Можам само да претпоставам како човек се чувствува кога гледа како пред него систематски, од ден во ден, расте, се зголемува и се шири она што го создал или во чие создавање учествувал; кога гледа и чувствува како тоа нешто се осамостојува и се отуѓува; како се поставува над него и почнува да владее со него, како самостојна и нему надредена сила; како сè повеќе и повеќе неконтролирано се однесува, несрамејќи се и неотстапувајќи од ништо; како сè повеќе арогантизира…
Претпоставувам дека е ужасно тоа чувство. Меѓутоа, колку што знам, единствениот начин некој да се ослободи од она што го создал, како и од сопствените предрасуди, е да ги признае за тоа што се – за сопствени дела и предрасуди. Секој човек, во извесна смисла, претставува свој Пигмалион. Меѓутоа, човековата големина е да не дозволи да биде заробен од сопственото дело.