БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Божиновска: Вратите на Министерството се отворени за студентите – потпишан Меморандум со Машинскиот факултет

Пренеси го гласот

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, потпиша Меморандум за соработка со Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со цел зајакнување на врските меѓу институциите, отворање на нови можности за студентите и унапредување на практичната настава. Документот го потпишаа министерката Божиновска и деканот на Факултетот, проф. д-р Златко Петрески.

Со овој Меморандум се создаваат услови за студентски пракси во Министерството, заедничко учество во проекти, како и организирање на работилници, обуки и конференции. Дополнително, документот отвора пат за долгорочна соработка во областа на енергетиката, машинството и иновациите, како и поголема вклученост на студентите во процесите кои ја обликуваат иднината на енергетскиот сектор.

„Нашата заедничка цел е младите инженери да добијат што повеќе реални искуства уште за време на студиите. Вратите на Министерството се отворени за нив – преку пракси, проекти и дијалог сакаме да создадеме генерации кои ќе бидат подготвени да одговорат на предизвиците на енергетската иднина,“ истакна министерката Божиновска.

Деканот на Машинскиот факултет, проф. д-р Златко Петрески, ја нагласи важноста на ваквиот чекор, посочувајќи дека ова е силен импулс за факултетот и за студентите, кои сега ќе имаат повеќе можности за практична надградба на знаењата.

По повод почетокот на академската година, на Машинскиот факултет беше одржан и мини академски час, на кој министерката Божиновска имаше прилика да се сретне и разговара со студентите. Студентите изложија кои се нивните очекувања од студиите, што би сакале да се подобри во практичниот дел на наставата и на кој начин институциите можат да им помогнат за полесно да се вклучат во реалниот пазар на трудот. Студентите отворено споделија идеи и предлози, а министерката ја нагласи подготвеноста на Министерството активно да им овозможи повеќе практични можности, стажирања и учество во проекти. Таа ги охрабри да бидат активни и да го користат секој простор што им се нуди за практично знаење, но и да ги изнесат своите идеи и очекувања.

„Вашиот глас е важен – вие сте идните двигатели на енергетскиот и индустрискиот развој, а наша задача е да ви дадеме простор да растете и да создавате,“ порача Божиновска.

Министерката Божиновска изрази посебно задоволство од фактот што на Машинскиот факултет сè поголем број девојки ја гледаат својата иднина и избираат инженерски насоки. Таа нагласи дека токму ваквите примери се доказ дека стереотипите во образованието и професиите се надминуваат, а младите жени се сè поактивни во областа на технологијата и енергетиката. „Посебно ме радува што сè повеќе девојки одлучуваат да станат дел од машинството и енергетиката – тоа е силен сигнал дека иднината е во рацете на нови генерации кои ќе внесат свежа енергија и еднакви перспективи,“ истакна министерката.

Со овој Меморандум, Министерството и Машинскиот факултет отвораат ново поглавје во заедничката соработка, кое треба да резултира со силна поддршка на образованието, иновациите и одржливиот развој во земјата.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини доследно ја гради својата соработка со академската заедница, бидејќи токму вложувањето во младите кадри е најважна и само со ваков ангажман можеме да ги задржиме младите инженери во земјата и да ја изградиме новата генерација експерти што ќе ја движи енергетиката напред. Освен меморандум со Машинскиот факултет, Министерството веќе има воспоставено партнерство и со Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), како и со Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Преку овие соработки се создаваат услови студентите да добијат повеќе практични знаења, можности за истражувања и директно вклучување во развојни проекти.

Креирано од:


Пренеси го гласот