туку исклучиво под дејство на разум.
2. Брегалнички Портал: Кажете ни нешто повеќе за себеси од професионален план настрана од политичката кариера. Кажете ни нешто повеќе за вашата базична професија и како е да се работи на тоа поле? Што можете да им порачате на Вашите колеги кои што се градат и работат во таа професија? Дали според вас е подобро да се биде дел од јавното здравство или приватното здравство во Македонија?
– Дафина Стојаноска: Јас сум доктор на стоматологија и магистер по менаџмент на човечки ресурси. Една година работев под договор во јавно здравство, а десет – како матичен стоматолог во своја приватна ординација. Пред да станам пратеничка, 8 години бев вработена во Фондот за здравствено осигурување во Гостивар, како контролор и член на првостепената лекарска комисија. Имав сериозни планови на професионален план, заедно со мојот татко, кој беше искусен и добро познат стоматолог во градот (дипломиран на белградски универзитет), но, за жал, тој почина брзо после отварањето на нашата ординација.
Денес стоматологијата (примарната и секундарната) во јавното здравство е застапена само преку детската превентива и итната стоматолошка помош, така што останува само приватниот сектор, со можност за соработка (склучување договор) со ФЗОМ. Новите стоматолози, за жал, сметам дека е тешко да се пробијат на македонскиот „пазар“, што заради нелојалната конкуренција, што заради преголемата продукција на кадар, која е несразмерна со реалните потреби.
Јавното здравство е огледало за среденоста на една држава, но никако не сакам да преферирам ниту едно. Верувам во Хипократ и во моите колеги. Каде и да се со работно место, секогаш треба да се професионални, љубезни и грижливи за здравјето на своите пациенти.

3. Брегалнички Портал: Кога и како влеговте во политика? Кои беа вашите мотиви здравството да го замените со политика?
– Дафина Стојаноска: Мојот политички активизам започна во 2010 година, кога добив понуда да бидам секретар на ОК на УЖ во Гостивар. Понудата ја прифатив, затоа што ја сакам Македонија и сметав дека преку ВМРО-ДПМНЕ таа љубов ќе можам да ја спроведам со ангажман за нејзин напредок, а секако и за напредок на мојот град Гостивар. Извесен период паралелно бев ангажирана и со здравството, и со политиката, но од 2016 та, кога станав пратеничка, останав само со политика. Сепак, како пратеничка и како политичарка, здравството не го заборавив. Членка сум на партиската комисија за здравство, како и на истоимената собраниската комисија. Политиката и здравството се, за мене, мотив плус за да успееме да го унапредиме македонското здравство и да имаме задоволни пациенти и задоволни здравствени работници.
4. Брегалнички Портал: Не само на институционално ниво туку воопшто во семејството дали жените во Македонија денеска се целосно рамноправни со мажите? Што е тоа што може во наредниот период да се подобри во насока на премостување на меѓуполовиот јаз меѓу мажите и жените во државата?

