БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Видео: Спроведена акција за чистење и уредување на речните водотеци во центарот на село Град, делчевско

Пренеси го гласот

Денеска (недела 09.02.2025 година) на иницијатива на Месната заедница на село Град, општина Делчево се реализираше поголема акција за расчистување на речното корито во центарот на селото.

Во акцијата учествуваа повеќе жители на селото со своја механизација и домашен алат, а на помош на мештаните беа ставени и градежни машини за ископ, утовар и транспорт на земја во сопственост на компаниите Обел Градба и Еуро Бетон од селото Град.

Делницата на која што се работеше денеска е дел од еден од водотеците кои што поминуваат низ централниот дел на селото а кои што водотеци во различни временски интервали во годината се поплавуваат како резултат на атмосферски дождови. При поголеми и подолготрајни врнежи во атарот на селото овие водотеци надојдуваат со голем поплавен бран со што претставуваат закана од поплави на околните имоти и сообраќајници, поради големото сливно подрачје што го имаат.

Сосема мал дел од едниот водотек во центарот на селото е со уредено мини и макси корито на чиј што регулиран дел на крајот се наоѓа армирано бетонски мост без соодветно доизградено слапиште. Токму поради тие причини како и поради подобар визуелен репрезентативен изглед на центарот на селото, оваа акција беше иницирана од страна на членовите на Месната заедница како и група на иселеници во странство кои што потекнуваат и имаат свои имоти во ова пијанечко село.

По завршувањето на акцијата за расчистување на предвидената делница од страна на Месната заедница во селото беше организиран пристоен ручек за сите учесници во денешната акција.

Месната заедница на Село Град е една од поактивните граѓански организации која што со поддршка на голем број на граѓани, луѓе во странство, како и домашни фирми пројавуваат поголемо ниво на активизам во изминатиот период. Така по иницијатива на група граѓани- иселеници и со учество исто така на поголем број жители од селото неодамна беше поставен христијански крст како и јарбол со државното знаме на еден од повисоките рељефни топоними во селото.

За наредниот период од Месната заедница на село Град најавуваат уште вакви еколошки акции како и други општествени акции за подобрување на живеачката во ова живописно пијанечко село.

Инаку селото Град се наоѓа на крајниот исток на државата и е едно од поразвиените села во Пијанецот, со евидентирани 355 жители според последниот попис на населението од 2021 година. Во селото опстојува подрачно училиште со настава од 1 до 9 одделение со групни мешани паралелки од повеќе оделенија. Селото има свој водоснабдителен систем и изградена фекална канализација со стабилна-електро енергетска и телекомуникациска инфраструктура што го чини погодно за живеачка.

Селото Град е познато по својот Археолошки Локалитет “Градиште”, пештерата “Коњска дупка” која е најисточната пештера во Македонија а има и прекрасна црква посветена на Св. Ѓорѓи со трпезарија и камбанарија со простран двор. Во атарот на село Град e познато постоењето на локалитет со Карпеста уметност, постоење на повеќе селски чешми со природен извор на квалитетна питка вода, раскошна природна и бујна вегетација, живописни шуми и рељефни целини.

Селото Град го има својот народен собор на верскиот празник Духовден- Педесетница кога жителите по потекло од ова село се враќаат во своите родни огништа и го чествуваат овој празник.

Во селото егзистира Фудбалскиот Клуб “Обел” с. Град кој што е организатор на голем фудбалски турнир за време на селскиот народен собор.

Во селото речиси секое домаќинство има своја семејна дестилерија на сливова ракија која надалеку е позната по својот шарм.

Ваквите потенцијали во наредниот период може да бидат интересен дел од туристичката понуда на општина Делчево и поширокиот регион поради примамливоста и уникатноста на овие содржини кои што заедно со кроткиот гостопримлив дух на жителите на селото се достоинствен репрезента на традицијата на овој животен простор од памтивек.

Жителите на селото Град се занимаваат со овоштарство (претежно одгледување на сина слива) како и со сточарство со егзистенција на неколку одгледувалишта на добиток.

Голем број од жителите на село Град својата егзистенција ја побарале и ја остваруваат во странство (Италија, Швајцарија, Германија итн.) а евидентни се намерите за враќање на дел од нив да продолжат со своите животи во своето родно село.

Креирано од:


Пренеси го гласот