„Пет минути од деноноќието ќе ѝ го посветам на маченицата Македонија, за да се соочам со мојата македонска совест и да се уверам за последен пат дека е безначајно она што досега сум го сторил за неа. Ја сакам неизмерно Македонија повеќе од сè друго на светот.“
(Владислав Славчо Ковачев)
Македонец, македонски народ, македонска националност, македонска душа, македонска свест, македонски борец, македонска интелегенција, македонска земја – напишал меѓу другото доктор Славчо Ковачев во 1924 година во весникот “Независна Македонија” во Софија, и веднаш беше убиен од терористите на Ванчо Михајлов. И денес, стотина години по неговото убиството, Славчо Ковачев нема соодветен заслужен третман во Македонската историографија како еден од најголемите Македонски револуционери кој што целиот свој живот го посветил на слободна и независна Македонија,

Владислав Ковачев (горе десно) со Борис Дрангов како воjводи на ВМОК во Македониjа.


Четата на Славчо Ковачев

Обединетата чета на ВМОК со Ковачев и Дрангов, 1903 година
“Доктор Владислав (Славчо) Ковачев роден во Скопје на петти јануари 1875 година. Беше убиен од платени убијци на 13 септември 1924 година. Градски судија, резервен потполковник, носител на три ордени за храброст; беше голем борец за слободата на Македонија, Илинденец”,
-било напишано од неговата сопруга Сија на неговиот споменик во Централните софиски гробишта.

Славчо Ковачев е еден од Македонските интелектуалци кои што биле активни учесници во Илинденското востание, завршил воено училиште во Софија и членувал во ВМОК пред востанието. Во 1910 година во Париз завршил правни студии а докторирал во Брисел. Тој е еден од основачите на Македонската Емигрантска Федеративна Организација а бил и уредник на весникот Автономна Македонија.
По наредба на Ванчо Михајлов, беше застрелан од простиот и глуп штипјанец Мирчо Кикиритков, само затоа што во софискиот весник “Независна Македонија”, меѓудругото напиша: ”Македонец македонски народ, македонска националност, македонска свест, македонска душа, македонски борец, македонска интелигенција, македонска земја…”
Вечерта на 12 септември 1924 година на состанокот во куќата на Иван Михајлов од страна на домаќинот биле издадени наредбите за ликвидација на приврзаници на левицата во ВМРО-т.н. санданисти. Оваа вечер во историографијата е позната како Македонска Вартоломејска ноќ кога биле завземени тек на настани кои ќе го одбележат најмрачното и најкрвавото поглавје од егзистенцијата на Македонскиот народ а тоа е братоубиствената војна поради идеолошки причини. Од страна на Иван Михајлов Славчо Ковачев бил дефиниран како предавник. Убиството на Славчо Ковачев се случило пред неговата куќа на негова 49 годишна возраст и тоа брутално пред очите на неговите две ќеркички Маргарита и Златка.
Според искажувањето на Бојка Дудрова-Ковачева, внука од најстарата ќерка на Славчо Ковачев, а запишано од Блаже Миневски во 2004 година, дедо и Славчо се враќал дома за ручек, кога убиецот му пукал во грбот од неколку метри. Мајка и на Бојка, Евгенија-Жени Ковачева, најстарата негова ќерка, во тоа време била на студии во Париз. Дома биле само баба И, и двете помали ќерки, Златка и Маргарита. Кога го виделе од прозорецот, двете истрчале да го пречекаат. Убиецот токму тогаш дотрчал од соседната уличка и му пукал во грбот. Славчо паднал на плочите пред своите две ќеркички. Тие писнале и фрлиле врз него. Убиецот неколку мига стоел со пиштол вперен во нив, а потоа побегнал. Подоцна на судењето изјавил дека мислел да ги убие и нив, но се премислил во последен момент. Според она што и го кажувала мајка и, но и двете тетки, кои го виделе убиството, Славчо бил убиен затоа што на Ванчо Михајлов не му се допаѓало тоа што тој го пишувал во весниците.
Во последниот свој текст објавен пред убиството во весникот “Независна Македонија”, тој, меѓудругото, пишувал за македонскиот политички идеал: ”слободна и независна Македонија.
При распитот во процесот пред софискиот суд, кој бил чиста фарса, атентаторот Кикиритков, признал дека цели четири часа чекал Славчо да си дојде дома на ручек:
”На вратата излегоа да го пречекаат неговите две ќерки. Едната од нив викна -тате! Тој се сврте и со раширени раце тргна за да ја прегрне. Тоа го издаде. Веќе бев сигурен дека тоа е Славчо Ковачев. Застанав зад неговиот грб и стрелав трипати. Јас не знаев во што се состои вината на убиениот од мене Ковачев, но верував во справедливоста на решенијата издавани од Организацијата… Ако ми наредеа да ги убијам и децата, ќе ги убиев и нив”, изјавил убиецот.
Кога Димо Хаџи Димов дознал за убиството на Славчо Ковачев, побрзал кон кафеаната “Галик” во Софија со цел да дознае повеќе детали за убиството. На улицата “Пиротска” бил пречекан од група ванчомихајловисти и бил застрелан од терористот Владо Георгиев- Черноземски со неколку куршуми. За да бидат сигурни во неговата смрт убиецот се наведнал над покосеното тело на Димо Хаџи Димов и истрелал уште два куршуми.
Двајцата убијци биле фатени од страна на бугарската полиција, но по два дена биле пуштени на слобода.

Братоубиствената војна која започнала во Софија и во Горна Џумаја меѓу идеолошки завојуваните страни во Македонското револуционерно ткиво, особено во Пиринска Македонијае еден од најмрачните периоди од Македонската историја. Во периодот 1924-1934 година во временски период од 10 години загинале над 10.000 македонци кои што биле на еден или друг начин поврзани со револуционерното дело на ВМРО.
Оваа мрачна лекција нека служи за сите идни времиња како на Македонското национално ткиво, така и во меѓународни рамки за тоа како не треба да се води политики помеѓу луѓето.
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Наместен од УДБА на денешен ден на лов на дивеч загинал Васко Карангелевски
Бугарски аналитичари: Мицкоски е прв кој како премиер го подигна Македонското прашање на меѓународно ниво
Историска генеза на одбележувањето на денот на кревањето на Разловечкото востание