БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

43 години од смртта на големиот Македонски поет Ацо Шопов

Пренеси го гласот

Денеска на 20 април 2025 година се навршуваат 43 години од смтта на големиот Македонски поет Ацо Шопов.

Младоста големиот поет ја поминал во родниот Штип каде што завршува основно и средно образование. Високото образование го продолжува на филозофскиот факултет во Скопје. Ацо Шопов со своето литературно дело претставува еден од најзначајните поети од првата генерација писатели по Втората Светска Војна.

Неговото литературно дело може да се подели на три клучни периоди на творење. Како активен учесник во Народноослобителната војна по војната Ацо Шопов голем простор на своето поетско дел посветил на татковината на патриотизмот, на родољубниот збор. Во наредната фаза Ацо Шопов се посветил на човечката природа, на суштината на постоењето и универзалните човечки карактеристики, чувства и емоции за на крај од својот литературен век Ацо Шопов да се посвети на сопствената интроспекција, на својот личен живот и битие изнесувајки лични пораки кои како аманет останале за иднината.

На 20 декември минатата 2024 година се навршија 100 години од раѓањето на големиот Македонски поет, што како значаен јубилеј многу малку остана забележано од модерните информативни сретства но и официјалните институции на државата.

Тој е еден од основоположниците на современата македонска книжевност. Неговата прва збирка Песни (1944) e прва книга на македонски јазик објавена во слободна Македонија. Бил претседател на Друштвото на писателите на Македонија ДПМ и негов член од основањето во 1947 год., прв претседател на Советот на фестивалот Струшки вечери на поезијата, претседател на поранешниот Сојуз на книжевните преведувачи на Југославија и претседател на Сојузот на писателите на Југославија. Член на Македонска академија на науките и уметнстите (МАНУ) од нејзиното основање (1967). Член на Македонскиот ПЕН центар. Прв директор на издавачката куќа Кочо Рацин од Скопје, Ацо Шопов бил и долгогодишен директор на издавачката куќа Македонска книга, како и главен уредник на повеќе списанија меѓу кои и сатиричниот весник Остен. Амбасадор на СФРЈ во Сенегал (1971 – 1975), Ацо Шопов ја завршува својата кариера како претседател на Републичката комисија за културни врски со странство.

Покрај првата повоена книга на македонски јазик во слободна Македонија, стихозбирката Песни издадена во 1944 година, Ацо Шопов има објавено тринаесет збирки поезија и исто толку избори од поезијата на македонски јазик, како и петнаесетина избори препеани на странски јазици.

Креирано од:


Пренеси го гласот