БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Наше Интервју со Емилиjа Маринова- уметник која го носи магичниот шепот на Охридското езеро во најубава форма на музичка експресија

Емилија Маринова: -Во свет полн со брзина, бучава и секојдневен стрес, музиката и уметноста се тивки засолништа каде душата може да дише. Тие не се само забава тие се јазикот на човечноста, начин на комуникација без зборови, патување без мапа. Слушајте со срце, гледајте со љубопитност, и дозволете си да бидете погодени без објаснување. Уметноста не го прави животот полесен туку подлабок.
HTML Image as link Имате потреба од нов веб сајт?
An image from Squarespace
Пренеси го гласот

Таа е репрезент на еден магичен охридски сензибилитет на поимање на уматноста а преку уметноста и самиот живот. Нејзината префесионална ориентација е одраз на нејзината душа, затоа што секој отсвирен тон е воздишка на нејзиниот дух а мелоритмиската динамика е ритам на најзиното срце.

Емилија Маринова ги има совладано едни од најпрестижните музички придизвици не само во Македонија туку многу пошироко.

Нејзина страст, нејзина професија, нејзин начин на живот е музиката пренесена преку нејзиното пијано, преку допирот на нејзините прсти кој создава магија за секој во нејзино присуство. Но, Емилија претпочита и литература, театар, како и спорт, и животни-поспецифично македонски автохтони видови шарпланинец и караман, што ја чини особено колоритна во нејзината духовна кредибилност пред остатокот од светот.

HTML Image as link НЕТКРИЕНО БОГАТСТВО ОД ТРАДИЦИЈА, ПРИРОДА, ИСТОРИЈА...
An image from Squarespace

Емилија може да ја пронајдете во охридските ресторани, кафетерии, локали… каде плени со својата енергија и уметнички доем… но исто така неа може да ја пронајдете и помеѓу најмладите, нејзините смели ученици кои во денешно време одлучуваат да бидат музички херои на својата генерација.

Затоа кога нареден пат ќе го посетите Охрид, побарајте каде настапува Емилија МАринова за да понесете дел од Балканскиот бисер со себе за цел живот.

До ова интервју дојде многу спонтано речиси со целосна непознаница на она што во себе го носи Емилија како универзална човечка вредност, исткаена со длабоко интимни женски чувства и емоции.

После ова интервју приказната за Емилија Маринова не само што продолжува, туку верувам ќе белска со интензитет, затоа што оваа млада жена има многу што да каже пред пошироката јавност.

Прашања:

  1. Брегалнички Портал: Дали музиката има суштинска моќ да го промени светот на подобро?

Емилија Маринова: Да бидејќи таа може да влијае на луѓето на многу начини:

– Mузиката може да предизвика силни емоции и  да ги охрабри луѓето, да им даде надеж и да ги обедини во тешки времиња;

– Музиката е универзален јазик кој може да ги обедини луѓето од различни култури. Таа поттикнува размена на идеи и традиции што може да доведе до поголемо разбирање и толеранција. Многу песни и музички жанрови инспирираат луѓето да се ангажираат и да работат за промени во своите заедници. Музиката може да биде катализатор за социјални движења и иницијативи;

-Исто така игра важна улога во образованието и развојот на децата. Таа помага во развојот на креативноста, дисциплината и социјалните вештини;

Во целина, музиката има потенцијал да создаде позитивни промени во општеството и да ги инспирира луѓето да работат за подобро утре.

2. Брегалнички Портал: Која е разликата меѓу слушање музика, создавање музика и репродуцирање (изведба) на музика?

Емилија Маринова: Слушање музика е активност во која слушателот се фокусира на музичките звуци, мелодиите,ритмовите и текстовите.Слушањето може да биде активно или пасивно.

Создавање музика е креативен  процес на компонирање, аранжирање и продукција на музички дела  кој вклучува различни аспекти .

Репродуцирање на музика се однесува на изведување на веќе создадена музика. Изведувачите ја интерпретираат музиката додавајќи свои емоции и стил во изведбата.

Мојата порака до читателската публика во однос на музиката и уметноста е дека тие се моќни алатки за изразување и поврзување. Уметноста има способност да пренесе емоции,идеи и култури,и може да создаде длабоки врски меѓу луѓето. Без разлика дали сте уметник или само љубител на уметноста, важно е да ја цените и истражувате.

Уметноста е тука за да не инспирира да не поврзува и да не поттикнува да размислуваме подлабоко за светот околу нас.

3. Брегалнички Портал: Колку време е потребно за еден музичар да достигне едно солидно ниво на техничка подготвеност за изведба на музички дела?

Емилија Маринова: Времето потребно за еден музичар да достигне солидно ниво на техничка подготвеност зависи од неколку фактори:

Инструментот што се изучува, некои инструменти можат побрзо да дадат резултати на почетно ниво,додека други бараат повеќе време за совладување на основната техника.

Времето и квалитетот на вежбањето, талентот како и педагошкото водство.

Во кратки црти за напредно и професионално ниво потребни се години на континуирано вежбање.

4. Брегалнички Портал: Која е Емилиjа Маринова? Кажете ни нешто повеќе за себеси надвор од вашата музичка професија.

