Во почетокот беше зборот.
А тој, зборот, нашиот, македонскиот – долги векови се шепотеше зад затворени врати, се испеваше во народни песни, се чуваше во срцето на селанецот, во „тефтерот“ на учителот, во тивките молитви на мајките. Кришум. Без дозвола. Без признание. Но со огромна сила која немирно чека да се разлее.
И тогаш, по многу тишини и премолчена борба, во мај 1945 година – зборот конечно проговори гласно. Добивме јазик со свое име, со своја граматика, со свој правопис – но, пред сè, добивме јазик со свое достоинство.
Македонскиот јазик низ историјата го помина своето длабоко страдалништво. Распнат меѓу забрани и негирања, меѓу туѓи азбуки и премолчени идентитети, тој беше тивко присутен, но секогаш жив. Како низ трнлив пат исполнет со предизвици, и македонскиот јазик минуваше низ тешкотии, но никогаш не се покори. И кога беше забрануван и кога беше понижуван и кога се обидуваа да го замолчат, тој во себе ја носеше силата на истрајноста и обновата.
Во мај 1945 година, македонскиот јазик воскресна. Конечно стана слободен, признат, кодифициран. Оттогаш, па до денес, ние не само што зборуваме на македонски – ние живееме со него, во него и низ него. Тој ни е дом, штит и огниште.
Со кодификацијата на македонскиот јазик, за првпат еден народ кој со векови го чуваше својот збор во народните песни, во тивките шепоти низ планините и во писмата што не смееше да ги потпише со свое име – доби своја вистина.
Јазикот ни стана знаме.
И затоа сме денес тука – не само да се сеќаваме туку да сведочиме: дека македонскиот јазик не е даденост, туку искон. Идентитет и завет.
„Јазикот не е само средство. Тој е животен простор на духот“, ќе напише Блаже Конески.
Во тој простор денес се собираат осумдесет години институционална зрелост, но и векови на јазично народно паметење. Од народните приказни до современата поезија, македонскиот јазик опстојуваше, зацврстуваше и ги крепеше темелите на нашиот идентитет.
Мисирков мудро предвидуваше:
„Јазикот е најважното национално обележје на еден народ. Без јазик – нема народ,нема култура.“
Токму затоа, ние не сме само должни да го говориме македонскиот јазик – туку да го чуваме, да го негуваме, да го пренесуваме со љубов и знаење.
Во ова време на брзи промени, грижата за македонскиот јазик станува чин на современ патриотизам. И таа грижа не е декларативна. Таа е институционална, одговорна и долгорочна. Со јасна заложба на македонската Влада и Министерството за култура и туризам, востановуваме Инспекторат за правилна употреба на македонскиот јазик – институција создадена не да контролира, туку да повикува на почит. Да укажува, едуцира, советува и да го потсетува општеството дека јазикот е нашето заедничко скапоцено богатство и наш врвен национален приоритет.
Во овие осум децении, тој стана медиум на литературата, науката, театарот, филмот, музиката, образованието. Секоја нова генерација внесува нов ритам, ново дишење, нова слика во неговата жива ткаенина.
Академик Матеја Матевски во една пригода ќе рече: „Нашиот јазик е длабок израз на народната мудрост, страдање и стремеж кон слобода. Тој не е само лингвистички систем – тој е сведоштво за нашето постоење“.
И навистина – преку македонскиот јазик, ние се гледаме себеси: со сите наши болки, радости, борби и убавини. Тој нè раскажува, и ние сме должни да го раскажуваме него.
Нека овој јубилеј биде потсетник, но и поттик:
Да му пристапуваме на македонскиот јазик со љубов, со знаење, со грижа. Да го говориме правилно, да го пишуваме точно, да го учиме со радост и да го живееме со достоинство.
Затоа што нема ништо посвето и повисоко од тоа – со јазикот да си ја чуваме татковината!
Народната мудрост нѐ потсетува дека: Народ што го изгубил јазикот, не се слуша ни кога вика!
А ние – ќе говориме.
Јасно. Гласно.
На македонски.
Сега и секогаш.
И во вековите на вековите!
Со овие зборови денес се обратив на Свечената академија по повод 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, заедно со претседателот на МАНУ, Живко Попов, министерката за образование и наука, Весна Јаневска и претседателката на Советот за македонски јазик, Симона Груевска-Маџоска, настан кој се одржува под покровителство на претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова.
Нека ни е честит јубилејот 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик!
-интегрален текст на Министерот за култура и туризам Зоран Љутков од денешното обраќање пред присутнит на Свечената академија во МАНУ по повод 80 годишнината од кодификацијата на Македонскиот литературен јазик.
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Николоски: Брзата пруга станува реален проект. За час и половина ќе се стигнува до Солун
Николоски: Имаме пет клучни проекти во здравството кои ќе ги реализираме благодарение на договорот со Велика Британија, а наша амбиција е и модерен клинички во Скопје
Енергетската заедница го поздрави новиот Закон за енергетика: Значајна пресвртница, Македонија е на пат кон европскиот енергетски пазар