БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Заливските Монархии ја менуваат страната?

HTML Image as link Имате потреба од нов веб сајт?
An image from Squarespace
Пренеси го гласот

Деновиве како гром од ведро небо одекна веста дека Саудиска Арабија и Кина се пред договор според кој што Саудиска Арабија својата нафта на Кина ќе ја продава во јуани, а не во долари. Како резултат на тоа расте паниката кај САД и Западните држави. Тргувањето на нафтата во долари е еден од постулатите кој што го држи доларот на врвот како резервна светска валута. Арапите од секогаш важеле за мудри трговци, и потезите кои што тие ги влечат се од долгорочна природа. Судејќи според чекорите, изјавите, лидерите на Заливските Монархии се незадоволни од САД и од нивната политика во однос на Блискиот Исток. Заливските Монархии се повеќе се дистанцираат од САД и се приближуваат кон Кина.

Во минатото важеше правилото дека Заливските Монархии секогаш се на страната на САД. Посебно после 1974 година, кога САД и Саудиска Арабија склучија стратешки договор, според кој Саудиска Арабија ќе ја продава својата нафта исклучиво во долари, а за возврат, САД ќе ја гарантираат безбедноста на Саудиска Арабија. Тој сојуз беше идеален се до почетокот на војната во Јемен, и инвазијата на Саудиска Арабија на Јемен. Но во последните 8 години САД не можат да ја гарантираат безбедноста на Саудиска Арабија. Како резултат на војната во Јемен, каде што Саудиска Арабија е директен учесник, Саудиска Арабија е постојана мета на балистички ракетни напади и напади со дронови од страна на Хутите од Јемен, кои што се поддржани од Иран и од Хезболах. Ријад е бесен бидејќи САД не можат да им ја гарантира безбедноста. Поради сето тоа, пред се Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати се одлучија за партнерство со Кина на долги стази. Кина е главниот купувач на арапската нафта, плус трговската размена на арапските држави со Кина е поголема од трговската размена со САД и со Западот. Кина не поставува услови во однос на човековите права и не им се меша во внатрешната политика. Саудиска Арабија, како и другите Заливски Монархии, во иднина својата нафта на Кина ќе им ја продаваат за јуани, а не за долари. Плус Саудиска Арабија со помош на Кина ја развива својата балистичка ракетна програма, и Кина гради истражувачки и научен центар, како и фабрика за производство на тие ракети во Саудиска Арабија. Кина има и значајни договори во сферата на одбраната со Обединетите Арапски Емирати.

Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, кои што се незадоволни од САД, и од политиката на САД во однос на тие држави, и на Блискиот Исток, и тие полека се свртуваат кон Кина. Администрацијата на Обама ја започна политиката, а сегашната администрација на Бајден ја продолжи политиката и го продолжи притисок кон Заливските Монархии во однос на човековите права, без притоа да разберат како функционираат тие монархии, и дека тоа е во спротивност со нивното државно уредување, како и во спротивност со Коранот и Исламот. Од друга страна, администрацијата на Трамп водеше отворена про-израелска политика, и го призна Ерусалим за главен град на Израел, со што го навлече бесот на арапскиот и на муслиманскиот свет. Истовремено, Трамп од позиција на сила ги принудуваше арапските и муслиманските држави да воспостават дипломатски односи со Израел. А тоа не им се допадна на владетелите на Заливските Монархии.

HTML Image as link НЕТКРИЕНО БОГАТСТВО ОД ТРАДИЦИЈА, ПРИРОДА, ИСТОРИЈА...
An image from Squarespace

Интересна е хипокризијата на САД и Западот во однос на Иран и Венецуела. САД и Западот до пред некое време тврдеа дека Иран и Венецуела се држави поддржувачи на тероризмот и дека тие се део од „Оската на злото“, и истите тие беа мета на жестоки санкции од страна на САД и на Западот, бидејќи водат независна надворешна политика. Но со почетокот на војната во Украина и со енормниот раст на цената на нафтата на светските берзи како резултат на санкциите на САД и Западот против Русија, високи претставници од САД и ЕУ заборавија на сето тоа и ги молеа Техеран и Каракас да го зголемат производството на нафта, за да ги спасат економиите на САД и на ЕУ, а за возврат ќе им укинат дел од санкциите. Иран и Венецуела, поучени од минатото, и чувствувајќи ги сеуште последиците од бруталните санкции на САД и Западот против нив, го одбија предлогот и го откачија Западот. Наместо за САД и Европа, нафтата од Иран и Венецуела оди за Кина. Кина склучи стратешки договор со Иран во времетраење од 25 години, во висина од 200 милијарди долари. А Венецуела се приклучи кон мега-проектот „Еден појас – еден пат“. Сличен таков договор Иран ќе склучи со Русија. Иран и Венецуела не заборавија дека Русија и Кина им помогнаа да се справат со санкциите од САД и Западот.

Претходно и Ирак склучи стратешки договор во времетраење од 25 години со Кина, за продажба на ирачката нафта на Кина, а за возврат Кина ќе гради школи, болници, градови, инфраструктура, и ќе отвара фабрики, плус ќе врши трансфер на технологии за Ирак. Додека САД го губат своето влијание на Блискиот Исток и се повлекуваат, Кина и Русија се подготвени да го пополнат вакумот после повлекувањето на САД.

Пекинг демонстрира невидено ниво на влијание на Блискиот Исток: од 8 до 12 јануари, во Кина истовремено беа присутни не само министрите за надворешни работи на Саудиска Арабија, Кувајт, Бахреин и Оман, туку и министрите за надворешни работи на Иран и Турција. – ЕУ или САД тешко можат да се пофалат со таков успех.

Всушност, Блискиот Исток координира заедничка стратегија за подлабока интеграција со Пекинг наспроти позадината на зголемената економска размена и меѓузависност на земјите една од друга, како и постепеното слабеење на улогата на САД како главен купувач на нафтата од Блискиот Исток и гарант на безбедноста на регионот. Заливските Монархии фаќаат приклучок со глобални промени во тргувањето со фјучерси на нафта на берзата во Шангај за јуани, туку исто така, демонстрираат отворен демарш за прашањата на американската политика за признавање на „геноцидот против Ујгурите“ – арапските држави официјално го поддржуваат Пекинг во неговата ујгурска политика. Пекинг станува економски координатор на Блискиот Исток, и Блискиот Исток полека преминува на јуани во трговијата со Кина. Блискиот Исток и Заливските Монархии се приклучија и кон мега проектот „Еден појас – еден пат“. А кон крајот на годината ќе се оддржи првиот самит Кина-Арапски свет во Саудиска Арабија, на кој што ќе бидат склучени голем број на стратешки договори.

Пишува: Дарко Тодоровски

Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар

Креирано од:


Пренеси го гласот
HTML Image as link Интернет портал за афирмација на земјоделието
An image from Squarespace