– Дафина Стојаноска: Јас никогаш не сум се „борела“ за рамноправност, туку сум се трудела и се трудам со мојата работа, мојата посветеност и мојот труд да докажам дека жената знае и умее. Факт е дека има примери на дискриминација и потчинетост на жени во Македонија, но факт е и дека, колку повеќе жените ги избегнуваат предизвиците за политички ангажман, за активно вклучување во општеството и за прифаќање на предизвици, толку повеќе се остава простор за „машки“ работи и „машки“ професии. Семејството е заедница меѓу маж и жена. Семејството е заедница, каде мажот и жената заеднички одлучуваат, заеднички создаваат и заеднички ги воспитуваат своите деца. Нема потреба од натпревар или од конфронтирања за таа вечна тема. Без маж и жена нема семејство, што значи дека нема ни иднина за државата. Колку повеќе се усогласуваме и унапредуваме, толку повеќе и ќе бидеме успешни. Силата е во слогата, почитта и во толеранцијата. Бог не’ создал како такви и нема потреба од натпревар за себедокажување, туку има потреба од љубов, разбирање и соработка.
5. Брегалнички Портал: Неколку пати сме Ве гледале како се фаќате во костец со пратеници од ПП Левица. Дали тоа е некој природен конфликт меѓу левичарската и десничарската идеологија или пак имате нешто лично против нивниот политички вокабулар?
– Дафина Стојаноска: Лично, воопшто не сметам дека македонската партија Левица е типична левичарска партија. Далеку од тоа. „Фаќањето во костец“ со овие колеги било само кога навистина ги преминувале границите на нормално однесување. Недозволиво е во Парламентот да доаѓаат пратеници со сомнителни однесувања и да виткаат тревки во сала за одржување на седници на работни тела. Тогаш реагирав жестоко и, бидејќи немаа друг начин за одбрана, ме нападнаа лично и без нималку достоинство. Тие и немаат попаметна работа, освен да се „фаќаат во костец“ со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи знаат дека само така можат да привлечат внимание. Нема утро, што не го започнале без статус на социјалните мрежи кој е напишан против ВМРО-ДПМНЕ, но затоа ретко кога може да се слушнат да зборуваат против СДСМ или против ДУИ. Тоа е тој нивен поданички однос кон бившата власт, бидејќи си имаат должничко-доверителски релации со истата. Нивниот вокабулар доволно зборува за нив. Дури и народот се навикна на нивната некултура, па кога некој ќе им возврати во нивен стил, станува чудно. За вакви платеници, добро е повремено да им се „покаже кај им е местото“, за да не си вообразуваат дека некој им се плаши.
6. Брегалнички Портал: Димитар Апасиев Ве условува со терминот “богаташка”. Што мислите за ваквите обиди за лична дискредитација? Дали Дафина Стојаноска се смета себеси дека е богата во материјална смисла на зборот?
– Дафина Стојаноска: Јас се сметам за духовно богата личност. Во животот никогаш не сум била материјалист. Така сум била и воспитувана, а така ги имам воспитано и моите деца. Материјалното е фрустрација и идеал само на духовно сиромавите. Тоа што имам за наследување имот кој е сосема легитимно стекнат, апсолутно не ми ги менува моите гледишта и начинот на живеење. Обидот за моја лична дискредитација (и не само од Левица) дополнително ме мотивира. Апасиев, како бивш советник на СЈО, вози многу полуксузно возило од моето, но сепак е незадоволен и неисполнет. Мене ме исполнуваат семејството, пријателите, колегите, работата и поддршката од луѓето кои добро ме познаваат и кои не наседнуваат на вакви манипулации. Јас на улица и во Собрание одам сама и без обезбедување. Немам сторено ниту еден криминал. Немам наплатено ниту една услуга и немам соработувано со никого од личен интерес. Верувам дека народот знае да разликува искреност и чесност од лажна скромност и алчност.
7. Брегалнички Портал: Бевте една од најбележитите пратеници во опозиција, сега некако помалку ве гледаме на пратеничката говорница откако сте власт. Зошто е тоа така и која е разликата да бидете дел од парламентарно малцинство и парламентарно мнозинство?
– Дафина Стојаноска: Во мандатите како опозиција имавме навистина жестоки битки. Тие битки се преточија во најголемата изборна победа на последните парламентарни избори. Тоа ме прави особено горда, затоа што нашите залагања вродија со резултат. Овој мандат навистина имаме слаба опозиција или противник кој не сака да дебатира. Оваа пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата брои 58 пратеници и јас, како заменик-координаторка, сум секогаш присутна, но сакам да се остави простор и можност подеднакво за сите колеги. Тука сум и секогаш ќе бидам. Во новите колеги гледам голем потенцијал и сакам да им помогнам и да ги охрабрам. Ние сме тим кој функционира беспрекорно и кој е подготвен за сите следни предизвици.
8. Брегалнички Портал: Доаѓате од етнички мешана средина, членка на Комитетот за односи меѓу заедниците и Комисијата за следење на правична застапеност. Како е да се биде денес Македонец во Гостивар? Дали и на кој начин може да се подобри рамноправноста на Македонците во Кичево, Гостивар, Тетово, Струга….?
– Дафина Стојаноска: Мојот одговор и на ова прашање би бил сличен на оној за меѓуполовиот јаз. Ако дозволите некој да ве потцени и понижи, тогаш сигурно е дека тој некој тоа и ќе го направи. И од говорница имам кажано дека она што дел од македонските Албанци го бараат за територијата на цела Македонија, треба прво и да им го понудат на нивните сограѓани во градовите каде Албанците се мнозинство, каков што е и Гостивар. Нема посебни права и привилегии. Има закони кои треба да важат подеднакво за сите, но и обврски кон државата кои сите подеднакво треба да ги исполнуваме. Едноставно е, но некој сака да го искомплицира, а за да добие поголемо внимание. Инаку, во Гостивар подеднакво добро живеам со сите, без разлика на етничката припадност. Клучот на нашата рамноправност, како различни етнички заедници, според мене, е во почитувањето на индивидуата и во почитувањето на законот.

9. Брегалнички Портал: Претседателката Гордана Сиљановска Давкова неколку пати во минатото истакнуваше дека актуелниот Устав на државата содржи свои аномалии и можни се негови подобрувања. Како член на Комисијата за уставни прашања дали има простор отварање на Уставот и негови функционални подобрувања?
– Дафина Стојаноска: Сметам дека не сме доволно созреани како општество, за да пријдеме кон такво менување на Уставот, кое јас го замислувам да биде единствено со консензус и без никакви пазарења. За да стасаме до тоа ниво, треба уште многу да поработиме на меѓусебната доверба и да веруваме во вистински подобра иднина за сите нас во Македонија. Ако сакаме тука да останеме и да ги задржиме и нашите деца и внуци, тогаш мора да се обединиме по многу нешта, пред да пристапиме кон функционално подобрување на нашиот Устав.
10. Брегалнички Портал: Што мислите Вие лично за внесување на Бугари во Устав?
– Дафина Стојаноска: Многу пати имам изјавено дека не е проблем да се внесе некој народ во нашиот Устав. Проблем е што Бугарите не’ уценуваат и што сакаат, покрај нивно внесување во нашиот Устав, да ни ги сменат и историјата, културата и образованието. Ова не се европски вредности и ова е недозволиво да ни го прави наш сосед и членка на ЕУ. Ќе се бориме со сите сили оваа неправда да не се дозволи и Македонија да стане членка на ЕУ според копенхагенските критериуми.
11. Брегалнички Портал: На кој начин според Вас како дел од законодавната власт може да биде исправена неправдата за осудените лица за случајот од 27 април?
– Дафина Стојаноска: Денес ВМРО-ДПМНЕ е извршна власт, но не судска. Се’ уште, за жал, судовите се инфилтрирани од минатата власт. Да не беа и да работеа строго по словото на законот, Уставобранителите нема да беа ниту така обвинети, ниту така осудени. Нивниот случај заслужува повторно разгледување и сосема друг исход. Верувам дека се ближи денот кога ова ќе се случи.

СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Наше интервју со Зоки Бошков-Даме – Музичар
Интервју: Борче и Симона (Природна Перспектива) зборуваат за нивниот начин на живот во Стар Истевник
Наше Интервју со Александар Чотриќ- афористичар, колумнист, публицист но и политичар