Емилија Маринова: Љубител на литература, театар, спорт, патувања и животни. Посветена на откривање нови култури и перспективи.Човек со страст кон пишаниот збор,сценската уметност и се што значи автентично доживување.Верувам дека книгите не обликуваат,театарот не соочува со себе,а патувањата не учат да гледаме со очи на други култури.Спортот ми го одржува духот активен,а кучињата ме потсетуваат на  едноставната радост и лојалност. Секогаш сум во потрага по нови искуства што го збогатуваат внатрешниот свет.

5. Брегалнички Портал: Од кога кај Вас се појави афинитетот за музиката и повикот таа да стане Ваша професионална ориентација во животот? Дали покрај пијаното музицирате и со други инструменти? Зошто баш пијаното е ваш првенствен избор?

Емилија Маринова: Музиката беше доста присутна во мојот дом и имав среќа да растам во средина каде се негуваше и слушаше квалитетна музика почнувајќи од нашата македонска староградска музика па се до  Реј Чарлс, Барбара Стрејсенд, Арета Френклин, Френк Синатра и многу други.

Пијаното веќе беше во нашиот дом уште пред да ме запишат во музичко бидејќи мојата сестра која е постара веќе беше запишана на музичко и го изучуваше тој инстурмент и мислам желбата дојде од тука и јас да го изучувам пијаното.

Се запишав на 8 години во музичко и веќе на 11 години одлучив дека сакам музиката да биде моја професија.

6. Брегалнички Портал: Кажете ни нешто повеќе за вашиот образовен процес. Каде го имате стекнато своето музичко образование? Која е според Вас разликата меѓу нашиот домашен музички образовен систем и тој во странство?

Емилија Маринова: Моите почетоци се во Охрид во ОМУ “Методи Патче” во класата на проф. Рубенс Наумовски на кој сум бескрајно благодарна за неговиот несебичен  влог во поставување на основите на моето музичко образование на пијаното и желбата да продолжам со музиката. Средно музичко продолжив во Скопје во ДМБУЦ Илија Николовски-Луј каде исто така имав можност да работам со едни од најдобрите професори во тоа време проф. Кристина Ангеловска и проф. Марјана Јованчева а студиите ги продолжив на ФМУ Скопје во класата на врвниот пијанист и педагог од светски рамки проф. Стела Слејанска во чија класа  подоцна и магистрирав.

За време на своето школување учествував на многу натпревари и концерт  државни и меѓународни и освојував значајни награди меѓу кои би ги издвоила II награда на меѓународниот натпревар “ Николај Рубинштајн” во Пaриз 1998 год. II награда на меѓународниот натпревар “Интерфест” во Битола 2002 и 2005 година, Специјална награда за најдобро отсвирено дело на македонски композитор на меѓународниот натпревар “Интерфест” Битола 2005 и 2012.

Во 2006 во голема конкуренција го положив приемниот испит и се запишав на студии на најпрестижниот конзерваториум во Рим “Санта Чечилиа” во класата на проф.Франческо Мартучи.

За време на мојот престој во Рим ја напишав и мојата прва композиција со наслов “Охрид те сакам” чиј наслов подоцна го носи и  фестивалот кој го основав во 2008 година на кој низ годините до денес  имаа можност да настапат  голем број на домашни и странски музичари со солистички концерти но исто така во рамките на фестивалот се организира и меѓународен натпревар на кој лареатите имаа можност да настапат како награда на нaјпрестижниот музички фестивал во Рим” Il Tempietto “,на една од најзначајните сцени Teatro di Marcello.

Во 2008 година исто така упеав да реализирам значаен проект за општина Охрид, проект за добивање концертен клавир од марката Seiler донација на IMAF Fondation од Лихтенштајн.

По завршувањето на студиите моето прво работно искуство како професор е во Торонто во Канада но потоа се вратив во Охрид каде прво се вработив како проф. по пијано во основното музичко училиште “Методи Патче” а од 2015 до 2023 ја извршував функцијата директор во истото. Во моментов сум професор во средното музичко училиште “Тодор Скаловски-Тетоец” во Струга.

Покрај тоа што класичната музика е моја определба и професија јас исто така ја негувам и забавната музика и често концертирам и настапувам како соло пијанист и вокалист но и во состави.

Разлики има повеќе во домашниот и странскиот образовен систем како структура и организација,пристап и педагошка филозофија,наставен кадар и ресурси како и кариерна перспектива.На оваа тема може многу да се зборува но јас само ќе кажам дека сум задоволна од македонскиот музички образовен систем како и од кадарот  со кој што располагавме и располагаме.

7. Брегалнички Портал: Дали импровизацијата може да се каже дека е неопходен дел на една музичка изведба или способност на музичарот да ги затскрие сопствените грешки и недостатоци?

Емилија Маринова: Не е неопходен дел посебно во класичната музика- таму нема простор за импровизации, точно треба да се отсвири секоја нота што е напишана од композиторот но секако во одредени несакани ситуации, некој моментален мемориски блок на концерт може да биде од корист доколку музичарот ја има таа способност да импровизира.

