Конечно на повидок е решавање на проблемот со вода за пиење за жителите од село Лески во Општина Виница кои до ден денешен имаат егзистенцијални проблеми со обезбедување на вода за живот во ова село.
После повеќе години на одлагање на решението на овој проблем општинската самоуправа во Виница премина кон ефектуирање на сретствата обезбедени од Европската инвестициона банка уште со договорот за заем по проектот “Водоснабдување и одведување на отпадни води” на Владата на Република Македонија од 2010 година.

Во текот на последната седница на Советот на Општина Виница беше денесена Одлука за давање на согласност и овластување за потпишување на договор за ГРАНТ од страна на Европската Инвестициона Банка со општина Виница во висина од 24 631 000 денари за проширување на Филтер станицата за вода во Виница и поврзување на село Лески со виничкиот водовод.
За донесувањето на оваа одлука во јавноста информираа од Општинската администрација преку сл. соопштение:
“На 36-тата редовна седница на советот на општина Виница со 15 гласови “ЗА” се донесе одлука за давање на согласност и овластување за потпишување на договор за ГРАНТ од страна на Европската Инвестициона Банка со општина Виница во висина од 24 631 000 денари за проширување на Филтер станицата за вода во Виница и поврзување на село Лески со виничкиот водовод. Ова е од особено значење за жителите на село Лески бидејќи во иднина повеќе овие жители ќе немаат проблем со водоснабдувањето. Со оваа одлука веќе од понеделник Министерството за Транспорт и Врски ќе го распише тендерот за овој проект вреден повеќе од 400 000 евра истакна градоначалникот на општина Виница – Ивица Димитров.”

За дообјаснување на генезата на реализацијата на овој проект во јавноста реагираа и од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Виница како реакција на ваквото соопштение на Градоначалникот кој избегнал во своето соопштение да објави кој, кога и на кој начин ги обезбедил финансиските сретства за реализацијата на овој проект.
Во продолжение го пренесуваме и нивното соопштение во целост:
“Мораме да ја корегираме општина Виница и да ги запознаеме граѓаните на општина Виница и пред се жителите на с.Лески на кој начин се обезбедени финансиските средства за проширување на филтер станицата за вода во Виница и поврзувањето на с.Лески со виничкиот водовод.
Имено не се работи за ГРАНТ од Европската инвестициона банка туку ЗАЕМ од 50.000.000 евра обезбеден од Владата на Република Македонија предводена од ВМРО ДПМНЕ за кој што е и донесен посебен ЗАКОН од Собранието на РМ објавен во Службен весник на РМ на 16 јуни 2010 година.
Понатаму со Одлука на Владата на ВМРО ДПМНЕ објавена во Службен весник на РМ на 24.11.2010 година, Виница од овие 50 милиони евра добива 695 илјади евра.

Од овие средства кои ги доби Виница до сега се реализираа 2 проекти и тоа:
Реконструкција на дел од водоводната мрежа во Виница
И реконструкција на дел од водоводната мрежа во с.Блатец
Додека пак останатите средства во висина од 400 илјади евра се предвидуваат за проширување на Филтер станицата во Виница и поврзувањето на с.Лески со виничкиот водовод.”

СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Стручна работилница на тема „Дигитални решенија за одржливо земјоделско производство“
ВИНИЦА РЕЦИКЛИРА – 169.350 ПЛАСТИЧНИ ШИШИЊА ЗА ТРИ МЕСЕЦИ!
Уште една голема инвестиција на владата во здравството за делчевчани: Две нови возила за ЈЗУ Здравствен дом ,,Гоце Делчев ” во Делчево