Во рамки на работната посета на Берлин, првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на работен ручек организиран од директорот на Европската академија во Берлин (European Academy Berlin), д-р Кристијан Јохан, посветен на европската перспектива на Северна Македонија и иднината на политиката на проширување на Европската Унија.
Разговорот беше насочен кон постепената интеграција во единствениот пазар на ЕУ и можностите земјите кандидатки да користат одредени европски политики и инструменти пред полноправното членство, во согласност со нивниот напредок во реформите.
Министерот Сали истакна дека постепената интеграција не е замена за членството, туку начин процесот да стане покредибилен и поопиплив за граѓаните. Во тој контекст, ги посочи придобивките од вклучувањето на Северна Македонија во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), како и значењето на напредокот во соработката за роаминг, транспорт, поврзаност и трговија.

Во фокусот беа и Планот за раст за Западен Балкан и поврзаноста меѓу спроведувањето на Реформската агенда, зајакнувањето на владеењето на правото и новите економски можности. Беше нагласена важноста на предвидлив процес на проширување, заснован на заслуги и ориентиран кон резултати.
Во оваа рамка беше истакната улогата на академските институции и истражувачките центри во поттикнувањето информирана дебата за проширувањето на ЕУ и во зајакнувањето на разбирањето меѓу земјите членки и земјите кандидатки.
Министерот Сали ја потврди посветеноста на Северна Македонија на реформите и полноправното членство во Европската Унија, нагласувајќи дека постепената интеграција треба побрзо да ги приближи граѓаните и компаниите до можностите на европскиот пазар.



СЛИЧНИ ОБЈАВИ
ОТВОРЕНА РЕГИСТРАЦИЈАТА ЗА МЕДИУМИТЕ ЗА ПРВИОТ ФОРУМ ЗА ЕНЕРГЕТСКА ДИПЛОМАТИЈА НА 25 НОЕМВРИ ВО СКОПЈЕ
БОЖИНОВСКА НА СЕДМИОТ ФОРУМ ЗА ТРАНСАТЛАНТСКА ЕНЕРГЕТСКА СОРАБОТКА ВО ВАРШАВА
51 жител од Крива Паланка физички ја нападнал својата 20 годишна ќерка