По 150 илјади денари финансиска помош ќе исплати Владата за погодените од трагедијата во Кочани. Исплатата ќе се реализира преку Црвениот крст од понеделник. Службата за општи и заеднички работи и останатите институции, се организираат и за целата неопходна логистика за сместување и транспорт на настраданите и нивните семејства. Владата го плаќа престојот на најблиските на пациентите кои се лекуваат во странство, за што право имаат по две лица од семејството на секој повреден, рече директорот на СОЗР, Ивица Томовски.
- „Досега, 188 лица се згрижени и сместени. Свесни сме дека оваа трагедија носи и неочекувани финансиски тешкотии. Затоа, како институција вклучена во овој процес, донесовме одлука за секој настрадан да биде исплатена сума од 150.000 денари како итна финансиска помош за покривање на почетните секојдневни трошоци. Оваа помош ќе се реализира преку Црвениот крст на Република Македонија“, рече Томовски.
И додека се чекаат добри вести од болниците во земјава и странство, институциите се целосно мобилизирани. Инпекторите на Државниот пазарен инспекторат и МВР, но и оние на Министерството за транспорт до последен ќе ги чешлаат фирмите и угостителите дали ги исполнуваат сите критериуми за кои се обврзале со лиценцата.
- „Во однос на оние контроли кои се спроведуваат на сите објекти со и без лиценци активноста продолжува, анализите се обемни, а проверките темелни се со цел утврдување дали истите ги почитуваат минимално техничките услови. Сакам да ја информирам јавноста и за преземените активности на министерството за транспорт, каде од досега направените контроли утврдени се голем број на лиценци кои со решение ќе бидат одземени, и тоа кај околу 100 затоа што е утврдено дека по издавањето на лиценците правните лица престанале да ги исполнуваат законските услови врз основа на кои истите се издадени, рече Митева.
Владата се очекува до утре да има нов пресек од вонредните инспекциски контроли со детални информации колку од фирмите и угостителите ги почитуваат условите од лиценците.


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Тошковски – Рокас: Продолжува силната поддршка на ЕУ за реформите и јакнењето на капацитетите на МВР
Николоски на средба со вицепремиерот на Хрватска Олег Бутковиќ, суштински разговори за развој на коридорите и поддршка за решавање на проблемот на превозниците
Фондацијата „Фросина Кулакова“ и МВР потпишаа меморандум за заедничка борба за поголема безбедност во сообраќајот