8. Брегалнички Портал: Дали претпочитате соло изведби или изведби како дел од група музичари? Што е разликата меѓу соло музицирање и изведба во рамки на музички состав?

Емилија Маринова: Ги сакам и често настапувам и во двете комбинации.

Соло музицирањето и изведба во музички состав се два фундаментално различни,но комплементарни аспекти на музичката уметност. Во соло музицирањето ти си центарот на вниманието и имаш целосна одговорност за музичкиот израз,имаш поголема слобода но и поголем притисок-немаш на кого да се потпреш. Идеално е за лична екпспресија и техничка демoнстрација, длабока интерпретација  поголема интимност и индивидуалност.

Изведба во музички состав е тимска работа во служба на колективниот звук.

Слушањето е кучно да се усогласиш со другите како и баланс и комуникација.

8. Брегалнички Портал: Дали во Македонија може да се живее задоволително со создавање/изведба на музика за поширока публика во рамки на музичката професија?

Емилија Маринова: Со изведба на класична музика не баш, можеби малкумина успеваат но со забавна а посебно народна музика може да се живее доста добро.

9. Брегалнички Портал: Дали во Македонија во моментот се создава квалитетна популарна музика?

    Емилија Маринова: Од некои композитори да , во Македонија денес се создава разнолика и квалитетна современа музика, која ги комбинира традиционалните македноски елементи со модерни музички правци.Многу талентирани композитори и изведувачи активно придонесуваат во развојот на музичката сцена како во земјата, така и на меѓународно ниво.

    10. Брегалнички Портал: Кој е Ваш омилен современ музички композитор и зошто?

      Емилија Маринова: Енио Мориконе еден од најголемите музички гении на 20ти и 21ви век. Револуционер во филмската музика.

      Она што го прави посебен и издвојува од сите други композитори е спојот на музичката генијалност,емоционална длабочина и иновативност.

      Мориконе знаел да компонира мелодија што зборува сама за себе.Понекогаш доволно било едно свирче или едноставна гласовна линија за да  создаде магија.

      Неговата музика е поезија,неговите партитури не само што ја следат сцената тие ја раскажуваат приказната. Мориконе создал светост преку звук.Тоа е музика што допира душа.

      Иако бил модерен и авангарден,Мориконе никогаш не се оддалечил од италијанската мелодичност и класичната форма.

      11. Брегалнички Портал: Дали музицирањето на пијано е повеќе умствен напор или физички напор?

        Емилија Маринова: Музицирањето на пијано е и умствен и физички напор но со различна тежина во различни фази од музичкиот развој.

        12. Брегалнички Портал: Што претставува за Вас можноста да едуцирате со музика млади ученици- деца?

          Емилија Маринова: Можноста да се едуцираат млади ученици преку музика е длабоко значајна и одговорна улога не само како наставник,туку  и како влијание врз човечкото формирање.

          Пренесување на вредности,не само вештини бидејќи преку музиката се учат трпение,дисциплина,истрајност,емпатија и емоционална интелегенција.

          Добриот музички педагог не учи само ноти,инспирира љубов кон уметноста и креира идни генерации на културни граѓани.

          13. Брегалнички Портал: Која е поважна улога на еден музички педагог: Да го развие уметничкиот дух на ученикот или неговите технички можности (моторика) за музицирање?

            Емилија Маринова: Двата аспекта се важни, но улогата на музичкиот педагог треба да биде интегрална, да ги развие техничките можности, но и да го разбуди уметникот во ученикот.

            14. Брегалнички Портал: Каде се имате реализирано свои настапи? Каде од местата што сте настапувале била најдобра публиката?

              Емилија Маринова: Низ Македонија во многу градови но исто така често концертирам и во странство Италија,Австрија,Франција,Србија,Канада.

              Не можам да издвојам,секаде ми била инспирација,мотивација и соучесник во музичкиот чин. Изведбата не е еднонасочна тоа е размена на емоција меѓу музичарот и публиката и вистинскиот смисол во кариерата е во моментите кога ќе допреме до нечие срце.

              15. Брегалнички Портал: Која е ваша лична порака до читателската публика во однос на музиката или уметноста воопшто?

                Емилија Маринова: Во свет полн со брзина, бучава и секојдневен стрес, музиката и уметноста се тивки засолништа каде душата може да дише. Тие не се само забава тие се јазикот на човечноста, начин на комуникација без зборови, патување без мапа. Слушајте со срце, гледајте со љубопитност, и дозволете си да бидете погодени без објаснување. Уметноста не го прави животот полесен туку подлабок. Затоа, поддржете ја уметноста,бидете присутни во концертна сала,галерија или едноставно,пред песна што ве трогнува.

                Таму можеби ќе се сретнете и со себе.

                Крај

                Уреднички епилог: Поради исклучително интересните одговори и задирнати теми од страна на Емилија Маринова во нејзините одговори, најавуваме барем уште едно интервју со оваа врвна уметница и позитивен карактер.

                Креирано од:


                Пренеси го гласот
                HTML Image as link Интернет портал за афирмација на земјоделието
                An image from Squarespace