Проблемите во Македонија не само што се повторуваат, туку и се продлабочуваат. Затоа, бесмислено е нивно повторно аналзирање, бидејќи тоа би значело непотребно повторување на она што некокаш се кажало, објавило. Денес постирам дел од текстот „Воведување на апартхејд“, објавен пред дваесет години:
„Тврдат дека не се решени основните права на Албанците во Македонија. За таа цел, се бара легализирање на двојазичност и добивање статус на државотворен народ во рамките на македонската држава. На тој начин, би станале државотворен народ и во македонската држава, покрај оствареното право во Република Албанија, како национална држава на албанскиот народ. Тоа би значело постоење на еден народ во две национални држави, што е неприродно. Затоа, наредниот чекор би бил двете држави да се спојат – како Источна и Западна Германија, на пример. Според тоа, најавен е и следниот чекор. Веќе и овој момент покажува дека не е во прашање правото на образование или на свој национален идентитет, како услов за стабилноста на Република Македонија. Мало потсетување ќе го потврди претходното. СФРЈ не само што беше двојазична, туку беше повеќејазична држава. Сепак се распадна, макар што во нејзини рамки Албанците имаа свој Универзитет (во Приштина), своја Академија на науките и уметностите, свое Собрание, своја Влада, своја полиција итн. Значи, ги имаа сите атрибути на државотворен народ. Сепак, не беа задоволни. На ова потсетувам, бидејќи нешто слично се случува и во Македонија. Барањата за засебни детските градинки и училишта (вклучувајќи го и барањето за создавање на албански универзитет, покрај двата македонски универзитети) не се ништо друго освен барања за воведување на паралелен живот. Тоа не само што не води кон интегративни процеси, туку значи воведување и легализирање на апартхејд.
Нелсон Мандела, борецот против апартхејдот, не се бореше за формирање на засебни расни, или етнички градинки, училишта, факултети итн., бидејќи во тоа и беше суштината на апартхејдот. Тој се бореше за заеднички училишта, градинки, универзитети за сите деца. Тој се бореше за заеднички живот на црните и белите децата, бидејќи тоа е смислата на секоја борба против апартхејдот или сегрегацијата. Откако Мандела се избори во неговата држава да се надмине состојбата на поделеност, денес некој сака тоа да го озакони во македонската држава. Дека не станува збор за гола конструкција потврдуваат наброените барање на албанските партии. Оваа констатација ја потврдуваат и барањата во кумановската гимназија “Јосип Броз-Тито”. Таму родителите бараат албанските и македонските ученици да слушаат настава во различни смени. За нив не е доволно што секој учи во засебни училници, туку распоредот на наставата требало да биде таков што децата да не можат ни да се сретнат или меѓусебно да се погледат. Иронијата е во тоа што воведувањето на сегрегација и паралелизам го бараат токму оние кои упорно тврдат дека се обесправени и маргинализирани.
Меѓутоа, тоа што не може да се замисли во една африканска држава – како онаа на Нелсон Мандела – денес официјално се бара во Македонија. Во неа се бара легализирање на апартхејд. Работите стануваат уште позагрижувачки, ако се земе предвид дека овие барања доаѓаат од врвовите на албанските партии во Македонија. Ниту една од овие партии не се откажала од барањата за засебен албански универзитет, за засебни училишта, за двојазичност, за признавање на Албанците како конститутивен народ, што претставува чекор кон федерализација, макар што декларативно полни се со барања за еднаквост, правда и соживот. „Борејќи“ се за овие вредности, пред меѓународните институции се жалат на својата „обесправеност“, која ќе се надминела преку засебните училишта, факултети или универзитети. Значи, ќе се надминела со воспоставување на паралелен живот, кој во секој лексикон се означува како апартхејд.
Ако македонскиот политички естаблишмент отстапи пред овие барања (се разбира под притисокот и на меѓународната заедница, како еуфемистички се именува Светската сила), тогаш ред е да каже дека се воведува апартхејд. Со тој потег, барем ќе ја спаси (колку-толку) честа, кажувајќи ја вистината за себе и за светските „добротвори’“ (Текстот беше објавен во неделникот „Старт“ од 8.10. 1999, Скопје, стр. 43-44.)
П.С. Денес, покрај Албанија (како национална држава на Албанците) постои и Република Косово. Значи, направен е чекор понатаму.


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Истрага за проневера во службата во ФФМ
Алиу на економско-социјалниот совет: За секој денар од акциза од тутун, економијата троши приближно четири денари за справување со здравствените последици од пушењето
Присуство на висока партиска делегација на ВМРО-ДПМНЕ предводена од ген-секот Драган Ковачки на конференција посветена на иднината на Македонија