Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја информира јавноста дека преземените мерки од страна на Владата, во комбинација со конкретни чекори од економските оператори, даваат резултати – цените на горивата се стабилизирани, а ценовниот притисок е значително ублажен.
Во таа насока, ОКТА ја продолжува иницијативата за попусти на горивата и по првично предвидениот рок на крајот на март, при што мерката ќе трае до 6 април. Како дел од ова продолжување, попустот за дизел се зголемува од 2 на 3 денари по литар, обезбедувајќи дополнителна поддршка за потрошувачите и придонесувајќи кон стабилизација на пазарот.
Овој чекор доаѓа како резултат на континуираната комуникација и координација помеѓу Министерството и компаниите, со јасна цел – дел од олеснувањата да се пренесат директно кон граѓаните и стопанството. Ова претставува потврда дека активната улога на државата дава резултати и дека преку партнерство со компаниите може да се обезбедат конкретни придобивки за граѓаните и стопанството.
Истовремено, клучна улога во стабилизирањето на цените има и владината мерка за намалување на ДДВ за горивата од 18% на 10%, која обезбеди директно намалување на цените за 6 до 7 денари по литар и спречи дополнителен ценовен шок.
Со оваа комбинирана интервенција:
- спречен е значителен раст на цените на горивата
- обезбедена е стабилност на пазарот
- заштитен е животниот стандард на граѓаните
- намален е притисокот врз транспортот и економијата
„ Спречивме ценовен шок, ја стабилизиравме цената и обезбедивме конкретно намалување за граѓаните“, истакна министерката Сања Божиновска.
Министерството нагласува дека одговорноста во вакви услови е заедничка и дека позитивниот пример со зголемениот попуст за дизел треба да биде следен и од останатите учесници на пазарот, со цел бенефитите целосно да се рефлектираат во малопродажните цени.
Паралелно, снабдувањето со горива се одвива непречено, државните резерви се стабилни, а сите надлежни институции се во постојана координација и вршат засилени контроли на пазарот. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува целосно посветено на следење на состојбите и, доколку е потребно, подготвено е да реагира со дополнителни мерки, со единствен приоритет – стабилен пазар и заштита на граѓаните и економијата.
Во продолжение интегрално ја пренесуваме изјава на Министерката Сања Божиновска, -министерка за енергетика, рударство и минерални суровини
“Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, преку интензивна и директна комуникација со компанијата ОКТА, иницираше и обезбеди унапредување на условите за попустите на нафтените деривати, со јасна цел – дополнително намалување на ценовниот притисок врз граѓаните и стопанството.
Значајно е да информираме дека ОКТА дополнително го зголеми попустот за дизел од 2 на 3 денари по литар, односно воведе дополнителен попуст од 1 денар, со продолжување на мерката до 6 април. Ова е конкретен резултат на партнерскиот пристап и континуираната координација, со цел директни придобивки за граѓаните и стопанството.
Паралелно, со намалувањето на ДДВ од 18% на 10%, обезбедивме дополнително намалување на цените за 6 до 7 денари по литар и спречивме ценовен шок на пазарот.
Ова е пристап што дава резултат, со активна улога на државата и со заедничка одговорност со приватниот сектор да постигнема заштита на животниот стандард и стабилноста на економијата.”


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Божиновска со низа билатерални средби и пораки за забрзана транзиција на UNECE Resource Management Week
Шеикот Венко од Емиратите: Сепак претседателот на СДСМ има златна виза како менаџер и инвеститор во Обединетите Арапски Емирати
Божиновска од UNECE Resource Management Week 2026: Одлучни политики, силни инвестиции и меѓународна соработка за одржлива енергетска иднина