Повозрасните треба и мора да овозможат креативноста и енергијата на младите во Делчево во иднина уште повеќе да излезе на површина во секојдневната трка по подобар живот. Најголема гордост за Делчево не се ниту бетонот, ниту асфалтот, ниту објектите, ниту институциите…. најголема вредност- богатство за Делчево се делчевчани!
Во корен на нештата развојот на Делчево мора да биде првенствено базиран на човечкиот потенцијал во квантитет и квалитет. Ништо не сме направиле ако ставиме асфалт на некоја улица кога луѓето од таа улица заминуваат во странство-најпрво периодично, потоа за стално. Ништо не сме направиле ако изградбата на инфраструктурата сама по себе е цел за било која политичка власт во општината/државата. Развојот на едно општество мора да биде анализиран/третиран интегрално со повеќе параметри истовремено во рамки на строго определена приоретизација со оглед на ограничениот фонд на ресурси.
Епицентарот за развој на Делчево по приоритет мора да биде првенствено човекот, поединецот… потоа семејството, потоа населбата, потоа институциите, инфраструктурата, животната средина, култура и забава и на крај односите во рамки на општествените процеси. Никако обратно, зошто обратното видовме до каде не доведе!
Ова е сосема нов тип на приоретизација која треба да биде земена во предвид и дискутирана во наредниот период. Оваа приоретизација подразбира целосно превртување на актуелната пирамида на приоритети наопаку од досегашната пракса и поставување на политиката на дното од приоритети а устоличувањето на благосостојбата на поединецот на врвот на пирамидата. Но тој процес мора да се одвива во реални рамки и состојби на терен.
Ќе направам мала дигресија:
Следејки ги општествените процеси во изминатите 16 години како во Делчево така и на ниво во државата би рекол дека слободата на човекот сама за себе ништо не значи туку води кон хаос и анархија. Никакви закони, никакви превентивни или репресивни мерки не можат да го исправат тој хаос создаден од демократија на ниво на анархија!
Процесите во кои е тргната моментално Македонија/Делчево се токму во таа насока кон тотална анархија и безредие овозможени од неправда.
Но вистинската демократија овозможена за секој поединец да твори и создава на полето во кое најмногу сака и го бива, е концепт вреден за имплементација.
Демократијате не е вродена вредност, не е нешто дадено од Бога, не е апстракција сама за себе. Демократијата е жив процес кој што постојано се учи, изучува, надградува, корегира и дефинира низ слободно изразена волја на граѓаните на избори. Како едукативен процес образованието во тој поглед е базичен ресурс за подобрување на состојбите со демократските вредности од каде треба да се создадат идните профили на општествени процеси и дејци во една локална средина како што е Делчево. Затоа ценам дека образованието во сите возрасни нивоа на воспитување и едукација мора да биде централна линија на обидите за да се променат состојбите во Делчево на подобро. Апелирам на обединување на сите педагози, психолози, наставници и професори заедно со менаџментот на воспитно образовните институции како и граѓанските организации да посветат најголем напор токму во таа насока. Образованието во Делчево не треба да постои само за себе, за плати и егзистенција на вработените, трошење на време на учениците, трошење ресурси на властите за одржување и надградби на образованието. Образованието во Делчево (и во Македонија) треба да биде во функција на развој на човекот-поединецот за да биде иден креатор на подобри и поблагопријатни општествени односи за развој на подобар животен стандард во Делчево/Македонија.
Нашиот град/ нашата држава се соочува со најголемиот проблем на денешницата: Исчезнување на народот-граѓаните од овој животен простор. Ваквиот пораз е предодреден да се случува денес како резултат на состојбите со децении наназад. Неспособноста на реал-политиката да го имплементира процесот за раст и развој на поединецот на сметка на развој на колективитетот со огромен диспаритет на овие два политичко-филозовски концепти допринесе до распад на основната општествена клетка- граѓанинот. Дури потоа како причини следува распадот на семејството, маалото како една микро заедница, селото-градот-општината-регионот-државата.
Ќе пренесам едно лично искуство:
Во периодот на моето основно образование од петто до осмо одделение 1992-1996 година своите афинитети-она што вистински ме исполнуваше беше ликовната уметност и математиката.
Во периодот на моето средно образование моја главна инспирација која несомнено ми ја всади професорката по Македонски јазик и литература а потоа и професорката по Англиски јазик беше пишаниот збор но и музиката. Кон крајот на средното образование мојот литературен израз беше толку многу развиен што отскокнував од сите други околу. Сепак високо образование завршив на Градежниот факултет веројатно поради потребата за некаква егзистенцијална сигурност но и поради семејни причини и традиција.
Денес моја главна преокупација е пишаниот збор но и стратешко планирање и давање некаква хуманистичка логика на околината во која живеам и работам. Не жалам за макотрпните денови поминати во клупите на Градежниот факултет кој по “тежина” важеше тогаш како втор или трет во државата по Електро-техничкиот. Магијата и моќта на математиката, физиката, динамичките процеси и закономерности од мене создадоа ум во секој процес (природен или општествен) да гледам причинско-последична детерминираност. Еднаш инжинер-секогаш инжинер. Но емпатијата, духовноста, традицијата, естетските вредности и уметноста кои преовладуваат кај мене, создадоа непокорен дух кој како дел од овој наш град/општина/животен простор чувствува потреба да допринесе масксимум во своите лични можности за развој на оваа наша локална заедница. Таа моја амбиција не ретко ме остава поразен на личен план, но на крај на денот среќен сум што плодовите на мојот личен труд, знаење и работа може да се видат насекаде околу…
Во коренот на целокупниот процес на мое образование кое и ден денес продолжува низ различни процеси и околности стои здобиената перцепција уште од најмала возраст дека секој човек е креатор на својата судбина! Решеноста за менување на состојбите на подобро не е вродена категорија, таа се учи во текот на животот од најмала возраст.
Токму тука потфрли нашиот образовен систем во формирање на силно изразена волја за менување на состојбите кон подобро низ еден процес на квалитетно обрњзование базирано на искуство/знаење/позитивни практики, разбирање на негативните процеси и создавање на креативни процеси низ слободен дух на имагинација.
Тоа е единствен начин да се создаде спој на уметноста и науката во функција на облагородување на Македонското постоење за сегашните и идни генерации.
Пишува: Кирчо Анастасов


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Про-бугаринот Венко Филипче нека покаже како треба и нека ги стави бугарите во статутот на СДСМ, Македонскиот устав не му е дедовина да го решета како ќе му текне
Зошто НАТО не го активира членот 5 во војната меѓу САД и Иран?
Синдикалниот комунизам е мртов. Македонија како земја на услуги треба да развива трудов раст а не секојдневие на социјална пропаст